м-р Алисија Колевска, развоен психолог

м-р Алисија Колевска, развоен психолог

Wellbeing - Blog and Online Counseling
веб-страница: www.wellbeing.mk
е-пошта: wellbeing.alisija@gmail.com

Повеќе од авторот

Самопочитта е значајна за здравиот развој на децата. Во повеќе студии е откриено дека високата детска самопочит е поврзана со поголем успех подоцна во животот. Дали и колку детето ќе верува во себе, во голема мера е одговорност на родителите

Децата со висока самопочит имаат поголема сигурност во испробување нови активности и се чувствуваат горди на своите достигнувања. Иако никогаш не е пријатно да не се успее, овие деца ја поседуваат емоционалната способност да се справат со недостигот на успех, како и да ја задржат храброста да се обидат повторно.

Децата може да бидат чувствителни и да се најдат во врсничка група која не им е наклонета, па затоа од огромна важност е како ќе се однесуваат родителите. Клучно е детето да има здрава „резерва“ на самопочит, која ќе ги ублажи непријатностите предизвикани од други деца.

Учењето да се сака себеси и да верува во сопствените способности на детето ќе му понуди придобивки во текот на целиот живот

Следните стратегии имаат цел да помогнат детето да се чувствува добро во себе:

1. Безусловна љубов. Секое дете треба да верува дека без разлика дали ќе успее или не, неговите родители сѐ уште го сакаат и ќе продолжат да го поддржуваат. Важно е да се земе предвид неповолното влијание на детското верување дека е сакано само кога се однесува на определен начин или постигнува специфичен резултат.

2. Помош за поставување остварливи цели. Има неколку нешта што се покорисни за самопочитта од успехот. Потребно е да се работи на одредувањето на цели што не се превисоки за детето. Пожелно е да се започне со цели кои се многу лесни за достигнување, така што детето ќе ги почувствува успехот и самодовербата што доаѓа со него. На пример, добра цел би била детето да си ја исчисти собата.

3. Акцентирање на истрајноста. Успехот и истрајноста одат рака под рака. Доколку се поттикне храброста на детето за истрајност, му се дава до знаење како да биде успешно. Корисно е да се пофали детето кога се наоѓа пред поголем предизвик и да се охрабри да не се откажува. Личниот пример на родителот е еден од начините да се демонстрира што значи да се биде истраен.

4. Овозможување на детето да избира. За да има самопочит, детето треба да поседува извесна контрола над својот живот. За таа цел, добро е да му се овозможи на детето да избира. Тоа едноставно може да се изведе, на пример, со дозволување на детето да избере помеѓу две опции за појадок.

5. Обесхрабрување на совршенството. Обидот детето да биде совршено е игра во која не може да се победи. Самопочитта на детето ќе биде нарушена кога ќе сфати дека никогаш нема да биде совршено. Наместо тоа, посочувањето на детето дека неговиот труд и напредок се вреднувани е вистинскиот начин.

6. Избегнување преголема пофалба. Детето знае кога пофалувањето е прекумерно. Пофалбата е оправдана кога признанието е соодветно на вложениот напор. Докажано е дека претераната пофалба повеќе ѝ штети на детската самопочит отколку што ја зајакнува.

7. Овозможување детето да чуе кога е пофалено. На детето му се зголемува самопочитта кога ќе слушне дека родителот го фали пред друг возрасен. Децата секогаш го посматраат родителот, па зошто тоа да не се искористи како предност?

8. Водење грижа за себе. Кога родителот добро се грижи за себе, детето има модел преку кој учи како да си биде приоритет на себеси.

Несомнено е дека високото самопочитување во детството доведува до поголема среќа и самодоверба. Родителските постапки во домот можат да имаат значително влијание врз иднината на детето. Секој родител го сака најдоброто за своето дете и негова одговорност е да вложува во најдобриот можен начин да го постигне тоа. Учењето да се сака себеси и да верува во сопствените способности ќе му понуди придобивки во текот на целиот живот.



912

X