Игротека

„Кога стомакот ти изгледа како да си голтнал пораснато дете…“

Бремените жени едноставно се преслатки, прекрасни, со мало заоблено стомаче, облечени во модни комбинации за трудници и едноставно сјаат. Но, има и бремени што се толку многу големи, што и оние што не ги познаваат сметаат дека тоа не е добро за нивното здравје. Тоа се жени што никогаш нема да ги видиме во реклами за облека за трудници.

Рита Темплетон, мајка на четири деца, била една од таквите. „Колку и да сакав да бидам во категоријата слатки бремени жени, тоа не ми било судено бидејќи во четирите бремености добивав по најмалку 20 килограми, и покрај тоа што практикував зумба речиси до крајот на бременоста. Не знам дали се работи за генетика, бавен метаболизам или само за лоша среќа, но во секоја бременост бев голема како брод“, изјави оваа мајка за порталот Scary mommy, објаснувајќи дека бремените жени со големи стомаци имаат неколку заеднички проблеми што другите ги немаат:

1. Луѓето зјапаат во тебе

Кога твојот стомак изгледа како да си голтнал пораснато дете – луѓето зјапаат. Некои тоа го прават суптилно (но многу лошо), а некои едноставно зјапаат со отворена уста. Понекогаш покажуваат со прст кон тебе и ја потчукнуваат личноста до нив. Знаеш како се чувствуваме ние? Обиди се да одиш низ продавница во гумен комбинезон и со перика од кловн.

2. Груби коментари

Се разбира, кога зјапањето не е доволно, секогаш постојат и коментари. Според моето искуство, таквите коментари се случуваат речиси при секое излегување во јавност и можат да се поделат во три категории. Прво, постојат коментари што се прифатливи, но заморуваат, како прашањата: „Ти помина ли терминот?“ или „Уште колку имаш до породувањето?“ Потоа, постојат и такви што се претерани, во смисла: „Боооо, сигурна си дека чекаш само едно бебе?“ или „Леле, за гревота, ова изгледа болно“. Третата категорија е резервирана за неверојатна непристојност: „Огромна си“ или „Господе Боже, дали е можно да си толку голема? Јас никогаш не сум била толкава!“

3. Проблеми со облеката

Облеката за бремени е модерна кога изгледаш како просечна бремена жена. Но кога имаш стомак со големина на соба за бебе-слонче, сè што ќе облечеш изгледа како циркуски шатор. Добрата облека е резервирана за стандардни величини, додека ти си осудена да го носиш она што дизајнерите го искомбинирале од вишокот материјал што им останал. И не помислувај да позајмуваш облека од пријателки бидејќи повторно ќе се разочараш.

4. Проблеми со кабините за преслекување

Како самото купување облека во овој период да не е доволно стресно, па тука се и кабините за преслекување што се исклучително мали во повеќето продавници. Знаеш ли колку е тешко да пробуваш панталони кога едвај можеш да се свртиш во кабината? Да не споменувам и колку се депримирачки огледалата во тие кабини каде што од сите страни можеш јасно да видиш дека листовите од нозете ти се споиле со глуждовите?

5. Непријатни ситуации

Во текот на бременоста твоето тело за релативно краток период се менува драстично, особено ако станеш суперголема. Затоа е лесно да ја потцениш својата големина кога, на пример, се обидуваш да излезеш од автомобилот на тесно паркинг-место или, пак, мораш да се преместиш на поголема маса во ресторанот бидејќи си заглавила во обидот да седнеш покрај помала маса (да, тоа ми се случи мене…)

6. Грациозност – нула бодови

Едноставно, не постои начин да се движиш грациозно кога твојата предна страна се истакнува толку нанапред. Одиш како патка со хемороиди, но не можеш да си помогнеш. Не дај Боже да си таква во зимски месеци кога снегот и мразот можат дополнително да ти го отежнат и онака тешкото движење.

7. Проблеми со килограмите

Најчесто големиот стомак кај бремените значи и многу килограми плус. Секогаш е забавно кога на прегледите гинекологот ти држи предавање за вишокот килограми, бидејќи ако си како мене – не си добила на тежина само однапред, туку насекаде. Дури и носот ми стана поголем.

8. Мамутски маратон

Последните недели од бременоста дури и жените со помал стомак доаѓаат до момент кога се чувствуваат огромни. Но за нас, кои навистина сме огромни, тоа чувство се јавува многу порано. Твоето меше е како планина, а  немаш само недели, туку месеци пред породувањето. Се мачиш со врзувањето на врвките од обувките, со лакирањето нокти, со депилирањето. И можеш да ги доживееш сите „волшепства“ на бременоста кои досега ги опишував, барем во половина од бременоста.
Гледано од поведрата страна, постојат неколку предности ако изгледаш како секој момент да треба да се породиш: луѓето секогаш ти нудат место за седење или сакаат да ти помогнат, а можеш да се извлечеш и од многу работи, на пример, од казна за брзо возење

 

Поврзани написи

To top