Бременоста може да биде еден од највозбудливите периоди во твојот живот, исполнет со навидум бесконечен број прашања. Земи воздух длабоко и запиши ги овие прашања за да можеш да му ги поставиш на гинекологот на првиот пренатален преглед.

Кога ќе откриеш дека си бремена, би требало веднаш да договориш преглед кај гинеколог.

Ова се најчестите прашања за кои се интересираат бремените жени:

1. Колку килограми плус треба да добијам во бременоста?

Тоа зависи од твојата тежина пред бременоста. Гинекологот ќе го пресмета твојот индекс на телесна маса за да може да те води низ здраво покачување на тежината во текот на целата бременост. Меѓутоа, општо правило е дека жените со здрава тежина добиваат околу 10 килограми во текот на бременоста, жените со помала тежина – околу 15, а жените со прекумерна тежина во просек добиваат од 5 до 10 килограми.

2. Дали можам да продолжам со вежбањето?

Ако имаш режим на вежбање во кој уживаш, гинекологот најверојатно ќе те советува да продолжиш со вежбањето. Ако немаш никаков режим за телесни вежби, тој веројатно ќе те поттикне да почнеш со вежби. Телесните вежби помагаат да се задржи соодветната тежина на телото, но исто така го намалуваат ризикот од гестациски дијабетес, прееклампсија и царски рез. Освен тоа, ќе имаш и повеќе енергија!

3. Што се случува ако имам историјат на одредени болести и здравствени проблеми?

Една од најважните работи за кои треба да разговараш со гинекологот е твојот историјат на болести. Бременоста обично е состојба на блаженост, но и тоа како може да влијае врз твојот организам и да влоши определени здравствени состојби.
Некои вообичаени состојби што влијаат врз бременоста се дијабетесот, високиот крвен притисок, напади, депресија и хипо или хипертиреоза. Секако, треба да го известиш гинекологот за сите здравствени проблеми што си ги имала, сите оперативни зафати и какви било проблеми со антибиотици или анестезија.

4. Дали сите лекови што ќе ги земам во текот на бременоста се безбедни?

Направи список со сите лекови, додатоци во исхраната и билки кои моментално или вообичаено ги користиш. Не се сите лекови или додатоци безбедни во текот на бременоста, затоа е добро на првиот преглед да се утврди што смееш, а што не смееш да користиш.

5. Дали треба да земам витамини во текот на бременоста?

Иако е најдобро да се почне со одредени витамини и пред бременоста, односно во текот на планирањето – никогаш не е доцна. Прашај го својот лекар дали препорачува одредени витамини и минерали.

6. Дали како бремена жена треба да се вакцинирам?

Во текот на бременоста можат да се примат вакцини против тетанус, грип, пневмококи, специфичен имуноглобулин против сипаници, хепатит А и Б, овчи сипаници и беснило. Сите други вакцини треба да се примат пред бременоста. Во секој случај, за вакцинирањето разговарај со својот лекар и дознај подетални информации околу ова прашање на почетокот на бременоста.



912

X