Главна тема во училиштата и во градинките деновиве се подароците за професорките, наставничките, учителките, негувателките… По колку пари ќе се собираат, каков подарок да се избере, дали тоа да биде ваучер, чанта, парфем, накит… Со ваквиот пристап се губи првичното значење на денот. Со ваквиот однос во образовните институции се поставува прашањето каква порака им праќаме на децата?
Нека ни е честит 8 Март – Меѓународниот ден на жените, празник на економските, политичките и општествените достигнувања на жените.
Иако главно се одбележува со подарување цвеќиња и бонбониери, па дури и со скапи подароци и прослави, овој празник треба да нè потсети на загрозените права на вработените жени.
Секоја година се повторува и се потсетува на важноста на денот, но сѐ додека не се примени и промени статусот на жената, како и на денот, секоја преповторена реченица е релевантна. Иницијативата за ден посветен на сите жени на Втората меѓународна конференција на жените социјалисти во 1910 година во Копенхаген даде феминистката Клара Цеткин. Во 1975 година Обединетите нации го прогласија Осми март за Меѓународен ден на жените.
Одбележувањето е одлика на општествено-политичкиот контекст
Кај нас деновиве во училиштата и во градинките главна тема се подароците за професорките, наставничките, учителките, негувателките… По колку пари ќе се собираат, каков подарок да се избере, дали тоа да биде ваучер, чанта, парфем, накит… Идеите се многубројни. И главниот фокус при интерпретацијата за тоа што е 8 Март во училиштата и во градинките е дека тоа е денот на мајката. Се подготвуваат песнички, приредби, есеи, ракотворби на тема „мајка“. И несомнено мајката е најсилната женска фигура во животот на децата и заслужува многу повеќе од песничка, а наставничките – почит и внимание, но значењето на денот е сосема поинакво, а одбележувањето несоодветно. Со ваквиот однос во образовните институции се поставува прашањето каква порака им се праќа на децата?
Според Јана Коцевска, основачка на „Тиииит! Инк“, здружение на граѓани за промоција на женската активност, начинот на кој се одбележуваат празниците е одлика на општествено-политичкиот контекст.
– Во периодот кога во земјава биле развивани силни синдикални движења, зајакнување на работничката класа и формирање работничко самоуправување, празникот во Македонија се одбележувал за да се прослават успесите на жените работнички во поглед на зголемување на платите, унапредување на репродуктивните политики, намалување на работните часови, унапредување на работничките услови и слично, што суштински придонело за унапредување на позицијата на жените во општеството. Денес, 8 Март влегува во пазарната неолиберална логика, со што на овој ден пред извесно време почнаа да се нудат на пазарот и да се купуваат нескромни подароци за мајките и учителките, губејќи го првичното значење на празникот што жените во почетокот на 20 век го одбележуваа со политички конференции, протести и мировни собири како одговор на зачестените воени дејства. Тоа е период кога жените самостојно се избориле за правото на глас, за правото на образование, со што таквата еманципација предизвикала да се кренат на бунт за нееднаквоста и обесправениот свет – истакнува Јана.
Потребен е државен стратешки приоритет за родово сензитивно образование
На прашањето каква основа треба да им се даде на децата за да ја сфатат вистинската поента на Денот на жената, таа вели:
– 8 Март е Меѓународен ден кој ја одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност. Тоа што е потребно во образованието е вклучување на родовата компонента, особено во оној дел од образовниот систем кој се однесува на хуманистиката. Децении наназад гледаме како се распаѓа образовниот систем. Потребно е државата стратешки да се насочи кон развој на научноистражувачка дејност, а во однос на родовата еднаквост, би требало тоа да претставува стратешки приоритет за родово сензитивно образование, што верувам дека би започнало со стручна спрема на наставниот кадар, со бришење на родовите стереотипи и хетеронормативните содржини во учебниците. На пример, во курикулумот по историја да се воведат содржини од социјална историја наместо само да се изучуваат хегемонистичките центри на моќ и нивните воени потфати – за кои знаеме дека се исклучиво водени од патријархална логика и национален порив – посочува Коцевска.
Можеби не е потребен универзален пристап во одбележувањето на денот, но дефинитивно е потребно фокусот да се стави на првичното значење на празникот.
– Доколку се воведе универзално правило како да се одбележува Денот на жената, сметам дека таквата практика би била наметнувачка и дека нема да го реши суштинскиот проблем на родовата нееднаквост. Клучно е образованието, клучни се политичките одлуки кои суштински ќе донесат промени. „Тиииит! Инк.“ има една мала иницијатива која ја спроведува заедно со млади едукатори во неколку средни училишта во земјава. Тоа се мали чекори, но многу значајни. На овие часови разговараме за нееднаквостите и навистина младите имаат потреба да зборуваат на темата, така што би сакала да верувам дека ваквите теми ќе бидат дел од формалното образование и ќе се разговара за позицијата на жените во општеството – споделува таа.
912