Игротека

7 класични цртани филма со животни лекции за децата

Анимираните филмови се форма на медиум во која децата најмногу уживаат. Приспособени на нивната возраст, интереси и вкусови, тие можат да бидат идеален извор од кој децата несвесно ќе учат и ќе примаат силни воспитни пораки.
Во продолжение ви нудиме листа со седумте најдобри класични анимирани филмови на сите времиња, со напомена што е тоа што филмот го прави идеален за да го гледаат децата.

1. Снежана и седумте џуџиња (1937)

„Снежана и седумте џуџиња“ е првиот долгометражен анимиран филм во историјата. Ја воодушевил тогашната публика, а класичната приказна на браќата Грим ни денес не престанува да ги интересира децата. Освен што ги следи авантурите на Снежана, ловецот, кралицата и џуџињата, приказната нуди и важни животни лекции.

Пред сè, покажува дека во секој човек може да се најде доброто, токму како што Снежана веруваше дека и во ловецот постои нешто добро.
Исто така, нè учи и на важноста на пријателството, посебно во тешките животни ситуации како кога Снежана останува без свој дом. Една од можеби најважните лекции за децата од раното и средно детство е дека мора да бидат внимателни во однесувањето со непознати лица, никако да не им ја отвораат вратата веднаш или да разговараат со нив на улица.

2. Пинокио (1940)

Симпатичната кукла од дрво изработена во столарска работилница донесува низа животни лекции, а една од нив е важноста на позитивниот однос со родителот.

Родителите се најважните лица во животот на секое дете, а односот со нив е од пресудна важност за целиот натамошен психички и емоционален развој на детето.
Пинокио од самиот почеток има многу негативен однос кон својот „татко“ Џепето; го исмева штом се сврти и нема намера да ги слуша неговите упатства за одење на училиште, што резултира со низа непријатни ситуации во кои запаѓа. Но попатно тој учи дека „вистинските момчиња“ мора да бидат искрени, чесни и најдобрата верзија од себе.

3. Авантурите на Вини Пу (1977)

Екранизацијата на детската приказна од Милн ги воодушевува генерациите, а од мечето и неговите пријатели децата можат да научат многу лекции, како оние за различноста, заедништвото, неволјите што ги носи алчноста (бидејќи мечето постојано запаѓа во проблеми кога ќе посегне по уште една лажица мед), но и за вистинското пријателство, без оглед во која форма доаѓа.

4. Малечката сирена (1989)

Сирената која се откажала од морскиот живот и ја жртвувала својата опашка за вистинската љубов можеби на прв поглед не се чини како најдобар пример за децата, но ако изгребеме под површината, ќе видиме дека анимираниот филм базиран врз класичната бајка на Андерсен има многу посилна порака.

Имено, Ариел е личност која со чисто срце се бори за она што го сака. Свесна е за она што најмногу ја усреќува и подготвена е да се жртвува за тоа онолку колку што е потребно, внимавајќи сепак да не повреди никого.

5. Убавицата и ѕверот (1991)

Уште една класика од Дизни ќе ги поучи децата не само на лекции за вистинската љубов туку и за жртвувањето, она најуочливото, неважноста на нечиј надворешен изглед, туку на внатрешната убавина и карактер. Ликот на Ѕверот е идеален пример со кој можете да му објасните на детето дека средината често суди според изгледот, но и да го предупредите дека тоа не е во ред.

Напоменете му дека никој не треба да го проценува според изгледот, туку според личноста и карактерот. При гледањето на овој анимиран филм можете да повлечете и паралела со филмот „Чудо“, кој исто така ѝ приоѓа на проблематиката на судењето врз основа на изгледот.

6. Ноќен кошмар пред Божиќ (1993)

Малку поинаков филм на нашиот список, од творечката палка на Тим Бартон, кој е далеку од романтичните идеи на „Дизни“, но еднакво е важен за секое дете.
Во овој филм го запознаваме Џек О’Лантер, јунакот на местото Хеловин, кое има децениска традиција на прославување на овој ден. Но, кога Џек сосема случајно ќе открие дека во некој друг свет постои нешто што се вика Божиќ, сака истото да го пренесе и во својот крај.

Преку неговиот пример децата можат да учат за тоа дека тревата на соседот не е позелена и дека не можеме нешто да добиеме сосила, дури ни со киднапирање на Дедо Мраз.
Не треба да се споредуваме со другите, туку треба секојдневно да работиме на себе и единствено да се споредуваме со најдобрата верзија од себе, токму како што на Џек му успева на крајот.

7. Кралот лав (1994)

Оваа класика за Симба и неговиот пат на созревање на многумина им е омилен филм.
Малечкиот Симба, идниот крал на Земјата на гордите, уште од своето раѓање е воспитуван да стане крал. И тој го сака тоа повеќе од сè, без оглед на сите препреки што лошиот Скар ги става пред него. Токму како Симба, децата треба да веруваат дека секој сон што го имаат може да се оствари кога ќе пораснат.

Овој филм е и добар пример за нешто за што ќе станете свесни по дваесетина години: минливоста и кругот на животот. Тоа никако не значи дека од најрана возраст со децата треба да разговарате за смртта, но доколку се случи таков настан во семејството, искрено поразговарајте со нив и повикајте се на овој филм.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top