Децата се однесуваат во предвидливи обрасци, вели Мишел Борба, автор на „Големата книга за родителски решенија“. Обично се однесуваат на ист начин кога се изморени, гладни или вознемирени – а работа на возрасните е да се справат со ситуацијата соодветно. Ако се игнорираат знаците на детето, тогаш тоа е една од неколкуте дисциплински грешки што родителите постојано ги прават, но поправањето на грешките прави голема разлика во родителското искуство. Експертите зборуваат за најчестите дисциплински грешки, а нудат и лесни решенија.
Преголем негативизам
„Не удирај ја сестра ти!“, „Престани да го влечеш кучето за опашката!“ Многубројни се ваквите работи што му ги кажувате на вашето дете од претшколска возраст. Кое е решението? Побарајте го однесувањето што сакате да го видите. Никој не сака да одгледува дете кое не разбира што се тоа граници, но родителите често велат „не“ кога детето не слуша, па зборовите ја губат моќта – вели д-р Борба. Често им велиме на децата да не прават нешто без да им дадеме опција што е она што треба да го прават – забележува д-р Линда Сона, автор на книгата „Сè за мали деца“. Фокусирајте се на тоа да им кажувате на децата како треба да се однесуваат, па наместо „Не стој во кадата!“, кажете му: „Во кадата седиме бидејќи е лизгаво“. Потоа, кога ќе забележите дека детето ве послушало, упатете му пофалба за стореното.
Преголеми очекувања од децата
Седите во црква и детето почнува да вика. Откако ќе го замолчите, повторно го прави истото. Зошто не ве слуша? Решение: Бидете учител. Многу младите деца сè уште не развиле импулс за контрола и не ги научиле општествено прифатливите однесувања. Кога детето ќе прекрши некоја норма, потсетете се дека тоа не се обидува да наштети, туку само не знае како да се однесува во зададена ситуација. Фокусирајте се на тоа да му покажете како сакате да се однесува, па нежно речете му: „Јас сум тивок/тивка бидејќи сум во црква, но ако ми треба нешто од тато, се наведнувам кон него и му шепнувам“. Потенцирајте и што прават другите: „Гледај како Чарли бои додека чека да му пристигне оброкот“. Децата се родени мимичари, па одвлекувањето на вниманието кон нешто што сакаме тие да го прават – функционира.
Моделирање на однесување кое не сакате да го гледате
Кога ќе ви падне нешто, викате. Човек ви го пресекува патот и вие го навредувате. Но, потоа се лутите кога и децата така се однесуваат кога нешто не им е по ќеф. Решение: Извинете се и поправете се. Ако викаме, и нашите деца ќе викаат, вели Девра Ренер, коавтор на „Мајчинска вина“. Тешко е да се биде секогаш „совршен“, па затоа извинете се ако сте згрешиле. „Емоциите се моќни и тешки за контролирање, дури и за возрасните, но ако кажете извини – тоа покажува дека сте свесни за своите дела. Исто така, создавате шанса да зборувате за тоа зошто така сте реагирале и нудите соодветни начини за одговор кога сте фрустрирани – веле Ренер.
Интервенирање кога децата едноставно ви одат на нерви
Слушате како децата се бркаат во домот и веднаш викате. Решение: Игнорирајте селективно. Често родителите сакаат да преземат нешто веднаш кога децата прават нешто што ги вознемирува. Но, да се биде секогаш лошиот знае да биде исцрпувачко, вели д-р Борба. Имајте на ум дека децата некогаш прават работи што не се убави за да истражуваат нови вештини. А некогаш бараат и внимание. Кога безбедноста не е проблем, обидете се да почекате и надгледувајте. Ако 6-годишното дете игра со некој уред користејќи го носот, обидете се да не викате. Видете што ќе се случи ако се однесувате како ништо да не се случува. Најчесто, ако не одговорите, тие престануваат – а и вие ќе бидете посмирени ако не реагирате бурно.
Само зборување без дела
„Исклучи го ТВ… Сериозен/а сум овој пат… Навистина!“ Децата продолжуваат со лошото однесување кога предупредувањата се празни – затоа што нема последици. Решение: Поставете граници и следете ги. Втори шанси, преговарање и слично ја минимизираат соработката, вели д-р Роберт Мекензи, автор на „Поставување граници со вашето дете со силна волја“. За да ги научите децата да ги следат правилата, имајте јасни очекувања, а потоа преземете нешто ако правилата се прекршени. Ако сакате детето да стане од каучот и да напише домашна, започнете со директни реченици, но со почит: „Те молам исклучи го телевизорот сега и напиши ја домашната“. Ако го следи тоа, заблагодарете му се. Ако не, нека има последица: „Го гасам телевизорот сега. Додека не напишеш домашна, привилегијата да гледаш ТВ е суспендирана“.

Неефективно користење на слободното време
Кога го испраќате вашето 3-годишно дете в соба бидејќи го удрило својот брат, почнува да ја удира главата од подот од бес. Решение: Имајте предвид време за вклучување. Тајмаут е шанса за детето да се смири, а не за да се казни. Некои деца реагираат добро на сугестијата да одат во тивка соба додека не се смират. Но други гледаат на тоа како на одбивање, па тоа дополнително ги вознемирува, а и не ги учи како треба да се однесуваат. Како алтернатива, д-р Сона препорачува „време за вклучување“, кога вие седнувате до вашето дете и сте тивки. Ако е вознемирено, го држите во прегратка додека не се смири. Потоа, смирено му објаснувате зошто однесувањето не е во ред. Премногу сте лути за го тешите? Дајте си себеси тајмаут, смирете се, па потоа дискутирајте како би сакале детето да постапи. Може да кажете: „Што можеш да направиш наместо да го удриш брат ти кога ќе ја земе твојата играчка?“
Претпоставување дека она што функционира кај едно дете ќе функционира и кај друго
Најдобриот начин да се справите со жалењето на детето е да се спуштите на ниво на неговите очи и да му објасните дека неговите дела мора да се сменат. Но, се случува детето да биде поагресивно и да одбива да слуша. Решение: Создајте „кутија со различни алатки“. Лесно е да се обвини детето кога дисциплинската техника не е успешна. Но, додека едно дете можеби одговара на вербален потсетник за она што е прифатливо, друго може да има потреба да се соочи со последицата за да се подобри. Треба да се биде цврст со едно дете, а помирен со друго, во зависност од неговиот карактер и потреби, па така треба да се приспособуваат и стиловите за учење – вели Авивија Пфлок, коавтор на „Мајчинска вина“. „Казната треба да одговара на делото – и на детето“.
Автор: Кети Ранк Лев