Здравје

Шест работи што ги научив по спонтан абортус: Не е како обилна менструација

Спонтаните абортуси се многу чести, иако сè повеќе се зборува за нив, тоа не е лесна тема за разговор. Околу 10 до 20 % од бременостите завршуваат со спонтан абортус, но вистинската бројка е веројатно поголема, според клиниката „Мајо“. Затоа сè повеќе жени ја објавуваат својата вест за бременост дури во второто тримесечје.

Така вели и Аманда Ален-Херм, авторка на веб-страницата „Моќната“.

-Возбудени сме, но им кажувам само на луѓето кои би ме поддржале сега во случај на спонтан абортус – им рекла Аманда на своите пријатели бидејќи ги знаела статистиките, а самата се борела со синдром на полицистични јајчници и хипотироидизам.

-Сопругот и јас разговаравме со малото бебе што растеше во мене секоја вечер. Секојпат кога одевме на шопинг, завршувавме во делот за бебиња. Купувавме неколку комплети и ги закачувавме во нашата спална соба за да можеме да ги гледаме додека заспивавме, надевајќи се на нашето идно дете – започнува Аманда.

Но, на нејзиниот прв ултразвук таа открила дека нема отчукувања на срцето на бебето. Иако била свесна дека спонтаните абортуси се чести и ги знаела симптомите, реалноста силно ја погодила.

-Во рок од шест часа, јас и мојот сопруг седевме в кревет, плачевме, се гушкавме и прифаќавме дека оваа прва бременост нема да ни донесе дете во следните седум месеци – рекла таа.

Колку и да се обидувала да се подготви за ова патување, имало неколку работи со кои посакувала да била подготвена да се соочи.

Можеби не ја знаете причината веднаш

-Почнав да забележувам крвавење во среда. До 20 часот таа вечер ми се појавија темноцрвени згрутчувања. Разговарав со мојот лекар по телефон, а тој предложи итен ултразвук следниот ден наутро. Крвавев цела ноќ, отидов во ординација, ја направив процедурата, а потоа ме пратија дома. Крварев 48 часа, мислејќи на најлошото, плашејќи се од следното одење во тоалет, пред мојот лекар гласно да ги каже зборовите „спонтан абортус“. Тој дури објасни дека во седмата недела од бременоста може да биде тешко да се види што се случува на ултразвук и дека би сакал да го потврди ова со тестирање на нивоата на HCG во текот на неколку дена, иако беше прилично сигурен дека бременоста се ближи кон крајот – се потсетила таа.

Потоа дознала дека киретажата е опција во зависност од тоа колку ткиво поминало, колку долго крвавела и колку брзо паѓале нејзините нивоа на HCG. Таа чекала долго време за одговор, но дури 13-тиот ден откако почнала да крвави, добила негативен HCG тест, а потоа открила дека нејзината бременост е завршена.

Спонтан абортус не е како менструација

-Мислев дека спонтан абортус во седмата недела ќе даде чувство како менструација. Сега знам подобро. Дури и да не знаев дека сум бремена, ако мислев дека ова крвавење е менструација, ќе одев во болница. Крвавењето беше обилно, траеше неколку дена и имаше неколку згрутчувања. Три дена откако почнав да крвавам, паднав на колена од болка. Му објаснив на мојот сопруг дека чувствувам како нож да ми го сече стомакот – рекла таа.

Подоцна, вели таа, открила дека нејзината матка се контрахира, што се случува и за време на породувањето по 40 недели од бременоста.

Можеби ќе треба да се борите за слободно време од работа

-Не секој ќе разбере колку е разорен спонтаниот абортус. Иако мојот шеф беше многу поддржувачки настроен, политиките на мојата компанија и одделот за човечки ресурси не го одразуваа тоа – вели таа.

Аманда поминала часови и часови разговарајќи со нејзиниот лекар и со одделот за човечки ресурси за да дознае колку денови боледување може да земе.

Вашата следна менструација ќе биде различна

-Денот пред да ја добијам првата менструација по спонтаниот абортус не можев да престанам да плачам. Имав неколку епизоди на интензивно плачење што ми го отекоа лицето и ми го отежнаа дишењето. Му кажав на сопругот дека се чувствувам лудо и како да не можам да ги разберам своите емоции – се сеќава таа.

Некои луѓе ќе кажат неодговорни работи

Како што често се случува во животот, луѓето ќе сакаат да ви помогнат, но ќе кажат неодговорни работи.

-Се обидов да имам разбирање во врска со ова. Можеби не знаат што да кажат и тоа може да биде поттик за она низ што поминале. Мојот најголем совет е да постават граници уште рано – советува таа.

Вашето бебе и вашата бременост се важни без оглед на околностите

За жал, многу жени што имале спонтан абортус, исто така, мора да се справат со коментари дека бременоста „не е валидна“. Аманда нагласува дека ова мислење не е релевантно за неа и дека тагувала колку што требало.

Со оглед на големата загуба што ја претрпела, Аманда направила мала кутија за спомен за нејзината бременост, во која имало тест за бременост и прекрасна стаклена боровинка што претставувала колку пораснал фетусот.

Ако доживеете спонтан абортус, знајте дека не сте сами. Има многу други луѓе што поминале низ ова и се спремни да ве поддржат на кој било начин.

Автор: Ана Дукиќ

Извор

Поврзани написи

To top