Преференциите во љубовта често се повторувале според слични обрасци низ различни култури, што било потврдено и со антрополошки истражувања. Биолошкиот антрополог и научник д-р Хелен Фишер објаснува дека истите трендови се појавуваат и во племенските заедници и во современите општества.
Според нејзините зборови, луѓето избирале партнери според низа фактори, од темпото на врската до социо-економскиот статус, вредностите и целите, па дури и мозочната хемија, преку системите на допамин, серотонин, тестостерон и естроген. Сето тоа го обликувал изборот на партнер.
Врз основа на нејзиното истражување спроведено кај 50.000 луѓе, д-р Фишер открила дека интелигенцијата е особината која испитаниците најчесто ја наведувале како најпривлечна. Таа истакнува дека 80 отсто од слободните луѓе сметале дека е клучно да имаат партнер со слично ниво на интелигенција, а 89 отсто би биле во врска со некој значително пообразован.
Д-р Фишер нагласува дека тоа не треба да изненадува бидејќи интелигенцијата се поврзува со повисоки примања, креативност, хумор, социјални вештини и способност за решавање проблеми.

Интелигенцијата како афродизијак
Нејзините истражувања покажале дека луѓето најчесто се заљубуваат во личности со сличен начин на размислување, што го потврдуваат и податоците собрани со години на платформите „Match.com“ и „Chemistry.com“. Според наодите на Фишер, лицата склони кон ризик и новитети (таканаречени „истражувачи“), под поголемо влијание на допаминскиот систем, најчесто избирале слични партнери исто како и „градителите“, тип поврзан со серотонински систем кој ги цени традицијата, редот и стабилноста.
Наспроти нив е таканаречениот „тестостеронски профил“, кој најчесто гравитирал кон спротивниот тип – интуитивните и емпатичните „преговарачи“, обележани со естрогенски систем.
Заклучоците на Фишер нагласуваат дека никој не е чиста верзија само на еден тип, но дека во рамките на потенцијално компатибилни групи луѓето сепак потсвесно се водат според интелектуалната сличност. Таа истакнува дека постојат повеќе видови интелигенција и дека привлечноста често се појавува дури кога личноста има можност да ги покаже своите квалитети.
Како што вели таа: „Интелигенцијата е афродизијак“ бидејќи подлабокото познавање на партнерот ја засилува привлечноста и ги активира мозочните системи поврзани со интензивна романтична страст.