Појавата на бенки на кожата на вашите деца не треба да ве загрижува. Нови бенки се појавуваат и во детството и во адолесценцијата. Како што расте детето, така бенките стануваат поголеми. Исто така, нормално е бенките да стануваат потемни или посветли, а некои од нив може и да исчезнат.
Околу едно на 100 бебиња се раѓа со бенка. Тоа се конгенитални бенки наречени белези. Тие се најчесто со поголем дијаметар.
Некои промени може да сугерираат дека бенката прераснува во меланом кој, доколку се дијагностицира во рана фаза, може да се излекува. Како и да е, меланомот е многу редок кај децата.
Ризик-фактори за појава на меланом се:
– генски, позитивна фамилијарна историја за меланом;
– долготрајна изложеност за сонце;
– изгореници на кожата во рана возраст;
– многу бенки;
– атипични бенки;
– намален имунитет;
– по радиотерапија.
Раното откривање на промените на бенките е клуч за успешно лекување на карциномот на кожата – меланом.
Затоа, прегледувајте ги вашите деца целосно, однапред-наназад, лево, десно, со кренати раце, под пазувите, дланките, стапалата, меѓу прстите, глутеусите и гениталната регија. Запознајте се убаво со нивните бенки и други белези, запаметете ги визуелно или фотографирајте ги за да може полесно да забележите доколку се случи некоја поголема промена.
Посетете го вашиот матичен лекар доколку забележите некои од долунаведените промени кај бенките. Тој ќе ви укаже дали промените се нормални или абнормални и дали ќе има потреба за дополнителни испитувања кај дерматолог.
Ризични бенки:
1. Бенка што брзо се менува. Секоја бенка што расте и се шири повеќе од другите или драстично ја менува бојата мора да се провери.
2. Бенки што имаат назабена периферија, нерамна површина, асиметрични се или имаат повеќе бои.
3. Бенки со дијаметар поголем од 6 мм.
4. Бенки што крвават спонтано или по иритација.
5. Повеќе бенки. Ако вашето дете има повеќе од 50 бенки, мора да биде прегледано од дерматолог.
Заштитувајќи ја кожата на вашето дете од сонце сега, го намалувате ризикот од меланом или други кожни карциноми во подоцнежните години од неговиот живот!
912