Воспитување

5 правила за безбедност што треба да ги знаат сите четиригодишни деца

Пети Фицџералд, експерт за безбедност, смета дека родителите треба да ги научат своите деца на овие пет правила.

Од учењето за безбедност во сообраќајот до учењето за тоа како треба да постапуваат ако им пристапи странец, постојат премногу работи што малите деца не можат веднаш да ги разберат. Пети Фицџералд, основач на организацијата „Сејфли евер афтер“ и автор на многу книги за безбедност на децата, издвојува пет правила за безбедност за кои смета дека задолжително треба да ги знае секое дете до четири години:

1. Имињата на родителите и домашната адреса

Ако малите деца треба да запомнат една работа, тоа секако мора да се имињата на родителите и домашната адреса. Во секој случај, добро е за децата да ги знаат овие информации ако некогаш се загубат.

2. Твоето тело е само твое

Сите деца треба да знаат дека нивното тело е само нивно и на никој друг, како и дека имаат право да му кажат „не“ на кого било ако не се чувствуваат пријатно. Ако некој им прави нешто што не им се допаѓа, важно е да знаат дека смеат да речат „не“ и да го изразат своето несогласување.

3. „Безопасните“ возрасни не прашуваат за помош

Пети Фицџералд истакнува дека возрасните луѓе што бараат помош од деца не се сигурни. Ако на возрасно лице му треба помош, ќе праша друго возрасно лице за совет, а не дете. Таа нагласува дека е многу важно децата да знаат која личност е сигурна, односно безопасна, а која потенцијално може да биде опасен странец.

4. На кои непознати луѓе да им се обратиш

Иако децата треба да бидат свесни за странците, исто така би требало да знаат дека не се сите странци опасни. Од организацијата „Сејфли евер афтер“ советуваат дека е многу важно децата да знаат дека постојат луѓе на кои можат да им се обратат за помош ако се загубат. Но, исто така, советуваат дека прва опција треба да бидат луѓето од итните служби, како полицијата, здравствените работници или пожарникарите. Ако во близина нема никој што работи во тие сфери, најдобра алтернативна опција се други родители со деца.

5. Не јади ништо што ти нуди непознато лице

Децата не треба да прифатат или да јадат нешто што им го нуди непознато лице или што не го препознаваат како храна.

Се разбира, постојат и многу други правила за безбедност кои децата треба да ги учат како што ќе растат, како безбедност во сообраќајот или во вода, а кои се еднакво важни.

Поврзани написи

To top