Воспитување

45 заповеди што треба да ги применува секој родител!

Овие совети од стручни лица ќе им бидат од голема помош на современите родители

Секое дете е индивидуа за себе, има свои посебности кон кои треба да се приспособува, да биде флексибилно и креативно, а родителот има улога да го насочи кон вистинскиот пат со правилен начин на воспитување.

Во книгата „Наука и уметност на воспитување“ од авторката Гордана Буљан-Фландер, група стручњаци – психолози, психијатри, социјални педагози, логопеди, социјални работници, невропедијатри и физијатри – предочуваат водич за правилно воспитување.

Што е добро воспитување во денешно време?

На децата им требаат возрасни лица на кои ќе се угледаат и кои со своето однесување ќе им дадат пример. Потребно им е некој безусловно да ги сака и прифаќа, без оглед што ќе направат. Тоа не значи дека некои непосакувани однесувања не треба да имаат последици.

На децата им треба развој без тепање, без насилство, но тоа не значи воспитување без граници и родителски надзор. Во сето тоа на родителите често им треба помош и поддршка од стручни лица.

Главните, најчести проблеми со кои се соочуваат денешните родители

Денешните родители се преоптоварени со многубројни обврски, работата и со финансиската ситуација. Се прашуваат дали поминуваат доволно време со своите деца. Има сè повеќе разводи, па ги измачува и прашањето со кого ќе живее детето, како ќе се организираат средбите со другиот родител, како децата ќе го поднесат разводот, како ќе ги прифатат новите партнери на родителите и слично. Децата денес се преплавени со мали екрани, современи технологии и од рана возраст ги откриваат магиите (и опасностите) на интернетот, па родителите се прашуваат кога, колку и како да се користат современите технологии во воспитувањето на децата.

Од друга страна, родителите чувствуваат притисок кога од сите страни се „бомбардирани“ со разни упатства за воспитување деца, за грижата за нив, како од страна на стручњаците така и од медиумите, другите родители, поширокото семејство… Значи, се работи за многу различни прашања и теми кои покажуваат дека е голем предизвик да се биде родител денес.

Не плашете ги со вештерки, не бранете им го интернетот.

Како да се истераат чудовиштата од соништата на детето?

Ноќните кошмари и стравови кај повеќето деца се од привремен карактер и нема потреба за стручна интервенција. Меѓутоа, родителите со својата поддршка можат да му помогнат на детето да го надмине овој период.

* Прегрнете го и утешете го расплаканото дете.
* Намалувањето на стравот не му помага на детето да го совлада.
* Избегнувајте обесхрабрувачки реченици како: „Па ти си веќе голема, не смееш да се плашиш!“ или „Момчињата не се плашат и не плачат!“
* Заедно проверете во шкафот, под креветот, зад завесата и под масата.
* На детето дајте му до знаење дека сте тука.
* Избегнувајте прераскажување на детските стравови пред други лица, особено ако тоа го правите со шеговит тон.
* Избегнувајте да го поттикнувате стравот кај децата во текот на денот со реченици: „Ако не бидеш добра, ќе дојде вештерката!“
* Разговарајте со детето за сопствените стравови од детството и за тоа како сте ги победиле.
* Направете ја детската соба место каде што детето ќе се чувствува сигурно.
* Читајте и разговарајте за бајки пред спиење, но и во текот на денот, ако имате време.
* Уживајте во рутините пред спиење.
* Корисно е детето во текот на денот да поминува повеќе време на воздух и да се занимава со вежбање.
* Цртањето може да биде одличен метод за исфрлање на негативните, застрашувачки слики.
* Водете сметка за тоа што гледа детето на ТВ и какви игри игра.
* Детето не би смеело да присуствува на семејните расправии.

Како да му се помогне на детето да се соочи со стравовите?
Реченици што помагаат:
* Во ред е да се плашиш, сите понекогаш се плашиме.
* Верувам дека тоа те уплашило, жал ми е што ти било тешко.
* Тука сум да ти помогнам да го победиш својот страв.
* Што може сега да ти помогне?

Реченици што не помагаат:
* Престани да се плашиш.
* Смири се или никогаш повеќе нема да те водам во парк.
* Престани да плачеш, не си мало бебе.
* Па знаеш дека само девојчињата се плашат.

Како да ве слуша детето без викање или нервоза?
* Приближете се кон детето кога му се обраќате. Не викајте од соседна соба или од оддалечено место.
* Спуштете се на ниво на детето за да воспоставите контакт со очи.
* Ако детето се занимава со нешто друго, причекајте го.
* Нежно ставете ја раката на неговото рамо и обратете му се по име.
* Со смирен тон кажете му што очекувате од него, со кратко објаснување.
* Користете кратки и едноставни реченици и барајте само една работа од детето.
* Ако почувствувате дека ве напушта трпението бидејќи детето и по неколку обиди не ве послушало, направете пауза.

Како да управувате со лутината?

Техники на дишење:
* Длабоко вдишувајте 4 секунди.
* Задржете го здивот 4 секунди.
* Издишувајте 4 секунди.
* Почекајте 4 секунди до повторното вдишување.
* Повторете неколку пати.
Со оваа вежба телото ќе се опушти и детето ќе биде поподготвено за разговор.

Броење до десет
Обидете се заедно полека да броите до десет. Во оваа вежба на детето му давате можност да се смири.

Што да НЕ правите ако детето е жртва на насилство?

* Охрабрување само да се пресмета со детето што било насилно кон него или вие самите да го направите тоа на кој било начин.
* Зборување на детето едноставно да го игнорира насилното однесување.
* Лутење на детето затоа што не ви кажало порано.
* Насочување на однесувањето со кое можеби се изложило на опасност.
* Забранување на детето пристап до интернет.
* Ветување нешто за кое не можете да бидете сигурни дека ќе се случи (на пример, дека детето што извршило насилство ќе биде исфрлено од училиштето).

Дали моето дете е зависно од новите технологии?

Живеењето во современиот свет значи речиси постојано да се биде изложен на различни екрани. Дали, сепак, постои граница кога нашата вклученост во светот на екраните станува претерана?
Ова се некои од знаците што упатуваат дека детето можеби развило претерана поврзаност со екраните:
* Ако кога е прекинато во активност или по одземањето на уредот детето бурно реагира, што не е типично за него.
* Подолг период изгубило интерес за други активности што претходно го радувале, на пример, играње со врсници или во природа.
* Поради времето поминато пред екраните, значително ги занемарува другите подрачја од животот, на пример, почнало да добива лоши оценки, губи пријатели или го занемарува сонот.

Како да се поддржи детето во изборот на активности?

* При одлуката за вклучување на детето во некоја спортска активност, земете ги предвид неговите желби и потреби, па согласно тоа изберете го видот и интензитетот на активноста.
Потребно е да го следите детето и да му овозможите да изрази незадоволство или да се откаже од избраната активност или во некој момент да одлучи професионално да се занимава со тој спорт.

 

Поврзани написи

To top