Воспитување

4 ИТ-вистини и 4 ИТ-совети

Добриот родител, меѓу другото, им помага на децата да ги остварат своите потенцијали, да ги надминат предизвиците, да развијат самодоверба и самопочит, а воедно ги штити од реалните и потенцијалните опасности. Иако овие задачи се заеднички за родителите на сите генерации, денешните мора да се носат и со предизвиците што новите технологии ги донесоа во нашите животи.
За денешните деца, социјалното вмрежување е исто како што некогаш беше играњето пред зграда за нивните родители – обична секојдневна забава во која се впуштаат без свест и размислување за потенцијалните ризици и опасности. Едни имаат колку-толку мерка во нивното користење, а други сериозно развиле зависност од компјутерите, интернетот, социјалните мрежи и видеоигрите, а на трети единствено им е важно да имаат најнови модели на телефони и компјутери, најдобри апликации, во што повеќето родители не се разбираат. Но тоа не смее да ве спречи да го заштитите детето само од себе и од сите опасности што демнат од онлајн-светот.

Запознајте се со фактите и послушајте ги советите од ИТ-експерите за да имате една мака помалку.

ВИСТИНА: Не постои апсолутна контрола
Ниту програмите за „родителска контрола“ ниту софтверот за филтрирање на содржините на компјутерот не е гаранција дека детето нема да пристапи до забранетите страници и социјални мрежи. И покрај вашите напори, детето, секогаш кога ќе сака, ќе најде начин да го види она што вие не сакате да го види. Ако не може од домашниот компјутер, ќе го направи тоа преку мобилниот телефон или од таблетот на некое другарче бидејќи денес интернетот им е достапен насекаде.

СОВЕТ: Не откажувајте се од програмите за контрола, но интензивирајте ги разговорите со децата. Искористете ги секоја поволна пригода и секој повод од медиумите за да им објасните зошто треба да ве слушаат кога зборувате за опасностите и ризиците.

ВИСТИНА: Домашниот компјутер обично е „чист“
Децата најретко се „прикачуваат“ на социјалните мрежи преку десктоп-компјутер кој го користи најмалку уште еден член на семејството, па затоа не вреди да го контролирате. На „Фејсбук“ и на „Инстаграм“ главно се пристапува преку мобилен телефон, кој повеќето родители ретко можат да го контролираат најчесто поради неснаоѓање со новите модели и перформанси.

СОВЕТ: И во овој случај сè треба да се заснова на доверба. Детето треба да ви верува кога ќе го советувате да биде внимателно и кога ќе барате ништо да не крие од вас, а вие треба да верувате дека добро сте го воспитале и едуцирале кога се работи за безбедноста на интернет.

ВИСТИНА: Забраната не е делотворна.
Нема да го решите проблемот со тоа што ќе му забраните на детето да отвори свои профили на „Фејсбук“ или „Инстаграм“. Ако реши, ќе го направи тоа преку мобилниот телефон на лажно име, кое никогаш нема да го дознаете. За непристојна комуникација, ширење и преземање содржини што ги сметате за неприфатливи, секогаш може да користи туѓ профил надвор од домот.

СОВЕТ: Најлошо е да се живее во светот на лагите! Дозволете му на детето да отвори свои профили на социјалните мрежи, но претходно запознајте го со правилата за користење и нагласете дека вие ќе му бидете еден од првите „пријатели“ и „следбеници“. Се разбира, тоа не значи дека треба да го шпионирате. За одговорно однесување и за автоцензура, доволно е што знае дека неговите статуси и постови ви се достапни вам.

ВИСТИНА: Ништо не може да се избрише
Сè што било напишано или поставено на социјалните мрежи останува таму засекогаш. Можеби нема веднаш да најдете некоја стара фотографија, пост или статус што ве мачи, но тоа не значи дека некој веќе не ги ископирал, сочувал, проследил… Затоа, објаснете им на децата дека сите содржини што некогаш ги споделиле со другите во виртуелниот свет сега се целосно надвор од нивна контрола.

СОВЕТ: Разговарајте со децата за да сфатат дека она што го објавиле преку интернет им е достапно на сите, а не само на оние на кои им било упатено и дека ќе избегнат многу неволји ако се однесуваат одговорно. Притоа, секогаш нагласувајте им никогаш и никаде да не објавуваат податоци за себе, за семејството, навиките, движењето, училиштето, другарите… бидејќи виртуелниот свет е преполн со предатори, исто како и овој, земскиот.

Поврзани написи

To top