Масивноста на студијата и времето инвестирано во собирање на податоци, кои се објективни и надворешни, ги прават заклучоците од студијата вредни за разгледување.
Научниците од Универзитетот во Монтреал, во период од 30 години, го проучувале развојот на 1.000 деца од градинка до нивната 35-та година. Она што е откриено има значително влијание на начинот на кој родителите, особено родителите на момчиња, гледаат на начинот на кој се однесуваат децата на рана возраст. Резултатите покажале дека постои однесување од детството кое се истакнало како тајна за успехот на децата во возрасниот живот.
Момчињата кои обрнувале внимание во училиште и покажувале слични такви однесувања како мали деца, изгледа дека заработуваат повеќе пари во возрасниот живот. Тоа доведува до клучни сугестии и за родителите и за училиштата, во однос на начин на кој треба да реагираат на малите деца.
Испитувани биле следните однесувања:
Истражувачите редовно го анализирале социјалното однесување на учесниците преку соодветни прашалници кои ги пополнувале секоја година. Децата и адолесцентите се оценети во пет категории:
– Невнимание – Може ли детето добро да се концентрира? Колку брзо го губи вниманието?
– Хиперактивност – Има ли детето премногу енергија? Ја попречува ли наставата редовно?
– Пркосење – Како детето се носи со критиката? Дали е послушно?
– Физичка агресија – Како детето реагира на другите деца при судир? Станува ли физички агресивно?
– Просоцијално однесување – Дали детето е подготвено да застане зад другите, да соработува и да решава судири?
Децата биле следени до нивната 17 година константно, а потоа со намален интензитет. Фокусот на истражувачите бил насочен кон една специфична корелација: податоците од градинка и повратните информации за плаќање на даноци во возрасниот живот, неколку децении подоцна. Резултатите покажуваат дека сите деца што денес се успешни луѓе со високи примања, имале најмалку проблеми со горенаведените однесувања во детството.Тука спаѓаат оние кои во текот на годините учителите ги опишувале како „просоцијални“, односно помалку склони на невнимание, хиперактивност, оние кои помалку давале отпор или помалку покажувале физичка агресија .
Во просек заработувале околу 10 илјади евра повеќе од другите, а децата што сите ги оценувале како „пример“ заработуваат дури и до 15 илјади евра повеќе.
Интересно е и тоа што оваа студија била спроведена на деца од Монтреал, Канада, а не во САД, бидејќи таму се посериозни во однос на чување во приватност на податоците за плаќањето на даноци.
Што се случува кога се во прашање девојчињата? „Првичниот интерес беше да се разбере развојот на младинската деликвенција“, изјавиле истражувачите „а момчињата од средините со низок социо-економски статус, се повеќе изложени на ризик“. Додале дека истражувачите исто така, започнале и поголема студија во 1987 година, со фокус и на момчиња и на девојчиња.
„Во моментов ги анализираме тие податоци, па ќе имаме резултати и за девојчињата и за момчињата од целата популација“, тврдат истражувачите.
Резултатите треба да се искористат за подобрување на образованието и грижата за децата и адолесцентите.
Целта е да им се овозможи на децата подобра педагошка грижа, која навреме ќе им помогне подобро да се соочат со негативните однесувања и ќе ги претвори во позитивни. Посебно внимание би требало да им се посвети на децата со висок потенцијал за агресија или за изразена хиперактивност. За нив би требало да се оформат посебни програми за поддршка во раната училишна возраст, за негативните начини на однесување да се заменат со позитивни и со тоа и на децата да им се овозможи успешен возрасен живот.
Оние кои веќе биле во програми за поддршка во период од две години успеале да:
– ја намалат употребата на дрога и деликвенцијата за време на адолесценцијата
– да го зголемат успехот во средно училиште
– да ги намалат кривичните осуди до возраст од 24 години – сето ова во споредба со нивните врсници кои не добиле дополнителна поддршка.
Кога се ќе се земе предвид, се заклучува дека преку начинот на кој децата се однесуваат во градинка, може да се предвиди какви ќе бидат тие кога ќе пораснат, но тоа не значи дека навистина ќе биде така кај секој поединечен случај. Ако сакаме нашите деца да бидат успешни, зависи од нас дали ќе им пружиме поддршка која навистина им е потребна сега.
Автор: Бил Марфи Џуниор