Од општини без ниту еден гинеколог до градови каде што еден ваков специјалист има до 6.800 пациентки во репродуктивен период
Само 33 отсто од жените во државата одат на редовни гинеколошки прегледи на една година. Повеќе од 30 отсто не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од три години, а дури 25 отсто немаат избрано матичен гинеколог – делумно поради тоа што во општините каде што живеат нема таков лекарски профил или заминал во пензија или починал, па оттогаш не побарале нов. А понекогаш и поради незаинтересираноста и неинформираноста за важноста на редовните гинеколошки прегледи, покажуваат податоците од спроведените анкети на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО.
За гинеколог се патува до соседниот град
Во државава има триесетина општини без ниеден матичен гинеколог, а меѓу нив се и пелагониските Новаци и Могила.
– Организацијата на жени од Битола правеше анализи пред неколку години во Општина Новаци и, меѓу другите одговори, често се слушаше: „Што ќе ми е гинеколог, не сум била откако ги родив децата“. Жената на сите домашни ќе им посвети внимание (вклучувајќи одење на лекарски прегледи), а себеси ќе се стави на последно место. Во Новаци и Могила нема матичен гинеколог, па жените се принудени (оние што веќе решиле да одат на преглед) да доаѓаат во Битола, за што треба да потрошат цел ден. Кај постарата женска популација сѐ уште владее „срамот“ од одење на гинеколог. Има и таква категорија на жени кои едноставно не сметаат дека им е потребно да вршат контроли, па oдат на гинеколог „кога ќе дојде нож до грло“, а тогаш е веќе доцна – вели Светлана Петковска, претседателка на Организацијата на жени од Битола.
Остатокот од текстот прочитајте го на Факултети.мк