Јас не сум татко, ниту некогаш ќе бидам. Но, сум ќерка и во текот на овие 23 години живот сфатив дека врската која постои помеѓу таткото и ќерката е нешто навистина посебно. Толку посебно и толку силно, што постапките на таткото и односот кон ќерката сигурно ќе го обликуваат нејзиниот карактер и многу ќе влијаат врз она што таа ќе стане кога ќе порасне. Како некој што има прекрасен однос со својот татко, мислам дека можам да издвојам и да откријам некои тајни кои татковците на девојчиња би требало да ги знаат:
-Знај дека од првиот ден таа ќе биде твое мало девојче. Но, ќе мораш да вложиш многу труд за тоа така да остане.
-Немој да претпоставуваш какви ќе бидат нејзините интереси кога ќе порасне, само затоа што е девојче. Покажи ѝ кукли и цвеќе, но и лего-коцки и автомобили.
-Дозволи ѝ да ти помогне во обврските дома или на работа. Ќе порасне во силна жена со самодоверба која ќе се истакнува на своето работно место, какво и да е.
-Со нејзината мајка разговарај како со на себе рамна, а не како со некој што вреди помалку. Еден ден и таа од својот сопруг ќе го очекува истото.
-Покажи ѝ ги своите емоции и тоа дека и ти можеш да бидеш чувствителен. Ќе сфати дека тоа е нормално и дека да се биде чувствителен, не значи исто што и да се биде слаб.
-Смислете ваши интерни игри и шеги, за кои само вие ќе знаете. Верувај ми, тоа ќе го памети засекогаш!
-Охрабри ја да се соочи со работите што ја плашат и нека знае дека ти секогаш ќе бидеш тука, да ја задржиш ако почне да паѓа.
-Кога нешто ќе ѝ ветиш, исполни го тоа. Другите, кои не знаат колку е таа посебна, сигурно некогаш ќе ѝ го скршат срцето. Ти не смееш.
-Научи ја на работите во кои си добар.
-Замоли ја да те научи на работите што добро ги знае, а ти не.
-Обиди се да ги разбереш нејзините интереси, дури и кога всушност не ги сфаќаш. Така ќе ја научиш дека, без разлика на тоа кои се нејзините таленти и интересирања – балет, сликање или борење – тие се важни, а за нејзиниот татко – најважни на светот.
-Претходното важи уште повеќе ако интересирањата ѝ се „женски“. Научи ја дека нејзините склоности се важни, без разлика кои се.
-Ако нешто не би му го кажал на син никогаш, тогаш немој да ѝ го кажеш и на ќерката. Тие се еднакво вредни, можеби и повредни.
-Не објективизирај и не понижувај ги другите жени пред неа. Дури ни на шега.

-Покажи дека не се само мажите тие што се силни. Зборувај ѝ за силни жени, наведи примери. Така и таа ќе се стреми еден ден да биде силна и ќе знае дека има шанса.
-Решавај ги секојдневните работи консултирајќи ја нејзината мајка, во нејзино присуство. Така ќе знае дека и жените треба да имаат право на глас во сè и дека самата за тоа треба еден ден да се избори.
-Ако бидеш добар пример, добар татко и добар сопруг на нејзината мајка, нема да мораш да стоиш со пушка покрај прозорецот и да ги бркаш лошите момчиња. Таа самата ќе го стори тоа.
-Ако, сепак, некако, се појави тоа лошо момче и ѝ го скрши срцето (а веројатно ќе ѝ го скрши), биди тука да ѝ бидеш потпора. Нека знае дека кога срцето ѝ е скршено, тато ќе најде начин повторно да го состави.
-Давај ѝ комплименти, на нејзината мајка исто така, што почесто.
-Кажи ѝ дека ја сакаш. Нека знае дека што и да се случи, секогаш ќе бидеш тука за неа.
Автор: Мелани Пејс