1 март 2020 година е датумот на кој клиничката болница „Жан Митрев“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј. По тој повод, токму на 1 март во хотелот „Александар палас“ ќе се одржат низа активности
Одбележувањето ќе почне точно напладне со симпозиум на тема: „Развој на кардиоваскуларната хирургија во последните 20 години“, а во кој учество ќе земат низа врвни стручњаци од оваа област, и тоа: проф. д-р Марко Турина, поранешен директор на клиниката за кардиоваскуларна хирургија при Универзитетската болница во Цирих, Швајцарија, и поранешен претседател на Европското здружение за кардиохирургија; проф. д-р Мартин Костолни, директор на одделот за клинички услуги за кардиоторакална хирургија, Грејт Ормонд стрит – болница, Лондон, Англија; проф. д-р Џорџ Е. Сарис, директор на Институтот за срцева хирургија – Атина, Грција; проф. д-р Стивен Бибевски – „Џо Димаџио“ детска болница институт за срце, трансплантација на срце и механичка срцева поддршка, Холивуд, Флорида, САД; проф. д-р Слободан Илиќ, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска детска клиника „Тиршовa“, Белград, Србија; проф. д-р Дитмар Шранц, Детска кардиологија, Универзитет „Јохан-Волфганг Гете“ во Франкфурт, Германија; проф. д-р Сотириос Прапас, директор на одделот за кардиохирургија „Хенри Дунант“ болнички центар, Атина, Грција; проф. д-р Иван Кнежевиќ, директор на центарот за трансплантација, оддел за кардиоваскуларна хирургија, Универзитетски клинички центар Љубљана, Словенија; проф. д-р Јорг Бабин Ебел, Клиника за кардиоваскуларна хирургија, „Бад Нојштадт“, Германија, проф. д-р Бојан Биочина, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска болница „Ребро“, Загреб, Хрватска; д-р Милан Миовиќ, општа болница „Медигроуп“,Белград, Србија; проф. д-р Антон Мориц, поранешен директор на одделот за кардиоваскуларна и торакална хирургија на Универзитетската клиника за торакална и кардиоваскуларна хирургија во Франкфурт, Германија.
Честа да го заокружи симпозиумот ќе му припадне на акад. д-р Жан Митрев, директор на клиничката болница „Жан Митрев“.
По завршувањето на симпозиумот за сите гости, чија бројка со оглед на веќе пристигнатите потврдни одговори ќе биде навистина импозантна, е предвидена коктел-забава со богата програма.
20 години „Жан Митрев“: Новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија почнува да се испишува на 1 март 2000 година.
„Жан Митрев“, на самиот почеток именувана како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“, ги постави темелите на современите медицински услуги во 1999 година, по адаптирањето и реновирањето на еден изнајмен дел од Воена болница во Скопје. Официјално, болницата беше отворена на 1 март 2000 година, а медицинското стартување е одбележано со првата бајпас-операција во Република Македонија, водена од академик д-р Жан Митрев. Токму на тој 1 март 2000 почнува да се пишува историјата во македонското здравство, новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија. Две години подоцна, односно во 2002 година е направена и првата операција на отворено срце врз буден пациент.
Интересот за оваа установа почнува секојдневно да расте, а со тоа потребата од нови услови за работа. Потребите за згрижување на пациентите иницираат уште едно реновирање, а стариот оддел, истата оваа 2002 година, е заменет со модерен и современ оддел. Веќе следната година стартуваат третманите на вродени срцеви заболувања. Успешно е поставен првиот АСН occluder, и тоа на преткоморен дефект кај 4-годишно момче. Во 2008 година стартува со работа новиот, софистициран дијагностички центар кој стана еден од водечките центри во регионот, со работно време 24/7.
Десетгодишнината од основањето на болницата, 2010 година, беше одбележана со бројка од 10.000 операции. Денес „Жан Митрев“ не само кај нас, туку и во регионот е препознатлива како софистициран, современ медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега.
Успешната приказна не завршува тука, напротив. Научните достигнувања низ годините носеа и соодветни звања и награди. Така, во 2002 година, д-р Митрев беше промовиран за академик на плато. Активностите на тимот на д-р Жан Митрев се промовираа и презентираа на повеќе светски конгреси, од каде што се враќаа како добитници на многубројни награди и признанија. Од многубројните признанија добиени овде и во странство би ја издвоиле престижната награда од EUROPE BUSINESS ASSEMBLY и Сократ комитетот, од областа на здравството, „Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница“.
Приказната добива нова димензија пред четири години, односно на одбележувањето на 16-годишнината од формирањето – кога е отворен новиот објект, кој е со петпати поголем капацитет и го носи името „Жан Митрев“. Изграден е според највисоки стандарди, со уникатен ентериер, врвна медицинска опрема, комплетно регулирана средина, строго управувани режими на греење и ладење и довод на свеж воздух и максимална комфорност на пациентите, вработените и посетителите. Потврда за успешното работење е престижната награда за најдобар менаџер и болница со најдобар квалитет на здравствени услуги, која му припадна на академик д-р Жан Митрев, во конкуренција со здравствени центри од Европа и Блискиот Исток. „Жан Митрев“ во ноември 2017 година го доби и златниот печат за квалитет и безбедност од Joint Commision International и со тоа стана првата болница што за нецела година влезе во семејството на најпрестижната организација за акредитација на болници во целиот свет. Продолжи и развојот на детската кардиохирургија, која функционира од самото основање на болницата, а во декември 2018 година, како врв на медицинскиот развој, ја стартува и ја разви и програмата со механичка циркулаторна поддршка за третман на срцева слабост. Во април истата година „Жан Митрев“ ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.
По две децении исполнети со максимална посветеност на здравјето и потребите на нашите пациенти, и понатаму ќе продолжиме да работиме со истото темпо и според највисоките медицински стандарди, секогаш во чекор со модерната технологија.
(Комерцијална објава)