Воспитување

15 совети за новопечените татковци

Бременоста и самото породување се настан кога жената е во центарот на вниманието. За татковците да не се чувствуваат запоставени, направивме список со совети кои ќе им помогнат подобро да ги разберат своите партнерки.

Без брзање до болница

Сигурно на двајцата ќе ви биде полесно првиот стадиум од раѓањето да го „преживеете“ во домашни услови, бидејќи ако одите на болница прерано, ќе ве вратат дома. Ако вашиот партнер инсистира што порано да тргнете кон болницата, уверете го дека е подобро да почекате.

Знаењето е моќ

Охрабрете го и сопругот да доаѓа со вас на подготвителните часови за породување. Треба и тој да дознае за фазите од породувањето, за тоа што се случува во телото пред породувањето, кои се причините за можна итна интервенција како царски рез… Кога ќе знае што да очекува, нивото на стрес и стравот од непознато ќе бидат значително помали. Знаењето ќе му помогне да остане смирен, што и вам многу ќе ви значи.

Подгответе го дека ќе треба да се чека

Ако вашиот сопруг одлучи да присуствува на породувањето, треба да има на ум дека породувањето следува по неколку часа упорни и болни контракции. Во зависност од тоа дали ќе примите епидурална анестезија, можно е да ви треба помош додека шетате, клечите или правите што било за да ви се намалат болките од контракциите. Тој може да ви помогне – да се обиде да ви ги сврти мислите, да ве измасира и слично.

Грижата и паниката треба да ги остави настрана

Ако присуствува на породувањето, вашиот партнер треба да знае дека собата за породување во еден момент станува сцена од акционен филм. Ако во некој случај почне да се случува нешто со кое ни вие ни тој не сте запознати, нека не се стега да го праша медицинскиот персонал што се случува. Исто така, доколку тие го замолат да излезе од собата накратко, да не се грижи. Тоа е нормално. Особено ако треба да примите епидурална анестезија, на персоналот ќе му треба простор.

Задолжете го да ги следи контракциите

Тој ќе биде во подобра позиција да го следи часовникот дома и да го гледа мониторот кој ги отчитува контракциите во болницата. Така може да ве води низ контракциите и да ви најавува кога ќе бидат на врвот и кога ќе се стишуваат. Тоа ќе ви помогне да имате контрола над ситуацијата.

Не треба да пречи

Сите техники за дишење што се учат на часовите за бремени жени можат да се заборават во моментот кога ќе почне породувањето. Некои бремени жени не сакаат никој да ги допира во тој момент, додека други сакаат партнерот да ги масира или да ги држи за рака. Подгответе го партнерот да ја следи ситуацијата и да се однесува во согласност со неа, да прави она што вам ќе ви биде пријатно и да не форсира ништо.

Ако партнерот е во родилиштето, нека помага до крај

Ако вашиот партнер е покрај вас додека лежите, однапред договорете се да се фокусира на вас и да ви помага околу туркањето на бебето колку и како што може. Вам може да ви значи ако ве држи за рамената, на пример. Секојпат кога ќе треба да туркате, може да ви помогне така што ќе ве придржува, на пример, под вратот.

Тој нека биде вашиот глас

Веројатно нема да бидете во можност да давате инструкции додека трае контракцијата. Но, сопругот нека биде тој што ќе ги препознава вашите потреби. Нека се потруди да го следи планот за породување кој заедно треба да го договорите претходно (дали сакате целиот процес да тече по природен пат, во кој момент сакате да примите епидурална анестезија и слично). Нека ги следи случувањата и договорот. Можно е планот да се промени штом ќе почне породувањето. Но, доколку вие немате глас да зборувате, тој нека го прави тоа наместо вас. Нека ве праша дали сакате нешто и да не дозволи персоналот да ве натера на нешто што вие не го сакате. Нека биде вашиот глас.

Нека се обиде да ви го сврти вниманието

Породувањето навистина е возбудливо, но исто така е и напорно. Може да поминете часови во чекање и контракции уште од дома и пред да тргнете кон родилиштето. Задолжете го партнерот да ви го одврати вниманието од контракциите. Нека се труди да разговарате за други работи, може да пушти музика или некој филм. Тој ве познава доволно и знае што ви е пријатно и на што реагирате. Да не биде само нем и беспомошен набљудувач.

Нека биде вистинска поддршка

Многу жени паничат во текот на породувањето, тоа може и вам да ви се случи. Тука на сцена стапува вашиот партнер, како систем за поддршка, така што ќе ви става студени облоги на челото, ќе ве смирува, ќе ве охрабрува велејќи ви дека одлично напредувате и дека е воодушевен од вашата сила. Нека ви каже и дека ве сака и задолжително нека води сметка што ви треба во тој момент, а што не.

Тој нека биде фотографот

Породувањето е најемотивниот момент низ кој заедно ќе поминете (или барем би требало да поминете). Потрудете се да ги зачувате тие спомени на фотографии. Партнерот нека биде тој што ќе ги овековечи тие моменти. Тоа не значи дека со апаратот треба на сите да им се внесува во лицето, но би било убаво ако фати некои емотивни моменти.

Подгответе го дека процесот ќе биде „неуреден“

Породувањето во еден момент станува многу „неуредно“. Не само што поради крвавењето и разните телесни течности, туку и поради звуците што ќе ги произведувате, а кои ни самите дотогаш не сте ги чуле, па ни вашиот партнер. Во тие моменти, налети на болки и контракции, можеби ќе кажете нешто што нема да биде убаво за неговите уши или можеби токму нему ќе му упатите грди зборови. Тогаш вие не сте целосно при себе, па затоа и нема да обрнувате внимание на тоа, што е сосема нормално. Освен тоа, по породувањето ќе излезе и плацентата, која изгледа како големо парче џигер.

Нека не лелека, тоа не ви треба

Нагласете му на партнерот дека би било многу дегутантно ако се проѕева или се однесува како да му е досадно. Или, пак, ако лелека дека му е тешко и мачно. Вие поминувате низ многу потешки работи. Не се породува тој, туку вие, и породувањето е настан каде што вие сте главниот актер.

Породувањето не е крај

По породувањето, кога вие треба да се одморите, не е време за негова дремка. Нека одвои време прво вам да ви посвети внимание, да ви каже колку ве сака, колку се гордее со вас, пред да тргне да слави со другарите. Би било прекрасно прво да ви покаже дека разбира дека сте херој. Првите часови по породувањето би требало да се само ваши, заеднички моменти со вашето бебе.

 

Поврзани написи

To top