Јогата многу ми помага во пливањето. Умствените вежби се многу значајни за еден спортист. Следната година планирам да се подготвам за Комен куп, Централно европско првенство на кое учествуваат едни од најдобрите пливачи од Европа, а моја главна цел е Олимпијадата во Париз во 2024 година, вели Никола

Младиот Никола Ѓуретановиќ неодамна, на државно ниво, беше прогласен за најдобар пливач во категорија за постари пионери и кадети. И покрај тоа, ова четиринаесетгодишно момче неодамна беше одбиено за стипендија од Агенцијата за млади и спорт. Оваа реалност била мотив за Никола да не застане тука, туку напротив, да продолжи да урива рекорди и да реди нови медали и пехари во својата соба. За тоа што го тера да се движи напред, за тренинзите и за посветеноста, Никола зборува за Деца.мк во ова интервју.

Неодамна јавно реагираше на неправдата кога не доби стипендија од Агенцијата за млади и спорт, иако ги исполнуваше условите за тоа. Зошто се случи тоа и какви беа реакциите?

Не знам точно што се случи, но секако не беше фер, особено затоа што на државното првенство во пливање за оваа година бев прогласен за најдобар пливач во категорија за постари пионери и кадети. Многу луѓе ми пишаа и ме поддржаа. Посебна помош добив од господинот Мите Јовановски, на кој сум му многу благодарен и кој ме поттикна да продолжам кон мојата цел.

Оттогаш неколку пати сруши државни рекорди во пливање. За какви нови победи се работи?

Во последниов период, поточно во октомври, соборив четири државни рекорди. На меѓународниот митинг „Делфин спринт“ соборив рекорд во дисциплината 50 грбно. Потоа, на меѓународниот митинг „Орион куп мини“, кој се одржа на Олимпискиот базен во Скопје, соборив рекорд во дисциплината 100 метри слободно во категоријата постари пионери и бев прогласен за најдобар пливач во категоријата, а на последниот меѓународен натпревар „13 Ноември“, кој се одржа на базенот „Борис Трајковски“, кој е 25 метарски, соборив два рекорди. Првиот во дисциплината 200 метри слободно, а вториот во 100 метри мешано и бев прогласен за најдобар пливач во таа категорија.

Кој беше мотивот, што те натера да успееш?

Вербата во себе, целта кон која се стремам, напорните тренинзи, поддршката од тренерот Горан Стаменов, од мојот пливачки клуб Вардар 2018, од сите пливачи, како и од моите родители е она што ми дава дополнителна сила да давам сè од себе на натпреварите и секогаш да бидам сè подобар. Особено ми е драго кога ќе ги видам медалите и пехарите во мојата соба, при што добивам уште поголема мотивација за поголеми успеси.

Колку често имаш тренинзи?

Тренинзи имам седум пати неделно.

Како изгледа еден твој ден?

Мојот ден започнува со подготовка на храната што треба да ја консумирам. Одам во училиште и по завршување на часовите се враќам дома да одморам. Учам и се подготвувам за тренинг. Неколку пати во неделата по тренингот имам и дополнителни часови по англиски јазик и јога. Јогата многу ми помага во пливањето. Умствените вежби се многу значајни за еден спортист. Исто така, во нашиот клуб има ангажирано спортски психолог, со кој се среќавам и многу ми помага за самодовербата која треба да ја имам на тренинзите и на натпреварите. По завршувањето на сите активности во текот на денот, доаѓам дома, вечерам и легнувам да спијам. Спиењето е важен дел од денот за сите луѓе, но за еден спортист е најзначајно за одморање на организмот по напорните тренинзи. Тоа е еден вид враќање кон најдобрата состојба на умот, силата и здравјето.

Се храниш според посебна програма одредена од нутриционист. Што јадеш, како се чувствуваш и како влијае храната врз твоите постигнувања во пливањето?

Почнав да се придржувам кон режим на исхрана препишан од нутриционист кој многу ми помага во секојдневниот тренинг и доста придонесува за да имам повеќе енергија, но и да ја повратам енергијата изгубена на тренингот, бидејќи нашите тренинзи се доста исцрпувачки. Засега имам одлични резултати во базенот и надвор од него и сум многу задоволен.

Кои се твоите следни натпреварувања и што би сакал да постигнеш на нив?

Следува Зимското државно првенство, на кое планирам да ги подобрам моите времиња и се надевам на соборување уште неколку рекорди кои ми се на дофат, но за тоа потоа. Следната година планирам да се подготвам за Комен куп, Централно европско првенство кое е многу важен натпревар и е показател за секој пливач до каде е со неговата форма и пливање на меѓународно ниво, бидејќи на него учествуваат едни од најдобрите пливачи од Европа, а моја главна цел е Олимпијадата во Париз во 2024 година.

Што би им порачал на твоите врсници во однос на спортот, а особено за пливањето?

Би им порачал да се запишат на пливање во пливачкиот клуб – „Вардар 2018“ затоа што тој спорт нè дефинира како млади спортисти кои знаат да зацртаат цел и да ја исполнат. Воедно е еден од најбезбедните спортови, како и еден од најдобрите спортови за физичкото и психичкото здравје.



912

X