Колку што ќе уживате во дружењето со едногодишното дете, толку и ќе се грижите да го заштитите од опасните ситуации во кои може да западне – речиси секој момент кога е будно.

Иако повеќето деца самостојно проодуваат околу првиот роденден, некои, сосема нормални деца, успеваат во тоа дури на петнаесет месеци. Бебињата што добро ползат проодуваат подоцна. Освен ползењето, некои деца откриваат и други форми на движење, на пример, таканаречено „мечкино одење“ (се потпираат со испружени раце и нозе на подот), додека други уште се придржуваат за ѕид и други предмети. Некои деца се внимателни и постепено се пуштаат, други тоа го прават одеднаш и потрчуваат, а некои ќе паднат и ќе се уплашат, па новиот обид за самостојно одење го одложуваат за друга пригода.

При крајот на првата година бебето би требало само да се доведе од клечечка во седечка положба, како и да седи без потпора. Сега слободно можете да го ставите во столче за хранење или за возење во автомобил, на нокшир, да го носите во носилка на грб и да го возите во количка-чадор.
Она што е одлика на сите деца е неверојатната љубопитност и желба да испитаат сè. Детето не се задоволува само со престој во затворен простор, тоа ужива надвор каде што видикот му е неограничен (како и опасностите што го демнат). Штом ќе здогледа скали, детето добива желба да се искачува. На почетокот ќе оди по нив „на сите четири“, а подоцна на две нозе, придржувајќи се за оградата. Меѓутоа, кога ќе се обиде да се симне, ќе му биде тешко бидејќи тоа е посложена активност. На оваа возраст таа активност речиси сигурно завршува со паѓање, за што особено мора да водите сметка.

Внимание или спречување?

Вашето дете не сака да седи во оградата, се бунтува кога е во количката, а се смирува само кога ќе го ослободите од ограничувањата. Запомнете: надвор од собата од која претходно сте ги отстраниле сите опасни предмети – отсега, па барем уште наредната година, ќе мора да го следите во чекор и да го штитите од повреди. Но, не спречувајте го. Дозволете му да го истражува светот кој го опкружува, научете го како да се искачува, како да паѓа и да станува.
Не користете справи за одење: проодувалка и каиши затоа што се штетни за правилниот развој на коскено-зглобниот систем и рамнотежата. Детето мора да го искуси губењето на рамнотежата, а тоа подразбира и паѓања. Без тоа ќе биде несмасно, често ќе паѓа и ќе се повредува.

Како да се забавува?

Бебето многу ќе се интересира за играта ставање предмети во кутија и вадење надвор, како и секоја друга игра на криење – што укажува на почеток на помнењето. Детето во овој период си игра истовремено со две коцки, а кога ќе прооди – особено се радува на играчки што може да ги турка или да ги влече на канап. Многу се радува и при игра со топка – која ја турка од себе, а успева да ја научи и играта додавање топка.
Можете убаво да се забавувате и без играчки: „тапшини – тапшини“, покажување делови од телото (каде е окото, носот, главата, „каде зајко пие вода“ и слично). На оваа возраст бебето ги познава блиските лица и им се радува, но и натаму се плаши од непознати. Дури стравот од одвојување расте уште повеќе, па едноставно не ви дозволува да излезете од дома без него.

Сака сè да стави в уста

Во единаесеттиот и дванаесеттиот месец бебето има сè подобра, таканаречена фина моторика: ги фаќа предметите со две прстиња, често многу ситни (трошки од подот, семки и слично), кои потоа, по правило, ги става в уста, па не смеете ни за момент да го изгубите од вид за да не се задави или затруе. Најдобро е вие да му понудите играчки што се безбедни.

Како да го стимулирате детето да зборува?

Постојано правилно изговарајте ги имињата на предметите и активностите за да го стимулирате детето да зборува. На пример, ако тоа бара банана покажувајќи со прстот, прашајте го: „Сакаш банана?“ Еднаш и тоа ќе прозборува. Можеби првите зборови и реченици ќе ги разберете само вие, но правилниот изговор ќе се јави онолку побрзо колку што повеќе ќе ве слуша.

Кога на систематски преглед?

На една година се врши важен систематски преглед. Детето се мери, а неговите телесни мерки се споредуваат со стандардните криви на растење. За децата родени предвреме се зема предвид коригираната возраст, иако тие по раѓањето обично растат побрзо од врсниците – кои би требало да ги достигнат до навршувањето на третата година.
Лекарот ќе го прегледа детето проверувајќи пред сè евентуални нарушувања во растот и развојот, како и деформитети во коскено-зглобниот систем. Следува и контрола на крвната слика.

Јасли или „домашна варијанта“?

Доколку почнувате да работите, мора да обезбедите чување на вашето дете. Иако не е лесно да се најде сигурна личност која би го чувала детето кај вас дома, тоа сепак е подобро решение од јаслите на оваа возраст. Имено, уште е рано за социјализација. Дури околу третата година децата почнуваат да се дружат.

Освен тоа, во колектив детето ќе биде изложено на многубројни инфекции, со кои неговиот имунитет сè уште не е во состојба да се избори. Затоа честите изостаноци поради болест ќе ве принудат да земате боледување или да побарате замена за јаслите.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X