Откако се вративме во Македонија, почнав да тренирам и да играм за фудбалскиот клуб Академија Пандев од Струмица. Од 2018 до 2021 бевме македонски шампиони во нашата генерација. Освојувавме многу меѓународни турнири во Бугарија, Грција, Србија, Романија, вели Александар

Како страстен обожавател на фудбалскиот клуб Партизан, Александар Полимац уште на само 12-годишна возраст успеа да си го оствари сонот и да стане дел од овој белградски гигант. Станува збор за фудбалски бисер со потекло од Македонија, и тоа од страната на мајка му Данче, која е родена во Радовиш, додека татко му Дарко е Србин.

Александар е производ на младинската школа на струмичкиот клуб Академија Пандев, инаку основан од нашиот најдобар фудбалер на сите времиња – Горан Пандев. Во Академија Пандев тој тренирал повеќе од 5 години и бил дел од шампионската генерација играчи родени во 2010 година, под менторство на тренерот Васко Тодоров. Александар цело време е во топ-3 талентите во својата возрасна категорија, а тоа не остана незабележано од страна на скаутите од Партизан, кои искористија можност да го „грабнат“ во своите редови.

– Игравме против Црвена звезда во Белград и по натпреварот двајца луѓе му пријдоа на татко ми и му рекоа дека јас сум одличен и ако сакам, може да дојдам на проба во Ц. звезда. Бидејќи и јас и татко ми сме страсни навивачи и љубители на Партизан, само се погледнавме и се насмеавме. Понудата беше многу неочекувана, но сепак ми ласкаше тоа што клуб како што е Црвена звезда ги препознал моите квалитети. Меѓутоа, набрзо потоа, во 2021 година, решивме да одам на проба во Партизан и по првиот тренинг ми рекоа дека овој клуб е отворен за мене доколку одлучам да станам дел од нив – Александар.

Кога ќе излезам на фудбалскиот терен чувството е неописливо

Александар е роден во Килкени, Ирска, и веќе на четиригодишна возраст почнал да тренира во еден локален фудбалски клуб кој се вика Евергрин. Претходно неговиот татко го учел на основните правила во фудбалот и на тој начин му се родила љубовта кон овој спорт, а притоа од самиот старт знаел дека еден ден ќе биде професионален фудбалер.

– На 5-6 години се запишав и пробав пливање, кошарка, тенис, карате… Тренирав краток период, но видов дека ништо од тоа не ме прави среќен и дека ја немам таа пасија како за фудбалот. Тоа чувство кога ќе излезам на фудбалскиот терен е неописливо. Мајка ми и татко ми обожаваат спорт. Татко ми, кој е роден во Хрватска, исто така тренирал фудбал и играл во втората сојузна лига во поранешна Југославија. Тој играл за клубот Младост од Петриња, Хрватска. Инаку, многу често возиме велосипеди фамилијарно, одиме на планински прошетки – додава Александар.

Со Академија Пандев освоиле многу меѓународни турнири

Александар одлично зборува македонски јазик. Со неговото семејство пред пет години се вратиле во Македонија и веднаш се одлучил тренинзите да ги продолжи во рамките на Академија Пандев.

– Откако се вративме во Македонија, почнав да тренирам за фудбалскиот клуб Академија Пандев од Струмица, каде што бев дел од тимот до август 2022. Овој тим од 2017 до 2022, под водство на тренерот Васко Тодоров, направи огромни успеси и резултати. Од 2018 до 2021 ние бевме македонски шампиони во нашата генерација. Освојувавме многу меѓународни турнири во Бугарија, Грција, Србија, Романија итн. Тоа беше “dream team”. За жал или за среќа, дојде време да одиме понатаму. Со овој клуб освоив сѐ што можеше да се освои и мислам дека е време за нови предизвици, победи и успеси – смета Александар.

Со добра организација сѐ може да се постигне

Александар настапува на позицијата напаѓач. Омилени играчи му се Душан Влаховиќ од Јувентус и Александар Митровиќ од Фулам. Тој навива и за Реал Мадрид, додека сон му е со тимот на Партизан да игра на вечното дерби со Црвена звезда. Инаку, и покрај тоа што е целосно посветен на фудбалот, Александар е одличен ученик и прилично страстен шахист.

– Едвај чекам да се преселам во Белград и да почнам редовни тренинзи и натпревари со овој клуб. Со играчите од Партизан веќе се знаеме. Неодамна поминавме 10 дена заедно на Копаоник во Србија каде што имавме подготовки и можам да кажам дека тие се одлични деца и другари. Мислам дека ова е голема шанса за мене и не сакам да ја пропуштам. На училиште гледам да не забошотувам и досега сум одличен ученик, а имам настапувано и на неколку регионални и државни натпревари во природни науки и англиски јазик. Мислам дека со добра организација сѐ може да се постигне – вели Александар.

Фото: приватна архива



912

X