Дванаесетгодишен ученик од Девон ѝ се приклучи на „Менса“ откако на тестот за интелигенција постигна повисоки резултати од Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг.
Рори Бидвел неодамна го постигна максималниот можен резултат за неговата возрасна група со коефициент 162, на тестот Кател III Б, што е за 2 повеќе од Ајнштајн и Хокинг.
Како резултат на тоа, Рори беше поканет да ѝ се приклучи на „Менса“, најголемата и најстара организација чии членови имаат највисоки коефициенти на интелигенција во светот. Станува збор за непрофитна организација отворена за луѓе кои имаат резултат од 98. перцентил или повисоко на стандардизираниот, надгледуван тест за коефициент на интелигенција или друг одобрен тест за интелигенција.
Рори успеал да го положи двочасовниот тест во Ексетер, а како што вели, тој не се подготвувал за него. Неговата мајка, Аби Бидвел, изјави дека момчето било толку опуштено во врска со тестот, што лежерно се прошетало до тоалетот за време на тестирањето.

Рори уште од мал покажувал високо ниво на интелигенција, завршувајќи сложувалки од 100 парчиња на само двегодишна возраст, а во седмата година совладал алгебра која била наменета за ученици од втора година средно.
Рори е голем љубител на спортот и го претставувал своето училиште во крос-кантри, фудбал и рагби, заработувајќи признанија како играч на годината за фудбалскиот тим Ториџсајд.
Според „Менса“, коефициентот на интелигенција е тип на стандарден резултат кој покажува колку поединецот е над или под врсничката група во менталната способност.
„Менса“ прима поединци кои постигнуваат резултати во првите 2 отсто од популацијата и прифаќаат различни тестови, доколку се стандардизирани и нормализирани и одобрени од професионални здруженија на психолози.