Игротека

11-годишно дете отворило продавница за да им помага на семејства со ниски приходи

Единаесетгодишен претприемач ги остварува своите соништа и истовремено прави добро за својата заедница. Обочо Питерс од Бруклин, Њујорк, оди во петто одделение и е извршен директор на „Обочо плакари“, компанија со која е во мисија да им помогне на семејствата со низок приход, со цел тие да заштедат пари на облека, додека истовремено ја промовира важноста на образованието.

Прво креирал онлајн-продавница, каде што може да се најдат донирана облека и чевли за деца под 10 долари. Неговиот бизнис „Јас сум Обочо ЛЛЦ“ е создаден во 2018 година. Во декември тој официјално ја постигнал целта за отворање и физичка продавница во соседство во Бруклин, на неговиот 11. роденден. Рекол дека идејата почнала откако го гледал филмот „Одмаздници: Бескрајна војна“ и ја прашал мајка си дали може да му купи играчки со карактерите од филмот. Сфатил дека тие не можат да си го дозволат тоа, па продал нешто од својата стара облека за да има пари и да си ги купи самиот. Тогаш сфатил дека и другите деца околу него може ги имаат истите проблеми, па сакал да помогне.

– Бев инспириран од сите суперхерои што сакаат да помогнат светот да биде подобро место за живеење. Сакав и самиот да бидам херој и да ѝ помогнам на мајка ми – вели Обочо.

Потоа, тој почнал да собира донации од заедницата и собрал повеќе од 10 илјади од неговата кампања за да ја отвори продавницата. Вели дека знаел оти ќе му треба простор бидејќи неговиот дом бил преполн со собраните донации. Обочо претходно ја раширил информацијата за неговиот бизнис така што поставил рафт и во локална продавница, каде што луѓето се информирале за неговата мисија.

Неговата мајка Саша Петерс, која е самохрана мајка од Девствените Острови, верува дека инвестицијата на родителите во соништата на децата игра голема улога во успехот на децата.

– Треба да ги вреднувате идеите на децата и да обрнете внимание на сето она што го кажуваат бидејќи тие ви кажуваат како да ги негувате за да бидат подобра верзија од себеси – истакнала мајката.

фото: Марлија Моселеј/ „Еј-би-си њуз“/Обочо Питерс и мајка му Саша Питерс

Претседателот на бруклинската околија, Ерик Адамс, го наградил Обочо како еден од „хероите на месецот“ – чест за луѓето што се слават поради нивната храброст, несебичност и служење на народот.

– Овој млад човек е персонификација за големите работи што младите луѓе ги прават во земјава, особено во Бруклин – истакнал Адамс.

Мајката на Обочо освен што му помогнала во лансирањето на неговата веб-страница, и го запишала на бизнис-часови по наставата за да го потхрани неговиот претприемачки дух. Таа, исто така, се инспирирала од него за да се обиде да ги оствари и своите соништа како моден дизајнер и неодамна дала отказ на работното место како социјален работник. Вели дека планира да му помогне на синот да изгради сопствен бренд преку оперирање на социјалните медиуми и во однос на координирање настани. Обочо одржува и семинари, а мајка му вели дека кога го гледа личниот раст на синот, многу се гордее, бидејќи нејзиниот син бил срамежлив и често имал и панични напади кога требало да зборува пред толпа луѓе. Со помош на ментори, како локалниот претприемач и музички уметник Ментал Бартон, тој веќе почнал да се ослободува од анксиозноста.

Бартон, кој му бил ментор на Обочо речиси две години, вели дека е благодарен за шансата што ја има за да му помогне на детето да го изгради „сопствениот глас и способности“, дозволувајќи му да се приклучи на сцената при неговите настапи низ Њујорк.

– Неговиот елан и визија сега се уште поголеми… Согледувам дека тој крши неверојатни бариери – истакнал Бартон.

Автор: Марлија Моселеј

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top