1. Пронајдете посебно место за раскажување приказни
Тоа може да биде голема и мека фотелја, некое ваше катче, шатор за приказни, меко ќебе или волшебен летачки тепих за приказни.
2. Отсвирете или испејте некоја кратка мелодија пред почетокот на приказната
Може да засвирите на тапани, на капак од тенџере, на ксилофон, флејта, или да тропате со тропалки… Направете нешто како „фанфари“, со што ќе го одбележите почетокот на приказната.
3. Опишувајте со многу детали
Кога раскажувате приказна, секогаш опишете го пејзажот, кое време од денот е, какво е времето, како изгледаат луѓето, каква е бојата на облеката што ја носат… користете детали и менувајте го тонот на гласот. Колку детално ќе раскажувате, зависи од возраста на детето – помало дете, помалку детали.
4. Направете пауза
Исто како што при пишување се префрламе во нов пасус, а при читање вртиме страница, така и при раскажување приказни треба да правиме пауза за детето полесно да ги разбере информациите и да ја почувствува атмосферата на приказната.
5. Помалите деца не можат добро да ги разберат бајките
Можеби ќе им бидат поинтересни приказни поврзани со сопствениот живот – одиме во шопинг, кај доктор, во зоолошка градина, во парк, болен сум и не одам во градинка…. Во тој период од животот децата сакаат животни кои поминуваат низ некакви авантури, така што и ним подарете им ја моќта на говорот.
На приближно четири години децата почнуваат да ги разбираат бајките и ги сакаат сите делови на приказната – почеток, заплет, кулминација и расплет. Сега полека им стануваат поинтересни и моралните вредности.
6. Еден јунак може да помине низ повеќе авантури
Ако измислувате приказни, тогаш може да измислите и пријатели или непријатели на главниот јунак и да ги водите во разни авантури.
7. Употребете кукли што се навлекуваат на прстите или на раката
Со вистинските фигури приказната е уште поинтересна.
8. Волшебна кутија
Во кутијата ставете кукли, фигури, јунаци нацртани на хартија. Пред да ја почнете приказната, отворете ја волшебната кутија и детето нека извлече некој јунак. За него раскажете приказна или двајцата замижете и извадете јунаци, па заедно вклучете ги во приказната. Бројот на комбинации е бесконечен.
9. Направете мала сцена
Наместете два стола еден до друг и преку потпирачите префрлете прекривач, и ете ви сцена. Земете кукли, кадифени играчки, фигури и направете претстава.
10. Понудете му на детето реквизити, облека
Ако девојчето сака да биде принцеза или тигар, побарајте во облеката за маскенбал. Момчето облечете го во костим на Спајдермен или на волшебник. Земете голема лажица и топка… тие нека бидат волшебно стапче и волшебна топка. Измислувајте и играјте ја претставата.