Наставниците тешко се справуваат со многу родителски карактери – а некои од нив навистина не сакаат да им олеснат. Кога ќе почне учебната година, и родителите полека тргнуваат во акција. Треба да се предупредат наставниците и професорите во што е специфично нивното дете, што сака, а што не, дека има проблеми со ова и тешкотии со она.
Наставниците, покрај целата работа што ја имаат, добиваат уште малку дополнителна работа, објавува специјализираниот американски портал “Перентс” . Неретко на мета се дваесеттина различни карактери со кои треба да се знае да се излезе на крај. Според анкетите на интернет, ова се типови родители што и не им се баш омилени:
„Моето дете е посебно“-родители
Да, вашето дете е посебно, но на наставникот му е посебно секое дете во одделението. Многумина поради посебноста на нивните деца сметаат дека за нив не важат одредени правила – од однесување на час до доаѓање навреме и слично. Тоа се, исто така, родители кои сметаат дека нивното дете никогаш не греши и дека не заслужува оценка помала од чиста петка.
„Сè мора да биде совршено“-родители
Секој сака детето да му биде меѓу најнапредните во одделението, но овие родители тоа го сакаат без нималку дополнителен труд. Петки, течно читање, сметање… сакаат сè да биде заработено со ангажманот на детето на час и постигнато брзо, без мака и премногу вложен труд. Иако наставничката се обидува да му објасни на детето дека, на пример, треба да чита пред спиење, овој родител ќе се обиде да најде какво било брзо решение за таа задача, само да не мора да ја заврши.
Напумпани родители
Постојат луѓе што кога ќе уочат проблем или мислат дека го уочиле, не одат со него директно кај наставничката. Наместо да се обидат да го решат на почетокот, во желба да постигнат поголем успех, одат веднаш кај директорот, психологот, дефектологот или некој друг во училиштето, па со тоа, според наставниците, често создаваат непотребни компликации, како за себе така и за другите.
Сеприсутни родители
Тоа се луѓе кои имаат способност да бидат на повеќе места во исто време и располагаат со моќи на телепортирање. Во училницата остануваат и откако другите родители веќе си отишле, некаде скриени во агол и ја проценуваат ситуацијата, во училишниот ходник се додека во него има акција и слично. Изгледа дека не се способни на детето да му дадат слобода и да му дозволат да погреши во некоја одлука.
Родител-дух
Да, неговото име секаде се споменува, но никој никогаш не го видел. Не се појавува на родителските состаноци, не се најавува на информации, ниту го испраќа детето до училиште. Поради таквите родители, наставниците се малку нервозни бидејќи знаат колку е важна присутноста на родителите за детскиот развој, па би сакале да остварат каков било контакт.
Родители што не познаваат граници
Наставниците не се ваши пријатели и дежурна служба од 0 до 24. Ако ги имате во вибер-група или ја поседувате нивната е-адреса, не значи дека треба да ги затрупувате со пораки, писма и сугестии неколку пати дневно или во 23 часот бидејќи нешто интересно ви паднало на ум.
Разведени родители-натпреварувачи
Динамично дуо кое споделува старателство, но во сè друго владее натпреварувачки дух. Се натпреваруваат во тоа како да се прикажат во најдобро светло, а спротивната страна во најлошо. Никогаш немаат исто мислење и очигледно е дека нивната комуникација за тоа што се случува во училиште е многу нестабилна. Во оваа трка детето е секогаш единствениот губитник.
Родители-шефови
Тоа се родители што работниот дух сакаат да го донесат и во училницата и да ѝ покажат на наставничката дека се многу успешни во својата работа. Тоа, исто така, би требало да значи дека таа е според хиерархијата некаде под нив. Наставничката не ја гледаат како партнер во одгледувањето на детето, туку како вработена. Вработена на која тие ѝ даваат плата бидејќи плаќаат даноци.
„Мразачи на наставници“
Што тргна лошо во оваа врска? Тоа никој не го знае, но се работи за вид родители кои не ја почитуваат просветната работа, па сметаат дека наставниците ја завршуваат работата студено, незаинтересирано и веројатно ја избрале заради долгите летни распусти. Родителите кои не сакаат наставници, исто така, сметаат дека тие само ги „кочат“ учениците и смислуваат начини како да им го загорчат животот. Баш како што и тие самите сакаат да им го направат истото на наставниците.
Драма-родители
Секој училиштен настан и инцидент се склони да го воздигнат во превисоки пропорции. Овие родители, освен тоа, ќе направат сè за да има резултати какви што тие сакаат. Ако, според нивниот суд, се случила некоја неправда, нема да престанат да зборуваат и да лелекаат додека секој родител, баба и дедо и дете во училиштето не бидат известени за тоа.
912