Родителите треба да се тука за детето, да му дадат поддршка кога е потребно и да го мотивираат. Меѓутоа, некои зборови, изговорени дури и со најдобра намера, може да нанесат повеќе штета отколку корист. Следните 10 реченици немојте да им ги кажувате на вашите деца:
1. Дали си луд/а?
Ова е во ред да го кажете само ако детето знае дека се шегувате и ако атмосферата е потполно опуштена. Но, ако сте лути и му викате на детето, поставувајќи му го ова прашање, само негативно ќе влијаете врз неговата самодоверба. Наместо лекомислено да зборувате, обидете се да му дадете конструктивна критика бидејќи со овие зборови само ќе постигнете детето да мисли дека го сметате за лудо.
2.Што било што сугерира вина за менталното здравје на родителите
На пример, немојте да му кажете: „Ме полудуваш“ или „Полудувам поради тебе“. Тоа може да ви изгледа како добар одговор во моментот, но тоа не е она што вашето дете треба да го слушне. Вината има негативно влијание врз сфаќањето на детето дека му прави нешто на родителот. Обвинувањето на детето дека ве прави луди има потенцијал да му ја намали самодовербата.
3. Празни закани
Секој родител или изговорил или слушнал други како се закануваат со празни зборови од типот: „Подобро да направиш… или тешко тебе“. И потоа којзнае што значи ова „тешко тебе“. Ваквата реченица претставува празна закана и вашето дете или ќе ви се плаши или нема да ви верува дека ќе примените каква било дисциплинска мерка. Подобра варијанта е точно да кажете што може да очекува, на пример „Подобро среди ја собата инаку ќе бидеш казнет и нема да имаш интернет една недела“. Најважна работа и во овој случај е да го направите она што сте го кажале, ако е тоа потребно.
4. Празни реченици
Многу пати изгледа дека на детето му е доволно да му се рече „Браво!“, но ако тука застанете и не ја поврзете оваа пофалба со нешто што детето го направило, всушност, само изговарате празна реченица која не значи ништо. Дајте му на зборот подлабоко значење, така што ќе го поврзете во реченица: „Браво што ја среди собата“, „Браво за контролниот тест, баш добро си го направил“ и слично.
5. Побрзај! Побргу!
Овие зборови на вашето дете ќе им всадат чувство дека постојано доцни. Наместо да ги брзате децата на овој начин, ублажете ја ситуацијата така што и себеси ќе се ставите во реченицата, на пример: „Ајде да побрзаме за да стигнеме навреме на училиште“. Ако детето секогаш прави големи проблеми, можете да се обидете и со награда: „Ако тргнеме навреме на училиште, може подолго да гледаш телевизија/играш игри/да останеш кај другарот“ и слично.
6. Очекување совршенство
Доволно е на детето да му кажете: „Само со вежбање ќе го усовршиш…“ и веќе му ја пренесувате пораката дека ако вежба спорт/музика и слично, ќе достигне совршенство и дека тоа е она што вие од него го очекувате. Меѓутоа, токму овие зборови може да доведат до неуспех и кај него развиваат чувство на вина ако не се достигне тоа совршенство. Запомнете, никој не е совршен и ништо во животот не е совршено. Наместо да му ја испраќате оваа порака на детето, обидете се да кажете, на пример, дека со вежбање ќе ги подобри своите вештини и слично. Научете го детето да го набљудува напредокот што го постигнува, дури и ако е мал, сепак оди во добар правец. А како и со сите работи во животот, секогаш и секаде има место за поправање.
7. Не е тоа ништо, добро си (е)
Уште една лекомислена реченица која често се слуша кога детето ќе падне и малку ќе се удри или не го постигнува посакуваниот резултат. Она што детето го слуша не е доволно добро или не смее да каже како се чувствува, дали се повредило и слично. Бидете конкретни и прашајте го детето дали го боли раката, ногата или некое друго место на кое се удрило. Покажете, на пример, и дека сте забележале дека малку се исекло, но дека ќе ја средите раната и слично. Што се однесува до успехот, подобро е тестот да го коментирате со: „Доби тројка на овој тест? Добро, тоа е подобро од двојка, но следниот пат потруди се таа тројка да стане четворка“.
8. Премногу си дебел/а
Оваа реченица може лесно да ви се удри од глава ако вашето дете развие нарушување во исхраната бидејќи постојано слушало дека е дебело. Наместо да ги истакнувате проблемите на детето со тежината, поттикнете го да вежба и погрижете се здраво да се храни.
9. Не можеме да си дозволиме
Речениците што ги објаснуваат вашите финансиски недостатоци се вишок информации кои само го оптоваруваат детето. Се разбира дека е потребна транспарентност, но детето не треба да се грижи за семејните финансии. Ова можете да го кажете на поинаков начин со кој детето ќе се учи да управува со финансиите, колкави и да се, на пример: „Мораме да штедиме ако сакаме да купиме…/таму да одиме“ и слично.
10. Не можеш да станеш од маса додека не изедеш сè
Овој став го учи детето да продолжи да јаде дури и ако веќе не е гладно. Многу е подобро да го научите да стане кога ќе почувствува дека е сито. Се разбира, нема десерт ако не може да го заврши оброкот.