Трудниците често добиваат совети што не смеат да прават во бременоста. Ова се 10 работи кои можете слободно да ги правите ако сте здрава трудница и лекарот ништо не ви забранил.
Секс
Многу мајки веруваат дека кога ќе забременат, нивниот сексуален живот треба да исчезне додека не се роди бебето. Меѓутоа, тоа не е вистина! Сексот нема да предизвика спонтан абортус или да му наштети на бебето на кој било начин, вели гинекологот Марк Бленд. Всушност, раниот спонтан абортус е поврзан со хромозомски неправилности. Покрај тоа, бебето е заштитено со амнионската течност и силни мускули на матката, така што ништо не чувствува додека вие уживате со својот партнер. Кога ќе заврши првото тримесечје, веројатно ќе бидете многу расположени. Искористете го тоа за уживање во сексот бидејќи кога бебето ќе стигне, ќе имате помалку време, а заморот ќе биде поголем.
Вежбање
Трудниците би требало да продолжат со активностите со кои се занимавале и претходно. „Општо правило е што и да правевте пред бременоста – трчање, пливање, вежбање – е во ред. Ако можете да разговарате додека вежбате, тогаш вежбате како што треба. Дури и ако жената не вежбала пред бременоста, може да започне со некој облик на вежбање, па тоа може да биде и само одење“, објаснува Бленд.
Кофеин
Ако не можете да го започнете денот без шолја црно кафе, не грижете се бидејќи не сте единствени. Неодамнешна анкета открила дека 78 отсто од луѓето попрво би се откажале од социјалните мрежи или сексот на една година отколку од утринското кафе. За среќа – и идните мајки може да уживаат во шолја кафе. Може да ви се случи кафето воопшто да не ви одговара, особено во првите 12 недели.
Сувомесни производи
Можете да јадете сувомесни производи, но многу е важно да бидат зготвени, односно пастеризирани пред консумација бидејќи може да бидат извор на зараза – листериоза, бактерија поради која може да заболат трудниците, а и може да има тешки последици за нероденото дете. Трудниците имаат 20 пати поголема шанса од другите возрасни лица да заболат од листериоза.
Патувања
Се разбира дека можете да патувате, а не само да се движите во местото каде што живеете. Како идна мајка, можете да летате на различни дестинации, но да бидете внимателни кога е во прашање седењето во една положба, бидејќи тоа не е добро за циркулацијата. Обидете се да уживате во патувањата.
Спиење на грб
На трудниците им се препорачува спиење на левата страна бидејќи тоа го подобрува протокот на крвта во постелката. Но, да се биде во една положба цела вечер исто така може да биде невозможна мисија, затоа немојте да кревате паника ако се разбудите на грб во текот на ноќта. „Ние доволно се вртиме во текот на спиењето така што ова не е проблем. Дури и ако жената спие на грб, нема долго да биде во таа положба“, вели Бленд.
Бањање
Некои жени може да избегнуваат топла бања од страв дека топлата вода може да му наштети на детето. Но, во текот на бременоста можете слободно да уживате во смирувачка бања. „Тоа е важно за ублажување на болката и не треба да се откажете. Сепак, немојте бањата да ја претворите во сауна“, објаснува медицинска сестра.
Бојадисување на косата
Повеќето гинеколози препорачуваат да се почека додека не излезете од првото тримесчје, а потоа се смета дека е безбедно редовното бојадисување на косата, истакнува Бленд. За да ги намалите можните ризици, обидете се да се бојадисувате така што бојата нема да ја допира вашата кожа, па изберете производи со помалку хемикалии и проверете дали просторијата е доволно проветрена.

Млечни производи
Сите знаеме дека треба да се избегнуваат непастеризирани производи во текот на бременоста. Жените може да уживаат во сирења, млечни производи кои се пастеризирани, а изборот на таквите млечни производи е голем.
Масажи
Се знае дека притисокот на одредени точки на зглобовите може да ги стимулира мускулите на карлицата, вклучувајќи ја и матката, но вистинскиот масер ќе знае да ги избегне тие подрачја. Истражувањата покажуваат дека масажата во текот на бременоста може да ги намали тегобите, симптомите на депресија, да ги ублажи болките во мускулите и зглобовите и да го подобри здравјето на новороденчето.