Некој ми рече дека преминот од едно дете на две деца е поголемо приспособување од промените што се случуваат кога првпат станувате родител. Не се согласувам.
Колку и да обожавав да бидам мајка првиот пат, нервозата ми беше многу поголема за разлика од 3 години подоцна. Да, добивав повеќе обврски и помалку време за јадење и туширање или значаен разговор со возрасно лице кога се роди моето второ дете, но овој пат: Пре – лес – но.
Всушност, ова се 10 причини поради кои треба да престанете да се грижите што ќе станете родител и на второ дете:
1. Повеќе сте релаксирани
Не го убивте првото дете. Ако тоа не е доказ дека го можете ова, тогаш не знам што друго може да биде.
2. Знаете колку брзо поминува сè
Со првото бебе сте потрошиле многу време грижејќи се дали сè што ќе направите ќе биде правилно, се грижевте дали сè ќе помине (непроспиени ноќи, отечени брадавици) и дали животот повторно ќе се врати во нормала. Со второто бебе сè ќе ви биде познато, и не само тоа – ќе знаете колку брзо поминуваат првите години, па подобро ќе се опуштите и ќе уживате во моментот.
3. Нема време за здодевност
Кога моето девојче беше бебе, признавам дека некои денови беа предолги и имав чувство дека животот е монотон – постојано ги повторував истите работи. Со второто бебе ќе бидете толку зафатени, што нема да имате ниту време за да ви биде здодевно и монотоно. Верувајте ми.
4. Никој не ти се меша
Сега си мајка на две деца и ги имаш мудроста и искуството за одгледување деца. Можеби поради зголемената самодоверба што ја имаш сега, ретко кој ќе се обиде да ти „соли памет“ за начинот на одгледување на децата.
5. Ја имаш речиси целата опрема
Кога имаш второ бебе, штедиш и пари! Од првото дете имаш голем дел од опремата која сè уште можеш да ја користиш.
6. Знаеш што е залудно и не фрлаш пари
Ах, сите тие работи што продавачот ти рекол дека ќе ти бидат многу потребни за првото дете. Но, сега си помудра и знаеш што ти треба, а што не.
7. Веќе имаш пријателки-мајки
Сега можеш да уживаш во пријателствата со старите и новите контакти. Додека пристигнало второто дете, и старите пријатели се навикнале на новата ситуација и обврски, а и новостекнатите го збогатуваат социјалниот живот.
8. Се навикна на помалку спиење
Со првото дете си спиела околу 5 часа. Па веќе имаш одредена навика за справување и со обврските за второто.
9. Знаеш што да очекуваш и колку треба да се грижиш
Првите денови со првото бебе си била преплашена и загрижена. Поминуваше часови подготвувајќи ги најхранливите оброци, а детето дури и одбиваше да ги јаде. Или ќе ги исплукаше на подот. Со второто дете се чувствуваш помалку виновна и веќе имаш смислено начин како да ги искористиш моментите, на пример, додека се бања или игра, за да го нахраниш.
10. Знаеш дека сè што правиш го правиш од љубов
Кога стануваш мајка првпат, не можеш ниту да замислиш да сакаш некој друг повеќе од своето дете. Но, потоа се среќаваш и со второто и тоа го сакаш најмногу. И потоа го сакаш првото за начинот на кој го сака своето братче или сестричка. Преслатко! И потоа го сакаш сопругот зашто заедно сте создале уште една радост. И така натаму и така натаму. Прекрасно.
Па ако сè уште размислувате дали да имате второ дете, не двоумете се. Но, внимавајте: Можно е толку многу да уживате со две, што ќе посакате и трето! (Зборувам од искуство!)
Автор: Трин Џенсен-Бурк