Здравје

10 навики на хиперсензитивните деца

Речиси сите семејства што ми се обраќаат за помош имаат високо чувствителни деца. Овие деца ги обработуваат и реагираат на искуствата во светот подлабоко од другите деца. Тие се неверојатни деца кои имаат тенденција да бидат жестоки, упорни и страсни. Тие се неверојатно проникливи и сочувствителни. Поради нивниот интензитет, тие се исто така склони кон повеќе предизвици во приспособувањето на животните очекувања и граници.

Преку мојата работа со стотици семејства во изминатите 30 години, добив увид во она што ги тера овие деца да реагираат како што реагираат, како што е наведено подолу.

10 навики на високо чувствителните деца

Тие доживуваат емоционални екстреми. Ваквите деца ги регистрираат своите чувства и искуства во светот подлабоко од другите деца. Родителите често ги опишуваат ваквите деца како разбеснети. Живеат во крајности, изговарајќи ирационални извици, како на пример „Никогаш не можам да седам во скутот на мама“, додека во реалноста, во девет од десет случаи ова дете го зазема тој посакуван простор, а неговиот „полежерен“ брат или сестра ги прифаќа маргините.

Имаат поголеми реакции на сензорните дразби. Децата што се многу чувствителни, емоционално, веројатно ќе бидат почувствителни на сензорните информации. Поинтензивно доживуваат глетки, звуци, вкусови, мириси и/или текстури. Тие може да се плашат од јавните бањи затоа што мијалникот е премногу бурен и гласен. Тие може да отфрлат храна која има силен вкус и мирис. Често се многу приспособени на начинот на кој работите изгледаат и стануваат непријатни кога не изгледаат како што тие очекувале. На пример, едно мало девојче со кое работам сега инсистира мајка ѝ да ја спушти косата и многу се вознемирува кога ќе стави штипка за коса. Ваквите деца се чувствуваат бомбардирани со сензации со кои не можат ефикасно да управуваат, што може да ги засили нивните емоционални реакции.

-Тие се посклони кон изливи на бес. Поради нивната чувствителност, ваквите деца побрзо може да доживеат стрес. Тие се преплавени од нивните големи емоции и големите реакции на сензорните дразби, што природно резултира со почести и поинтензивни изливи на бес и емоции.

Тие се многу приспособени на секого и на сè. Овие деца се „преработувачи“. Нивниот мозок никогаш не се исклучува. Тие силно се фокусираат и анализираат сè. Како што објаснува една мајка: „Саша веднаш забележува дека тонот меѓу мене и сопругот се менува и се обидува да интервенира. Таа се впушта меѓу нас и дава наредба: „Престанете со ова веднаш! Нема повеќе зборување! Тато, треба да ја бакнеш мама.“ Како да немаат внатрешен филтер. Ова ги прави исклучително проникливи и сочувствителни. Но, тоа исто така значи дека тие полесно се преоптоваруваат бидејќи апсорбираат повеќе отколку што можат да поднесат.
Имаат поинтензивна потреба за контрола и можат да бидат крути и нефлексибилни. За да се обидат да стекнат контрола, овие деца имаат фиксни идеи и очекувања за тоа како треба да бидат поставени работите за да го направат секојдневниот живот посодржаен. Диктирањето каде ќе седат луѓето, како ја носат косата, во каква чинија треба да бидат ставени нивните житарки, каква облека ќе носат или нема да носат, или колку пилешкото може да биде блиску до морковите во нивната чинија за вечера – навидум ирационални барања – се сите механизми за справување на овие деца за да ја контролираат средината врз која имаат чувство дека немаат контрола. Колку повеќе децата се чувствуваат надвор од контрола однатре, толку повеќе контролираат однадвор.

Повеќе се претпазливи во новите ситуации. Кога ваквите деца се наоѓаат во нова ситуација – било да е тоа училница, роденденска забава или час по пливање – тие се различни од другите. Се прашуваат: Какво е ова место? Што ќе се случи овде? Кои се овие луѓе? Што можам да очекувам од нив? Дали ќе им се допаднам? Дали ќе бидам безбеден? Дали ќе бидам добар во сè што се очекува од мене овде? Оваа постојана анализа на нивната околина ги прави чувствителните деца исклучително бистри и проникливи. Но, исто така, може да биде поразително и да ги направи посклони кон анксиозност, особено во нови ситуации. За да се справат, тие жестоко се држат до нивната комфорна зона, што значи дека често се спротивставуваат на нешто ново. Тие имаат тешкотии во однос на разделувањето од своите родители. Им треба подолго време за да се приспособат кога ќе тргнат во градинка или во училиште. Тие одбиваат да одат на фудбал или пливање, дури и кога ги сакаат овие активности.

-Тие имаат тенденција да имаат помала толеранција за фрустрација. Хиперсензитивните деца имаат тенденција да ги доживуваат посилно неволјите и полесно се откажуваат кога ќе се соочат со предизвикувачка задача. За нив е неподнослива природната непријатност што сите ја доживуваме кога сме во тој простор каде што работиме, но сè уште не сме совладале некоја нова вештина. Ова им отежнува да ги користат мускулите, на пример, кога учат да возат велосипед или размислуваат како да не се сруши нивната кула од коцки.

-Тие се склони кон перфекционизам и многу тешко губат. Високо чувствителните деца имаат тенденција да бидат перфекционисти. Кога не можат да направат нешто точно како што им кажува нивниот мозок дека треба да биде, тие тоа го доживуваат како губење на контролата, што е многу непријатно и тешко да се толерира. Тие, исто така, се поттикнати полесно да чувствуваат срам – да се чувствуваат како „неуспех“. Ова е причината зошто губењето е толку тешко за овие деца.

-Тешко поднесуваат да бидат поправени. Дури и навидум бенигните насоки се перципираат како лични обвиненија, а не како корисни упатства што им ги нудите. Нивниот срам може да резултира со смеење, одвраќање на погледот, лутина или бегство. Сето тоа се механизми за справување кои обезбедуваат заштита и ослободување од напливот на тешки емоции.

-Тие се посамосвесни и лесно се занемаруваат. Овие деца имаат тенденција да бидат преокупирани со тоа како другите ги гледаат. Ним им е многу непријатно кога ќе се насочи вниманието кон нив. Тие се чувствителни на состојбата кога мислат дека се под лупа или проценети. Затоа им е особено непријатно со пофалбите – колку и да изгледа тоа контраинтуитивно. Тие знаат дека тоа значи оти се оценувани и го апсорбираат и реагираат на притисокот.

Хиперсензитивните деца имаат тенденција да ги сфаќаат работите лично. Тие се склони погрешно да ги толкуваат туѓите постапки. Тие ги филтрираат своите искуства преку начин на размислување од гледиште на жртвата, како да се подготвуваат да бидат повредени. Ова може да ги направи предизвикувачки интеракциите со врсниците и браќата или сестрите. Се разбира, нема сите деца што се хиперсензитивни да ги имаат сите овие особини, а многу деца кои не се многу чувствителни ќе се борат до одреден степен со овие предизвици. Поради нивната чувствителност, овие деца се посклони кон анксиозност и други предизвици за менталното здравје. Ако однесувањето на вашето дете попречува тоа да се вклучи во здрави односи со другите или да функционира ефективно дома и на училиште, важно е да побарате стручна помош.

Автор: Клер Лернер, специјалист за детски развој

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top