Да се биде мајка е исполнувачка животна улога која некогаш ќе ја имате, па иако не би ја промениле за ништо на светот, потребен ќе ви биде баланс во животот. Времето за себе е патот кон здрава мајка, способна да се грижи за детето и семејството. Времето за себе ви овозможува полнење на батериите, а подразбира различни нешта за различни луѓе. Некои мајки добиваат енергија од вежбање, некои сакаат да бидат сами и да читаат книги. Следуваат 10 идеи што ќе ви помогнат да креирате сопствен простор во текот на денот.
1. Домашните обврски нека бидат задача на целото семејство
Не можете да ги вклучите бебињата во чистењето, но малите деца може да помогнат. Иако често знаат да растураат, сепак, добри се и во поставување на нештата на своето место. Може да ви помагаат во редењето на облеката, како и нејзино сместување во соодветна соба или место. Кога ќе завршат со оброците, децата може да ви ги донесат чиниите и да ја расчистат масата. Побарајте од нив и да ги кренат играчките и да ги стават на своето место. Наградете ги со прегратки откако ќе ве послушаат. Размислете и за ангажирање помош во чистењето, колку што можете да си дозволите. Исто така, разговарајте со партнерот во однос на поделбата на домашните обврски.
2. Распоред на спиење
Некои деца се будат кога стануваат нивните родители, но вие направете распоред така што ќе станувате еден час пред нив за да имате време за себе. Има периоди кога бебињата се будат често навечер, па ќе имате проблем да воведете ред во спиењето, но тоа не трае вечно.
3. Стратегии за намалување на времето посветено на готвење
Можете да направите резерва од смрзната храна, па кога сте зафатени, едноставно да одмрзнете готово јадење. Или, пак, такво да купите во продавница. Со партнерот можете да ги поделите обврските околу купувањето намирници, како и околу готвењето. Многу од продавниците вршат и достава, што ќе ви заштеди време во целиот процес на подготвување храна.
4. Размислете за менување на кариерата
Ова е голема промена и можеби не е можно во одреден период, но стресот и недостигот на време може многу да ви наштетат, па во ред е да размислувате во оваа насока. Имате ли опција да работите како „фриленсер“, има ли опција за подобар распоред на обврските, работа од дома и слично? Секогаш е од помош ако размислувате како да ги балансирате семејните и професионалните обврски. Разговарајте со претпоставениот и видете дали може да се направи некаков флексибилен распоред, а ако работите со тим, тогаш распределете ги обврските еднакво.
5. Природа
Има нешто во звуците од природата што предизвикува смиреност и обнова. Не мора да живеете до океан или во планина за да уживате во природата. И престојот во вашата градина може многу да помогне. Обидете се да ги носите децата надвор секој ден. Ќе се чувствувате освежени. Зачленете се во некоја ботаничка или зоолошка градина и уживајте во поврзувањето со природата.
6. Движење
Времето посветено на вежбање е предизвик за многу мајки. Но, обидете се да направите рутина за вежбање – трчање, возење велосипед, правење стомачни. Некои деца уживаат да вежбаат со своите родители, па можете овие активности да ги правите заедно. Обидете се и со играње и аеробик, ако децата сакаат да танцуваат и да се движат. Доколку сте во можност – и заедничка дружба во базен е одлична идеја.
7. Направете пакт со други мајки
Може да биде тешко да разговарате со друго возрасно лице додека со едното око внимавате на детето додека игра со други дечиња, на игралиште или во игротека. Направете пакт со другите мајки, поделете се во однос на чувањето на децата. Одреден ден нека биде задолжена една мајка, следниот друга итн.
8. Имајте кутија со потребните работи
Ова е одлично ако доите и имате малечки деца. Во кутијата ставете ги играчките што ги сакаат децата, книги, сликовници, коцки и слично и извадете ја таа кутија кога ќе ви биде потребно време за себе.
9. Паузирајте
Во ред е малку да закочите. Ако децата ве молат да играте со нив, а вие се обидувате да зготвите вечера, во ред е некогаш да ги исполните нивните желби и да нарачате пица или да направите сендвичи. Некои периоди од денот треба да им ги посветите на децата и со нив да поминете време – и тоа ќе ви даде енергија да продолжите понатаму. Ќе ја одржувате поврзаноста со нив и ќе бидете мотивирани за другите обврски.
10. Дознајте што е она што ве иритира
Сигурно сте согледале што е она што ве иритира. Застанете, дишете длабоко и запрашајте се: Што ми е потребно за да останам смирена? Можеби е чаша вода, можеби е сон, нешто за јадење или неколку моменти оддалечена од сите. Смислете план за смирување и релаксирање за да не бидете вознемирени пред децата. Ако немате време за пауза, обидете се да најдете друг начин за ослободување од тензијата. Потпрете се и на други блиски луѓе во тие моменти. Јавете му се на близок пријател и позборувајте неколку минути додека децата играат. Поврзете се со оние што ве поддржуваат и ви пренесуваат позитивна енергија.
Вие сте совршената мајка за вашите деца.
Давате сè од себе, но во одредени денови едноставно сте исцрпени. Децата не знаат колку сте истрошени. За нив, вие сте полни со грациозност, самодоверба и трпение. Дајте си комплимент себеси и сфатете колку неверојатна мајка сте. Дури и кога се чувствувате испразнети, вие сте токму она што на децата им е потребно, а вашата љубов кон нив нема да остане незабележана. Уживајте во тие моменти и знајте дека ќе биде полесно!