Ако посетите некоја Монтесори-училница за мали деца, најверојатно ќе забележите дека децата учат како да подготвуваат храна. Кога децата учат да готват, тие учат многу повеќе од кулинарските вештини – тоа им дава чувство на гордост и независност. Има нешто многу задоволувачко за дете, кое вообичаено е лицето на кое му се служи јадење, да биде способно да подготви нешто самото и да го послужи на некој друг.
Ова се 10 забавни и едноставни начини за да му го претставите готвењето на вашето дете:
1. Насочете ги кон успех со правилните алатки
Постојат неколку основни работи што им требаат на децата за да бидат успешни во кујната. Прво, потребен им е простор и место. Тоа може да биде малечка маса или, пак, некое столче за да се качат и да ја дофатат кујнската маса. Потребни ќе им бидат и малечки алатки соодветни за нивната возраст, како што се малечки дрвени лажици, штица за сечење и слично. Но, не помислувајте дека треба да обезбедите сè одеднаш. Со текот на времето пополнувајте ја нивната колекција.
2. Зборувајте за безбедноста, а потоа оддалечете се
Кога ќе му ги претставувате на детето кујнските алатки, зборувајте му за сигурноста при нивното користење, како и за правилата што ги имате поставено за готвење во кујната. Обидете се да не му се наметнувате додека работи. Се разбира дека треба да го набљудувате, но немојте да го попречувате во работата.
3. Претставете му го сечкањето
Со изучување на таквите вештини детето ќе може постепено и полесно да учи. Покажете му на детето како да ги користи алатките, па почнете со нешто едноставно за сечење, на пример, краставица. Можеби за намирници како краставиците полесно ќе биде ако вие прво ја исечете краставицата надолго, за да биде израмнета, а потоа детето да ја постави на штицата и да ја сече на ситни парчиња. Дајте му и друг сад во кој ќе може да ги префрла исечените делови. За малите деца, организацијата е клучна.
4. Задолжете ги за ужината
Децата во Монтесори-школите речиси секогаш имаат ужина која сами ја послужуваат. Исто така, кога ќе завршат со јадење, обично сами ги мијат садовите. Не давајте им голем куп храна на децата, туку нека изберат од неколку видови, на пример, крекери кои може да ги послужат со овошје од садот во кујната или фрижидерот или да исечат моркови за да ги јадат во прилог со хумус.
5. Почнете да одгледувате билки
Покажете му го на детето целиот процес на готвење. Можете да изберете неколку билки што ќе ги одгледувате во саксии. Поканете го и вашето дете да ви помага во наводнувањето и собирањето на листовите пред да готвите. Берењето на лисјата исто така е одлична вежба за моторичкиот развој.
6. Децата нека помагаат со вечерата
Ако правите јадење заедно, им помагате на децата да се чувствуваат важни и корисни за семејството. Исто така, го избегнувате моментот кога имате обврска да зготвите нешто, а малото дете го бара вашето внимание. Добра вест е што речиси сите оброци имаат некаков аспект за кој децата може да помогнат, дури и ако е тоа само откинување на зелената салата или сечење на зеленчукот. Бонус: детето повеќе ќе јаде ако и тоа учествува во процесот на подготвување на оброкот.
7. Претставете ги вашите специјални алатки
Постојат неколку поскапи и поспецифични алатки во кујната што ги користиме, па може да им ги покажете на децата. На пример, сечачот за јајца, алатката за вадење семки од јаболката и слични други алатки со кои детето гарантирано ќе се забавува, а и ќе совладува нови вештини.
8. Оставете ги да мерат и да мешаат
Ова е наједноставниот начин на кој децата може да помогнат во кујната. Изберете рецепт кој не е премногу прецизен, на пример, супа или сос и покажете му на детето како да мери колку лажици од што е потребно. Ако сте загрижени дека ќе погреши, нека ги става намирниците и нека меша во посебен сад.
9. Дозволете им да изберат активност
Ова можеби е најтешко за родителите. Дали навистина сакате да го расчистувате нередот што ќе го остави детето по практикувањето на неговите кулинарски вештини? Клучот е во тоа да го насочите детето кон успех. Ако има три години, не давајте му опции од кои знаете дека ќе направи неред. Наместо тоа, смислете едноставна активност, како што е сечење морков или чистење цреши, а сите намирници ставете ги во најдолните фиоки за детето да може да ги земе. Бидете специфични во однос на тоа дека децата треба да исчистат откако ќе го сработат зададеното. Откако ќе ја совладаат целата активност, вклучително и чистењето, дури тогаш може да додадете друга опција.
Следуваат неколку потенцијални активности што ќе ја поттикнат индивидуалноста на детето:
Лупење мандарини – потребни ви се послужавник, малечок сад за лупење, чинија за парчињата мандарина.
Лупење банана + сечење – потребни ви се: послужавник, сад за лушпата, ноже за сечење, штица за сечење и малечок сад или чинија за парчињата банана.
Сечење морков – потребни ви се: малечка четка за чистење на морковот, малечко сунѓерче или крпче за остатоците, алатка за лупење морков, ноже, штица за сечење и малечок сад или чинија за парчињата морков.
Сечење јагоди – потребни ви се: штица за сечење, сечач за јајца и малечок сад или чинија за парчињата.
Лупење јајца + сечење – потребно ви е: малечок сад за лушпите, штица за сечење, сечач за јајца и чинија за парчињата.
Рендање кашкавал – потребно ви е: штица, малечко ренде и малечок сад за кашкавалот.
Мачкање со путер од кикиритки – потребни ви се: малечка тегла путер од кикиритки, нож за мачкање, штица, крекери за да се намачкаат со путерот и малечка чинија за нив.
Чистење цреши – потребно ви е: штица, алатка за вадење семки, малечок сад за семките и сад за црешите.
Микс од јаткасти плодови – потребни ви се различни видови јаткасти плодови, житарици, сушено овошје, малечка шолја за мерење и сад.
10. Поставете монтажна кујна
Играта е многу важен дел од тоа како децата ги процесираат искуствата и новите информации. Ако почнете да готвите со вашето дете, тогаш поставете едноставна монтажна кујна надвор, каде што ќе може да ги вежба новите вештини и ќе смислува различни рецепти.
Запомнете дека овој процес треба да биде едноставен, а одлично ќе биде ако во близина имате и место од каде што детето ќе може да полни вода. Најважно е детето да ги следи своите интереси и вештини. Претставувајте му ги работите една по една, не полудувајте поради нередот и оставете го детето да води. Бон апетит!
Автор: Кристина Клемер
Извор: mother.ly