Во услови на пандемија на коронавирусот, десет милиони деца би можеле да стапат во брак до 2030 година, предупредува УНИЦЕФ, а уште сто милиони девојчиња би можеле да бидат присилени на брак до крајот на деценијата.
Браковите на девојчиња помлади од 18 години се последица на повеќе фактори поврзани со кризата од Ковид-19, најпрво затворање на училиштата, влошување на економските услови, нарушувања во јавните услуги и смрт на родителите, предупредува Фондот за деца на Обединетите нации.
– Ковид-19 ја влоши и така тешката ситуација за милиони девојчиња. Но, ние можеме и мораме да им ставиме крај на малолетничките бракови – вели извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе, во соопштението објавено во понеделникот. Пандемијата се заканува дека ќе го спречи напредокот остварен во изминатата деценија каде што стапката на венчавки на малолетни девојчиња паднала од 25 на 20 отсто, што значи дека 25 милиони такви бракови не биле склопени.

– Мораме веднаш да преземеме чекори за да се намалат последиците од пандемијата врз девојчињата и нивните семејства. Со повторно отворање на училиштата, обезбедување социјална помош и услуги и примена на закони и примерни политики, можеме да помогнеме да не им се уништи детството – истакна Форе.
Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека 650 милиони девојчиња во светот стапиле во брак пред да наполнат 18 години. Половината од таквите бракови се склучени во Бангладеш, Бразил, Етиопија, Индија и Нигерија.
Стапката на бракови со малолетни девојчиња во Нигерија е 76 отсто, а во Демократската Република Конго 68 отсто, наведува УНИЦЕФ за минатата година. Стапката на венчавки кај малолетни момчиња е 6 пати помала отколку кај девојчињата.
Автор: Бруно Сердар