Воспитување

10 комплименти што децата треба да ги слушнат од родителите

На децата им треба охрабрување во предизвиците со кои се соочуваат секојдневно. Комплиментите што ќе им ги дадете можат да им помогнат да стекнат самодоверба и верба во себе. Страницата „imom.com“ советува кои комплименти секое дете треба да ги слушне од своите родители:

Комплименти за неговиот карактер

Живееме во свет во кој интегритетот на поединецот не се учи доследно и во кој, за жал, не се ни очекува. Кога вашето дете покажува искреност, љубезност и доверливост, тоа е одлична можност да му дадете искрена пофалба.

Комплименти за послушност и почит

Многу е лесно да се западне во навика да се нагласуваат само негативните однесувања на детето. Наместо да ја чекате следната непослушност, а потоа да го карате детето, обидете се да обрнете внимание на моментите кога ве слуша и покажува почит. Нека слушне дека е прекрасно дете и ценете како се однесува со вас.

Комплименти за помагање на семејството

Помогнете му на вашето дете да разбере дека и најмалата работа што ја извршува прави разлика и му помага на целото семејство. Кажете му да го цените неговиот придонес кога ја поставува масата, зема играчки итн. Помагањето е важен дел од семејниот живот.

Комплименти кога ќе успее да направи нешто ново

„Добро сторено! Многу добро ја совлада оваа задача.“ Или: „Секоја чест за тоа колку далеку стигна.“ Вистинските комплименти што го нагласуваат сработеното одржуваат позитивно расположение.

Комплименти за неговиот стил (дури и ако го немате истиот вкус)

Не треба да ги тераме децата да станат исти како нас и секако нема да им се допадне сè што правиме. Пофалете го вашето дете за комбинацијата што ја составило („Навистина имаш дарба за комбинирање, се чини дека размислуваш за својот изглед.“ Или „Никогаш не сум видел/а толку убаво поставена маса! Толку си имагинативен“). Не ограничувајте ги комплиментите само на она што го сакате.

Комплименти за квалитетот на работата

Без разлика дали ќе му кажете „секоја чест“ за одредена работа што ја направило дома или за домашната работа, ќе му покажете на детето дека е важно секоја работа да ја сфати сериозно. Затоа, секогаш забележувајте што е добро направено.

Комплименти за напорот (дури и ако резултатот не е најдобар)

Пофалувајќи го трудот што детето го вложува во она што го прави, вие го учите да не се откажува. Ова е важен дел од вашата улога како учител. На детето му ја пренесувате пораката дека резултатите може да се подобрат само со вложување труд и дека треба да биде упорно и истрајно.

Комплименти за чекорите кон долгорочната цел

Научете го вашето дете дека не може веднаш да очекува совршен резултат со тоа што ќе му дадете комплименти за малите чекори што ги прави секој ден. „Добро ја научи лекцијата денес. Така ќе имаш одлична оценка на крајот на годината.“ За подобра ефикасност, ентузијазам и помош за напредокот на детето, комплиментот е секогаш добредојден.

Комплименти за друштвото што го избира

Се разбира, само кога навистина го мислите тоа и кога ќе се уверите себеси дека друштвото во кое се движи вашето дете е доверливо! Тогаш можете слободно да му кажете на детето реченици како: „Марко е многу умно момче.“ Или: „Многу сум среќен/на што избираш добри пријатели.“

Комплименти за тоа што постои

Дозволете му на детето да чуе дека сте благодарни што е дел од вашето семејство. Детето треба да разбере дека е ценето, сакано и посакувано. Можете да му кажете, на пример: „Секогаш кога ќе те видам, мислам колку сум среќна што сум твоја мајка.“ Покажете љубов.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top