Џенифер Анистон откри зошто никогаш не посвоила дете, и покрај долготрајната јавна опседнатост со нејзината плодност.
– Кога луѓето велат: можеш да посвоиш, јас не сакам да посвојам. Сакам моја ДНК во мало човечко суштество. Тоа е единствениот начин, себично или не – изјави таа неодамна на еден поткаст и додаде дека раѓањето деца едноставно не било во планот, каков и да бил тој план.
Со децении Анистон беше мета на медиумски шпекулации за тоа дали ќе стане мајка. Анистон беше во брак со Бред Пит од 2000 до 2005 година, а потоа со Џастин Теру од 2015 година до нивната разделба во 2018 година.
– Не треба да бидеме мажени или мајки за да бидеме комплетни. Ние одлучуваме за нашиот среќен крај. Да, можеби некогаш ќе станам мајка, и бидејќи сè кажувам јавно, ако тоа се случи, јас ќе бидам првата што ќе ве извести. Но, не го бркам мајчинството затоа што се чувствувам нецелосно, како што културата сака да нè убеди – напиша во една колумна таа.
Во 2022 година Анистон откри дека пробала и ИВФ за да забремени.

– Сакав да забременам. Тоа беше тежок пат за мене. Сите тие години и години шпекулации, беше навистина тешко. Поминував низ ИВФ, пиев кинески чаеви, што и да ми предложеа. Би дала сè некој да ми речеше: „Замрзни ги јајце-клетките. Направи си услуга“. Едноставно не размислуваш за тоа. Еве ме сега. Бродот исплови – изјави таа.
Во интервју за „Харперс базар“, Анистон го коментираше текстот што го напишала за „Хафингтон пост“.
– Не ја знаеја мојата приказна, или што поминував изминатите 20 години за да се обидам да основам семејство, затоа што јавно не ги кажувам моите медицински проблеми. Тоа не е ничија работа. Но, доаѓа момент кога не можеше да не го чуеш наративот дека нема да имам бебе, нема да имам семејство затоа што сум себична и работохолик. Тоа влијае врз мене бидејќи сум само човек – изјави таа.