ПРАШАЊЕ: Потребен ми е стручен совет во врска со мојата ќерка која има 7 години. Веќе подолг период е многу осетлива. Во училиште ѝ оди послабо (нема концентрација), меѓутоа, не е многу страшно. Повеќе ме загрижува што почнува за сѐ да плаче, што не беше случај порано. Пробувам да разговарам дали има нешто што ја растажува и некогаш вели не, некогаш почнува да објаснува, меѓутоа, кажува неповрзани работи (како да си наоѓа причина за нешто да плаче). Исто така, ме плаши тоа што доста често се кочи кога нешто сака да ни каже. Не знае да го каже течно тоа што сака, почнува да раскажува и се кочи, се поправа и на крај пак не успева да се доискаже. Инаку, не е единствено дете, има и помало братче од 4 години и гледаме да нема поделба и да се однесуваме рамноправно кон двајцата.
ОДГОВОР: Плачливоста кај децата на оваа возраст е показател на состојба на вознемиреност, несигурност, раздразливост како последица на стрес, незадоволени психолошки потреби или ниска самодоверба. Сето тоа е придружено со несигурност во врска со искажувањето и презентирањето на нештата, што предизвикува манифестација на недореченост, недоискажаност и страв од погрешливост во искажувањето.
Затоа, потребно е очекувањата и критериумите за нејзиниот развој да ги усогласите според нејзините можности и да го потврдувате секој успешен обид, труд или исход во нејзините активности каде што таа се обидува да се тестира себеси и своите сили.

Работете ги прирачниците за емоции во издание на „Арс ламина“. Насочете ја кон нејзините силни страни и давајте ѝ охрабрување при надминување на сопствените рекорди без да ја споредувате со другите и нејзините училишни постигнувања.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com