ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 9 години и во последно време ако почне брзо да зборува, се навраќа повторно на веќе кажаното. И може уште неколку пати да се наврати на тоа што го кажала претходно. Дури и се заморува додека зборува. Бидејќи не може да го каже тоа што го мисли, се повлекува и ми вели: „После ќе ти кажам“. Како да ѝ помогнам?
ОДГОВОР: Ваквите манифестации најчесто се должат на интензивен стрес, односно соочување со ситуации кои за детето причинуваат вознемиреност, напнатост или психолошки притисок.
На оваа возраст детето е свесно за овие манифестации, се јавува чувство на срам и непријатност и потоа се повлекува – поради неможноста да се искаже. Сето тоа може да влијае и врз самодовербата што ја постигнала дотогаш. Поради мал опсег на податоци во моментов, ваквата состојба треба да се проследи кај детски психолог со помош на опсервација и егзаминација, со што би се адресирала и конкретната причина за проблемот.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com