ПРАШАЊЕ: Веќе неколку месеци ќерка ми сака постојано да биде гола. Ќе ѝ текне, ќе почне да се соблекува и нема шанси да ја облечам. Доаѓа од градинка и бара да се соблече. Плаче, се треска од земја, ја тегне облеката, и тоа трае неколку часа. Само што ќе се појавам со облека, одма вика дека не сака и се лепи за земја. Претходно имавме проблем со фустани, палта и чорапи, ама ова сега што сака да биде гола е премногу. Топло ни е дома, ама не за да биде 3 часа гола. Смрзната е, а не сака да се облече. Не покажала алергија на ништо, ама и така сѐ е памучно и приближно истата облека ја користиме. Папучите за во градинка моравме да ги смениме со исти такви, ама поголеми, исто и палтото и слично. Ве молам за совет!
ОДГОВОР: Се чувствува колку сте исцрпени и исфрустрирани и ве разбирам. Од преголемата исцрпеност не сте ја навеле возраста на вашето девојче, но спомнувате градинка, па претпоставувам дека е на 2-3-годишна возраст. Иако веќе повеќе месеци се борите со моменти кои се екстремни, сето ова што се случува е дел од нормалниот развој на детето. Интересно е дека во градинка останува облечена, а кога се враќа дома, веднаш се соблекува. Ова најчесто е знак дека таа е сензорно и емоционално преплавена од многу работи што се случуваат таму: звуци, правила, контакти, очекувања итн., телото е во состојба на напнатост, па кога е дома како да бара начин да се „ослободи“ од напнатоста, а тоа го прави преку телото. Па така, можеме да го протолкуваме ова како обид таа да се смири, да си ја врати контролата, едноставно да почувствува некој вид олеснување и да биде сигурна.
Од друга страна, таа е во развоен период кога децата на возраст од 2 до 4 години ја развиваат т.н. фаза на автономија (според Ериксон, Развој на автономијата наспроти срам и сомневање). Тие учат да бидат независни, да имаат избор, да го контролираат сопственото тело и да ги истражуваат границите. Поради тоа, тантрумите и големиот отпор околу облеката е само начин вашето дете да ги истражи овие граници и да ја тестира својата контрола во светот кој сѐ уште е многу голем и сложен за неа, иако тоа се случува на начин кој е многу напорен за вас како родители.
Би било добро да бидете смирени, вашата смиреност е многу важна, а потоа понудите избор помеѓу две или три комбинации на облека, викнете ја да одбере на пр: „Сакаш ли да носиш црвена или сина блузичка?“, за да има чувство на контрола.
Можете да кажете: „Кога ќе дојдеме дома, можеш да се соблечеш, а потоа пред ужина или прошетка треба да се облечеш“ – да направите еден вид договор. Кога ќе биде дома, треба да игра во мир, без да разговарате за облеката. Облеката да биде поширока и мека за полесно да ја поднесе. Тантрумите и викањето ќе мора да ги истрпите, тоа е нејзин начин да покаже дека нешто не е како што сака, а кога ќе се смири, тогаш можете да ѝ кажете: „Сега е време да се облечеш, потоа ќе си играме“, без долги расправии и убедувања. Треба да бидете кратки и јасни, без големи дискусии. Оставете ја облеката блиску до неа и кажете ѝ: „Кога ќе заврши цртаниот, еве ја тука облеката да се облечеш.“
Во многу ситуации употребувајте хумор и разиграност, и барајте помош од неа во смисла: „Ајде прво да ги облечеме куклите, а потоа тие да видат како ти се облекуваш“ или „Натпревар кој побрзо ќе се облече“; „Мама е тука да ти помогне ако треба“.
Едноставно, не влегувајте во еден вид „борба“. Кога ќе се облече, охрабрете ја и покажете дека сте среќни.
Вашето дете расте и истражува, иако тоа доста често е напорно за родители, сепак е само дел од нормалниот развој на автономијата и телесната регулација на вашето дете. Бидете трпеливи, предвидливи, со стабилни, но јасни граници и со текот на времето ова однесување ќе се намали.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova