бес Прашај психолог

Ќерка ми има страшни напади на агресија – вреска ако се оддалечам од неа, а една минута претходно ме бркала… Што да направам?

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка која за 2 месеци ќе прави 4 години, девојче кое е разбрано и никогаш не сме имале проблеми со некои големи испади. Но веќе една недела се соочуваме со огромна агресија од страна на детето, испади кои се најчесто неиспровоцирани во моментот кога настануваат (без причина, банална причина, некогаш измислена причина) плачење на моменти до давење, врескање, удирање од земја, клоцање. Бесот е насочен главно кон мене и татко ѝ и тоа се случува дома. Во градинка воспитувачките сугерираат за мал степен на агресија кон другите деца – кога играта не е по нејзино, ги мава децата. Кога ќе се смири, детето си е во ред во остатокот од денот – соработува, послушна е, доколку нешто ѝ се забрани или ѝ се каже дека не може, смирено прифаќа. Од напади на агресија кои траеја и до 2 часа и се случуваа 2-3 пати на ден, сега е подобрено – се случуваат еднаш во денот или на два дена и успеваме да се смириме во 15-30 мин. со зборување со смирен тон, но во тие моменти доколку направам барем еден чекор да се оддалечам, има силна реакција на врeскање да не заминувам од неа, а една минута пред тоа ме брка. Што да направам?

ОДГОВОР: Тантрумите најчесто се јавуваат по првата година и најизразени се до третата година. Во тој период децата разбираат многу повеќе отколку што можат да се изразат со зборови и развиваат желба за самостојност и контрола која не се во можност да ја остварат. Тантрумот е излив на бес и невробиолошка иритација при незадоволство, фрустрација и неисполнета желба од страна на возрасните. Од вашето прашање можам да забележам дека развојното ниво на тантрумизација кај девојчето е одложено и како што кажавте, досега таа немала позначајни тантруми и сѐ се решавало со разговор.

Што сѐ може да ја одложи тантрумизацијата? Најчесто угодливост и рамноправност што децата ја изјавуваат како „Да се договориме“ и во превод значи дека сепак јас ќе бидам задоволна и нема да се соочам со фрустрација. Значи, одлагањето на фрустрациите или одлагањето на „НЕ“ за мир во куќа е одлагање и на тантрумите. Потоа темпераментот на самото дете, на пример, интровертите подоцна покажуваат тантруми во однос на екстровертите итн. Затоа би ве советувала да ја работите едицијата „Железница на чувствата“ и да направите родителско советување со стручно лице со цел да ја зајакнете родителската самодоверба и да утврдите и нови или постојни родителски вештини.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

To top