ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 8,5 години и во последните месеци нејзиното однесување многу се промени. Има големи изливи на емоционален бес, ја гледам дека не може да се контролира, вика гласно, фрла предмети и ѝ треба време за да се смири. Тоа е многу изразено кога има конфликт со помалата сестра, која има три години. Кога ќе се скара со другарче, исто така има неконтролирано плачење за некој ситен конфликт, премногу лично сфаќа и не може да се помири со навредата од некое другарче, преемотивна е и се оптоварува со тоа.
Во последно време забележувам и некоја доза на анксиозност кај неа, на пример, не може да заспие ако некој не седи до неа, има тикови со очите, други тикови со телото кои ѝ стануваат навика кога е под стрес.
ОДГОВОР: Големите изливи на бес се одговор на насобраната емоционална содржина која не е канализирана на продуктивен начин. Преосетливоста во социјалните контакти и раздразливоста на секоја непријатна ситуација говори за нејзините слаби отпорни сили, пермеабилност на нејзината личност како последица на неизградени граници што ја прават незината личност лесно пропустлива, лесно навредлива и поради тоа, склона е кон тоа сѐ да сфаќа лично.

Таквите зборови за неа претставуваат товар и ги ослабнуваат капацитетите на самодовербата градејќи погрешни убедувања за себе. Согласно со целата симптоматологија и појава на невротски реакции во вид на тикови, советувам преглед и советување со детски психолог.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com