Секојдневниот живот на самохран татко на четири деца воопшто не е лесен. Освен што мора да се обидува да биде добро информиран за сите „женски теми“ што би можеле да ги интересираат девојчињата, да ги нахрани и да им обезбеди сè што им треба, овој човек се соочува и со нешто незамисливо – прекорувачки погледи од непознати луѓе затоа што им е чудно кога ќе видат маж со четири девојчиња.
Таткото објавил емотивна порака откако видел како реагираат непознати луѓе кога го гледаат со неговите ќерки и ги споделил предизвиците со кои се соочува секој ден, одгледувајќи ги своите четири ќерки, и покрај тоа што сега има нова девојка во својот живот. Тој на платформата „Редит“ напишал:
-Јас сум самохран татко на четири девојчиња. Имам девојка која штотуку се пресели кај мене, но поголемиот дел од изминатите четири години бевме само јас и моите девојчиња. И се чини дека наидувам на пречки на секој чекор. Морав да пресоблекувам бебиња во безброј машки тоалети затоа што немаше маса за пресоблекување. Добив толку многу „валкани“ погледи затоа што ги носев децата во машки тоалет, но не можам да влезам во женски тоалет и не можам да ги оставам сами, па што да правам? – прашал тој.
Тој вели дека странци им приоѓаат на неговите девојчиња за да ги прашаат каде е нивната мајка, кога се само на неколку чекори од него, верувајќи дека се изгубени.
-Кога патувам со моите деца, тие често нè испитуваат како да ги киднапирам. Добронамерните постари луѓе постојано прашуваат дали е „слободен ден за мама“, што не е добро за моите деца кои постојано одговараат дека нивната мајка починала – додал таткото.
Тој истакнува дека светот е суров кон мајките и дека го мрази тоа.
-Мајките ги заслужуваат сите пофалби и привилегии што ги добиваат и повеќе. Но, фрустрирачки е што ме фалат за „чување деца“ (татковците не се дадилки) и наидувам на толку многу пречки обидувајќи се да ги направам дури и најмалите работи – рекол таткото.

Таткото поставува прашања во врска со тематиката.
-Зошто нема маси за пресоблекување и во машките тоалети? Зошто не ги нормализираме ситуациите кога мажите се со своите деца, без мајка? Постојат толку многу различни видови семејства, време е да се нормализираат сите работи поврзани со односот родител-дете. И зошто татковците воопшто не можат да ја преземат улогата на целосни родители за да не се случуваат овие работи? Добро сме, ќе преживееме, но тоа е едноставно ужасно, постојано ме потсетуваат дека на децата им „треба“ мајка, а јас не сум мајка – напишал овој татко.
-Никогаш не сум слушнал дека ова им се случува на мажи. Тоа е застарен менталитет што ги повредува сите вклучени – се вели во еден од коментарите на објавата.
Автор: Наташа Златковиќ