Заедно научија животна лекција – што значи да си хуман и да ги почитуваш различностите. Соученици му дадоа голема поддршка на Виктор. Тоа се најдобри знаци дека сме успеале кај децата да всадиме емпатија, вели дефектологот Ружица Икономова од ОУ „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија, каде што Виктор заврши деветто одделение

Тешко е да се соочите со проблем за кој во моментот многу малку се знае. Пред 15 години аутизмот беше голема непозната не само за нас како родители, туку и за лекарите, психолозите, наставниците. Немаше кој да нѐ подучи и да ни каже дали тоа што го правиме е во ред, вели Љубица Тимова, мајка на полуматурантот Виктор од Гевгелија, кој заврши деветто одделение во основното училиште „Владо Кантарџиев“. Во овој град Љубица ја препознаваат како гуру. Таа е жената која на многу родители на деца со попреченост во развојот им помогнала со давање корисни информации и насоки.

Прифатен од децата

Иако македонското образование сѐ уште има голем проблем со правилна инклузија на децата со попреченост, приказната на Виктор е сосема поинаква. Таа е пример за другарство, за помагање, за непознавање граници.

Виктор со одделението

Почетоците биле тешки. Но денес Виктор има другари од школските клупи кои секој ден несебично му помагале да стекне што поголема социјализација. Љубица вели:

– Да не беа децата од одделение, особено неговиот другар-ангел Даниел Ристовски, одличната наставничка Татјана Илин и дефектолозите, Виктор немаше да стигне до нивото што го има сега. Тој особено ги сака математиката и информатиката, а поради слабата вербалност, послабо му одат општествените науки.

Виктор со својата наставничка Весна Миова

Љубица објаснува дека уште кога бил многу мал, забележала дека нешто не е во ред во развојот на Виктор. И покрај тоа што педијатри ѝ велеле дека треба да биде трпелива за детето да ѝ прозбори, таа знаела дека како родители мора нешто да преземат.

– Родителот секогаш знае зашто споредува со други деца на истата возраст. Нашето искуство потврдува дека родителите не треба да чекаат кога ќе увидат проблем. Секоја рана интервенција може само да помогне. Многу родители ми се обратиле за помош и за совет. Виктор го запишавме во градинка (со мали тешкотии, недоразбирања). На почетокот се почувствува непријатност од тогашниот менаџмент, но набргу кадарот го прифати, иако немаше специјални едукатори во рамките на установата. Кога дојде ред за на училиште, дефектологот Силвана Филипова од Неготино нѐ поддржа во одлуката да го одложиме почетокот за една година. Таа беше најреална од сите лекари и стручњаци. Одлучив да оди во редовна настава. Знаев и за не многу успешни приказни со деца во инклузија, но тоа воопшто не ме обесхрабри – вели Тимова.

Виктор со мајка му Љубица и баба му Вера Карајкова

Соучениците го земале и го испраќале до школо

 Љубица седела со него во клупа три и пол години. За среќа, имала разбирање од своите колеги. Работела попладне и за викенди, па не морала да ја напушти работата.

– Учителката Татјана беше прекрасна од првиот ден и ни ја даде најголемата поддршка. Соучениците на Виктор дури немаа ни претстава дека јас сум му мајка, ами ме гледаа како уште една учителка. Во прво одделение немавме ниту дефектолог и не знаевме што точно да правиме. Учевме и адаптиравме наставен процес како што мислевме дека му е прифатливо и разбирливо на Виктор. Паралелно правевме сѐ што ќе слушневме од аспект на третмани, посебна храна. Педијатри ме охрабруваа дека сум меѓу првите што пробува сѐ и дека на тој начин им го олеснувам патот и на другите родители што имаат сличен проблем – објаснува Љубица.

Даниел (лево) му е ангел-чувар на Виктор од прво одделение

Со таткото на Виктор, Коста, некако природно си ги поделиле обврските – таа повеќе да се грижи за образованието, а тој за физичката активност. Баба му е тука за приготвување специјална исхрана и друга логистика.

Минувале низ секакви фази, но најважно од сѐ им било детето да го засака школото. Како што натежнувале обврските, така местото на Љубица во училницата го заменила персонална асистентка. Бидејќи живееле блиску со училиштето, наставничката во петто одделение предложила деца од одделението да го земаат Виктор од дома и да го испраќаат до врата кога ќе завршат часовите.

Во последните пет години како дефектолог во училиштето работи Ружица Икономова. Таа објаснува колкав голем напредок има кај Виктор.

– Преминот од одделенска во предметна настава не беше лесен. Од една наставничка наеднаш се сретна со 12 нови, а во тоа време и јас бев нова. Но, најмногу помогна тоа што сите другари во одделението прекрасно го прифатија. Помагаа сите во сѐ. Од пречек на училиште, промена на кабинети, асистирање за време на големиот одмор, испраќање дома, споделување информации што сѐ учеле тој ден, што се случувало. Се работеше со индивидуален образовен план, но најмногу напредуваше по предметите математика, информатика. Индивидуална работа применувавме по потреба – вели Икономова.

Даниел е детето што најмногу му помогнало на Виктор, и тоа од прво одделение. Љубица вели:

– Даниел е неговиот ангел, нонстоп беа заедно. Кога Виктор завршуваше прво, моравме еден месец да заминеме на третмани. Даниел многу плачеше – мислеше дека нема да се вратиме. Во септември, кога се вративме во второ одделение, Даниел веднаш седна до него. Му беше негова десна рака за сè што му требаше. Интересно е што ние како семејства воопшто не се дружевме. Дури пред четири години заедно испивме едно кафе со мајка му на Даниел. Тој од мал се однесуваше многу зрело во целата ситуација. Тажен е зашто нема да учат заедно и во средно школо – вели Љубица.

Сакам да бидам дефектолог

 Дефектологот Икономова раскажува дека кога ги прашувале децата што сакаат да бидат кога ќе пораснат, голем дел од нив кажувале дека сакаат да бидат дефектолози или дека во професијата што би ја избрале наоѓаат инспирација од децата со посебни потреби.

– Тие велат дека научиле повеќе од Виктор отколку тој од нив, но јас сметам дека заедно научија животна лекција – што значи да си хуман и да ги почитуваш различностите. Неговите соученици му дадоа голема поддршка. Тоа се најдобри знаци дека сме успеале кај децата да всадиме емпатија. Случајот на Виктор покажува дека таму каде што многу се вложуваат и родителите, има успех и заедно со кадарот во училиштето и соучениците ќе има напредок. Кадарот во нашето училиште е многу отворен за соработка и веќе има искуство оти има доста деца во инклузивна настава – вели дефектологот.

Во ова училиште во 2012 година беше отворена првата сензорна соба во Македонија, која исто така помага во едукацијата. Сега таа функција повеќе ја врши центарот „Мајка Тереза“, кој е технички и персонално поопремен. Мајката на Виктор вели дека среќна околност е што и родителите на децата од одделението многу помагале целиот процес.

– Беше многу важен процесот и кај родителите за да се надминат одредени предрасуди. Станав член на советот на родители и на тој начин имав многу подобар начин да им објаснам сѐ што не им е јасно – вели таа.

Пред неколку години претходниот дефектолог во школото – Мими Батанџиева одлучила да сними видео во кое децата објаснуваат како ја доживуваат инклузијата. На прашањето дали Виктор некогаш вика на час и дали тоа им пречи, тие одговарале дека понекогаш вика, но дека не им пречи воопшто. За видеото добија и награда на конкурс – таблет. Сите се согласиле и таблетот му го подариле на Виктор.

Нови предизвици

Виктор и неговото семејство сега се исправени пред нови предизвици – како ќе продолжи во средно образование. Тој ќе учи во средното стручно училиште „Никола Карев“ во Струмица, електротехничка насока.

– Ќе се обидеме со вонредна настава. Се одлучивме за средно стручно, оти некако сум убедена дека во гимназиското образование нема добра инклузија. Виктор многу ги засака компјутерите и затоа натаму ќе го насочиме образованието. Нѐ чекаат нови битки, ама ние сме навикнати на тоа – вели Љубица.

Пред неколку дена Виктор се раздели од своите другарчиња со кои го делеше секојдневието, го зедоа последното свидетелство. Но, Даниел и целото негово одделение ќе останат тука за него.



912

X