Деца од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас „Кочо Рацин“ од Битола гостуваа во новогодишната емисија „Светот на тишината“ на Македонската радио-телевизија.

Емисијата се реализира на македонски говорен и на знаковен јазик. Уредничката на емисијата, Марија Башеска-Стојановска, која 33 години ја води единствената емисија од ваков тип кај нас, ни сподели дека песната одлично се вклопила во емисијата.

– Во рамките на новогодишното издание секогаш се трудам да им отстапам простор на децата од овој завод. Ги насочив наставниците да најдат некоја пригодна новогодишна песничка и ним многу им се допадна „Трепкај, трепкај, елкичке“. Одлично беа подготвени – ни изјави Башеска.

Директорката на Заводот, Валентина Стојковска, ни објасни дека во подготвувањето на песната биле вклучени повеќе педагози и наставници што работат со децата. Дефектологот Елена Петровска беше дел од тимот на едукатори што работеа со децата.

Фото: МТВ

– Откако се појави „Светот на Биби“, со децата од Заводот не пропуштаме ниту една сказна или содржина. Многу брзо ја засакаа Биби, исто како и моето 2,5-годишно детенце дома. Песничката „Трепкај, трепкај, елкичке“ излезе два-три дена пред снимањето на емисијата, ама децата ја совладаа многу брзо. Биби е многу популарна кај нас и затоа сметавме дека е соодветна за новогодишната емисија. Децата беа пресреќни – ни изјави Петровска.



912

X