Родителите, уште кога детето е многу мало, знаат да му го дадат телефонот за да го успокојат. Мама и тато многу често се гордеат со своите деца и велат: „Уште не знае да зборува, а знае сам да отвори Јутјуб и да си одбере цртани“. Тие не забележуваат дека детето развива врска со тие уреди, кои се направени на тој начин да предизвикуваат чувство на задоволство

Седумгодишниот Лука В., од 15 часот кога се враќа од училиште, па сè до 22 часот пред да си легне постојано е пред својот лаптоп. Шест до седум часа во денот поминува пред својот компјутерски уред, најчесто играјќи мрежно „Роблокс“, но и некои други игри со неговите врсници. На бирото каде што игра, мајка му му носи храна за да јаде бидејќи најчесто агресивно реагира ако треба да стане од пред лаптопот и да се фокусира на нешто друго. Бидејќи родителите повеќе не умееле да се справат со однесувањето на нивното дете, побарале помош од детски психолог.

Ова е само еден од многуте случаи што ги решаваат детските психолози. Тие велат дека имаат многу работа со деца зависници од таблети, телефони, лаптопи и други компјутерски уреди.

Приказната има почеток – телефонот е современата дадилка

Катина Павлоска, психолог во Заводот за ментално здравје на деца и млади, вели дека ова е многу честа појава во денешницата. Американците веќе ја вовеле како нова дијагноза зависноста од интернет игри, додека кај нас сè уште официјално не е внесена во системот.

– Не ја поставуваме таа дијагноза бидејќи ја нема во нашиот шифрарник. Но, знаци дека постои такво нешто дефинитивно има, а родителите многу често не знаат како да излезат накрај со оваа зависност на нивните деца. Но во секоја приказна има и почеток. Родителите, уште кога децата се многу мали, во пелени, знаат да им го дадат телефонот и тогаш детето е спокојно. Мама и тато многу често се гордеат со своите деца и велат: „Уште не знае да зборува, а знае да отвори Јутјуб и сам да си одбере цртани“. Тие не забележуваат дека детето развива врска со тие уреди, кои се направени на тој начин да предизвикуваат чувство на задоволство – вели Павлоска.

При играњето настанува такво дразнење на нервниот систем, што кога ќе заврши играта на детето  сè му е сиво и неинтересно, вели психологот Катина Павлоска

Немаат социјални вештини, им доцни говорот…

Кога некој ни вели „браво“, како што се случува во видеоигрите кога ќе успеете да поминете одредено ниво, тоа ни создава чувство на задоволство. Така реагира нашиот централен нервен систем, се случува позитивна возбуда и така децата, додека играат, полека губат контакт со времето и немаат осет колку време седат пред уредот. А ако родителот се обиде да ги прекине во играта, тука настанува конфликт, појаснува Павлоска.

– При играњето игра настанува такво дразнење на нервниот систем дека тоа е толку возбудливо, што кога ќе заврши играта и кога детето ќе остане без својот уред, сè му е сиво и неинтересно. Затоа, сериозно е неопходно да се контролира колку време се поминува пред таблет или лаптоп. Кај децата многу често има доцнење со развојот на говорот. Тие заостануваат во говорот, но и во развојот на социјалните вештини, зашто детето само виртуелно комуницира, а во живо не знае да воспостави соодветна комуникација и инсистира да биде само по негово. Тоа го имаме во распон од предучилиштни деца, па сè до адолесцентни – вели психологот.

Кога некој ни вели „браво“, како што се случува во видеоигрите кога ќе успеете да поминете одредено ниво, тоа ни создава чувство на задоволство. Така реагира нашиот централен нервен систем, се случува позитивна возбуда и така децата, додека играат, полека губат контакт со времето и немаат осет колку време седат пред уредот

Лекот е кај родителите

Децата на оние што ги измислија овие уреди не добиваат компјутерски уреди до 12-годишна возраст. Тоа не е случајно. Во секој случај, родителите треба да знаат како да постапат, да бидат внимателни и да контролираат уште од најмала возраст, предупредува психологот.

– Најекстремни се ситуациите кога детето е оставено со тие уреди, односно се откажало од сите спортови и сè повеќе време минува на лаптоп. И кај младите овој проблем е позастапен. Ќе завршат средно образование, па не се снаоѓаат на факултет, а ни во врсничката група, па се ориентираат кон лаптопите и се изолираат. Тоа некогаш е привремено, но некогаш трае. За ова одговорност сносат родителите. Тие мора да осознаат што се случува со нивните деца. Да не им ги земаат нагло уредите од раце, или да ги заклучуваат. Со разговор да им се обратат внимателно, а потоа и да укажат зошто се загрижени. Потребно е потоа обострано да се почитуваат договорите за ограничување на времето поминато пред компјутер. Сè се решава, потребни се само волја и трпение – заклучува Павлоска.

Американците веќе ја вовеле како нова дијагноза зависноста од интернет игри

Дигиталните уреди го менуваат мозокот како што го менува алкохолот

Британски „Телеграф“ неодамна објави дека според нова студија, видеоигрите можат да го променат мозокот на детето како што тоа го прават алкохолот и дрогата. Снимки од магнетна резонанција покажале дека „Фортнајт“ и други видеоигри можат да имаат сличен ефект врз детските мозоци како и злоупотребата на алкохол или дрога. Тие го покажуваат системот на „наградување“ во мозокот на младите луѓе корисници на социјални медиуми и видеоигри, кои прават промени во функционирањето и структурата на оние што се зависни од алкохол или дрога.

Серија студии на Државниот универзитет во Калифорнија откриле дека импулсивниот дел од мозокот не само што е почувствителен, туку е и помал кај лицата што прекумерно користат онлајн-игри и социјални медиуми.



912

X