Во минатото децата по цел ден беа надвор, играа народна, плочка, челик, криенка, кошарка, фудбал…, па затоа и деформитетите на нивните тела беа сведени на минимум. Денешните деца, пак, се физички неактивни, постојано се седнати пред компјутер, пред телевизор, вели Илиевски

Наставникот по физичко образование Раде Илиевски 25 години е просветен работник, а како тренер по пливање работи со децении. Тој е докажан хуманист – спасува животи, несебично им помага на деца со посебни потреби, на децата со еден родител им дава бесплатни часови по пливање… За својот ангажман тој е добитник на награди, пофалници и благодарници. Лани за долгогодишна хуманитарна активност Илиевски ја доби и наградата „13 Ноември“, а пред неколку дена доби и посебно признание од училиштето во кое работи, „Рајко Жинзифов“, за особен придонес во образованието.

Какви се денешните деца? Направете ни споредба меѓу денешните деца и генерациите од минатото во врска со физичкиот раст и развој.

– Споредба меѓу денешните деца и децата од минатото речиси не може да се направи. Односно може, но разликата е многу голема. Во минатото децата по цел ден беа надвор, на игралиште, во паркови, во училишни дворови, постојано беа физички активни, играа различни игри (народна, плочка, челик, криенка, играа кошарка, фудбал), па затоа и деформитетите на нивните тела беа сведени на минимум, речиси и ги немаше. Денешните деца, пак, имаат деформитети на стапалата и ‘рбетот затоа што не се физички активни, постојано се седнати пред компјутер, пред телевизор, не одат надвор да си играат. Дури и кога се дружат, игрите повторно им се на компјутер. Тоа прави големи штети и за ова мора сите да размислуваме како постепено да се поправа.

Какви проблеми имаат учениците со оглед на тоа дека не се движат доволно, а и голем дел од времето го поминуваат пред екран?

– Современиот начин на живот придонесува децата да не бидат физички активни. Постојаното седење пред компјутер или таблет предизвикува подгрбавеност на ‘рбетот, разни искривувања и деформитети уште од најрана возраст, што е поразителна реалност. Од друга страна, на децата им се оштетува и видот токму поради гледањето во монитори, екрани, лаптопи. За последиците што ги предизвикува зрачењето од нив нема да зборувам, јасно е. Затоа, јас како долгогодишен професор по физичко и здравствено образование, но и како долгогодишен тренер по пливање, предлагам децата што повеќе да се занимаваат со спорт, а особено со пливање. Пливањето позитивно влијае врз целокупниот развој на поединецот, ги активира респираторниот и кардиоваскуларниот систем, го движи комплетно целото тело и ги зајакнува сите мускули.

Дали сметате дека е доволен бројот на часови по физичко образование во основно?

– Сметам дека бројот на часови по предметот физичко и здравствено образование – три часа неделно – не е доволен. За да биде ефектот кај децата поголем, бројот на часови треба да е пет часа неделно, значи секој ден, од понеделник до петок. Сакам да потенцирам дека на часот по физичко секој наставник треба да посвети посебно внимание при вежбањето, да се потенцираат вежбите на рипстоли (вежби за истегнување и отстранување на честите деформитети што се јавуваат кај децата од предучилишна и училишна возраст (кифоза – подгрбавеност на ‘рбетот, сколиоза – деформитет на ‘рбетот во вид на буквата „ѕ“, лордоза, рамни стапала, вдлабнати гради (кокошкини гради) и слично.

Што ги советувате родителите, како да постапуваат кога децата се дома за да стимулираат правилен раст и развој?

– Кога децата не се на училиште, нивните родители треба да ги советуваат да бидат постојано активни, да тренираат и да спортуваат согласно нивните афинитети. Потребно е редовно да одат на прошетки, на планина, на кеј… Родителите треба да им бидат пример на своите деца за да стекнат навика за физичка активност. Ако се во можност, родителите треба да импровизираат вратило дома со ставање шипка на рамката од вратата, за децата да висат фатени за неа со испружени раце, за да ги истегнуваат ‘рбетот и телото. Родители, запомнете, нема правилен раст и развој на вашите деца без физичка активност.

Неодамна добивте признание и од Вашето училиште за особен придонес за развој на образованието во вашата 2,5-децениска работа како наставник по физичко и здравствено образование. Што значи тоа за Вас?

– Незаменливо е чувството кога ќе добиете вакво признание од училиштето во кое работите. Признанието од училишниот одбор е за континуирани и успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности, за постигнати видни резултати во воспитно-образовната работа, други активности поврзани за училиштето каде што работам и за особен придонес во развојот и унапредувањето на спортот во Скопје. Тоа за мене е дополнителен мотив, поттик и стимул за во идните години да се усовршувам и надградувам и како наставник и како личност, и да бидам пример за помладата генерација како треба да се работи и почитува.



912

X