Ако кај нас се детектира состојба која зборува дека литературата за деца е маргинализирана, тогаш во прашање се вредностите на делата што писателите за деца ѝ ги нудат на читателската публика, вели писателот Трајче Кацаров
Туфе Џинката, Чушкоеж, Пеј-Пеј, Огненко, Чушкарката Маја, планетата Феферона, Пиперката Перо – ова се дел од ликовите во „Не паркирај гаража“ на писателот Трајче Кацаров, за која ја доби наградата на Друштвото на писателите на Македонија за литература за деца – „Ванчо Николески“. Неговото авторско писмо е допадливо за децата, но како автор им се обраќа и на возрасните со 40-ина изданија на драми, песни, романи. Неговите драми се поставувани на повеќе странски сцени. Текстот „На клупа“ периодов се игра во театар во Белград, а досега е поставен во Софија, Киев, Сремска Митровица.
Со Кацаров разговараме за тоа како да ги мотивираме децата да ја сакаат книгата, што го инспирира во творештвото…
Авторите што пишуваат за детската публика кај нас се бројат на прсти. Како би ја оцениле состојбата со детската литература кај нас?
– Ако погледнете во светската литература од појавата на литературата за деца до денес, ќе видите дека таа излегува од перата на најмаркантните писателски имиња. Писателите за деца воопшто не се помалку познати од писателите за возрасни. Ако кај нас се детектира состојба која зборува дека литературата за деца е маргинализирана, тогаш во прашање се вредностите на делата што писателите за деца ѝ ги нудат на читателската публика. Јас не би правел строга дистинкција помеѓу литературата за деца и за возрасни. Доброто дело предизвикува задоволство од читањето, без разлика дали во него приказната се црпи од светот на децата или од светот на возрасните. Најомилен поет на Никола Тесла му бил Јован Јовановиќ-Змај. Сигурно на еднаков начин ги читал Змаевите песни за деца како и оние за возрасни.
Ви значи ли признанието што доаѓа од писателската асоцијација?
– Шекспир за неговиот современик Б. Џонсон бил хаотичен поет. Според Џонсон, за поетот да ја зачува врeдноста на своите дела, требало да исфрли илјадници стихови. Толстој за Чехов рекол дека е одличен раскажувач, но не и драматург. Лошо ги оценувал неговите драми. Но, во светската литература има и поинакви примери: Луј Арагон од огромна почит кон делото на пoетот Јанис Рицос го посетил на островот каде што живеел и длабоко му се поклонил. Х.Л.Борхес, слаб со видот, на стари години, поради тоа што бил пленет од ликот и делото на Ернст Јирген, го посетил во неговиот дом во Филфлиген. Андриќ рекол дека не може да пишува без да чита, но знае за еден автор кој може да пишува и без да чита, односно кој е роден писател. Тоа бил Бранко Ќопиќ. Ете, со ова сакам да кажам дека од големо значење за авторот-писател е наградата, признанието што го добива од писателите, од својата фела.
Речиси во сите Ваши дела избирате имиња на ликови кои се кованица на зборови, но специфични за нашиот јазик, а не прибегнувате кон странцизми. Дали и ова е Ваш начин за борба за зачувување на македонскиот јазик, а и враќање на корените?
– Во моите книги за деца, како кај ренесансните писатели, ќе најдете хумор моделиран со помошта на многу бои, досетки, фантазии и радост од живеењето. Боите ги позајмувам од местото на живеење, темпото и ритамот од темпераментот на луѓето. За мене, многу прецизна е изреката на Латините – Nomen est omen (Името е судбина). Ликовите во моите приказни ги добиваат имињата врз основа на нивните карактерни особености, а од нив, како што би рекле некои од писателите, произлегуваат и дејствијата. И топонимите го добиваат својот назив според карактеристиките на средината каде што се развиваат, каде што опстојуваат.
Главната тема во романот „Не паркирај гаража“ е спорот помеѓу родителите и децата за јасната позиција и препознатливост во заедницата, т.е. во фамилијата. Секој користи свои методи за потврда на позицијата. Децата во борбата за својот идентитет се служат со средства што им се својствени – плач, пркос и лутина. На крајот од приказната победуваат љубовта и разбирањето. Едните и другите се сакаат, се почитуваат, само им треба можност да го изразат тоа.
Во денешно време на достапна дигитална забава како да ги поттикнеме децата да читаат повеќе книги?
– Во една од најразвиените земји на светот уште од најраните школски години децата ги учат дека треба да се стекнат со знаење, пред сѐ, за да ја победат конкуренцијата. Имаме јака конкуренција. Во нерамна борба сме влезени. Некои ќе ги снема, некои ќе преживеат. Книгата е жилава. Нема лесно да се предаде. Само ѝ треба малку посилен ветер во едрата. Не мислам дека авторите треба да постапуваат како Агамемнон – да си го жртвуваат најмилото за Бог да им пушти ветер во едрата. Мислам дека моќта на ветерот треба да зависи од можноста на писателите да создадат вредни дела. Има ли такви кај нас?
Подготвувате ли нешто ново за децата периодов?
– Најлошо за мене како писател ќе беше да не пишував за деца. Како дете бев воодушевен од светот на Дизниевите ликови. Го сакав тој бестежински свет, свет без болести, без болки, без солзи, без трагични настани. Го сакав тој свет полн со љубов, радост и веселби. Го сакав тој свет во кој сите вечно живеат, никој не старее, никој не расте, никој не умира. Кога потпораснав, ме инспирираше и сѐ уште ме инспирира светот на професорот Балтазар. Сѐ што работам е по урнек на тој анимиран лик. Со ова сакам да кажам дека јас сум веќе во свет кој ми овозможува да црпам инспирации кои, пак, недвојбено ме нагонуваат да го опишувам, да го пренесувам низ колоритни слики, низ елегантни форми, досетки и луди фантазии, до оние што се подготвуваат да зачекорат во него, најпрво со нозете на дете, а потоа и со нозете на возрасни луѓе.
912