По нападот детето се смирува, ама најчесто следниот се јавува многу брзо

Не е едноставно да го гледате детето како се бори за здив, кашла суво или слушате свиреж додека тешко дише… Многу често причина за тоа е ларингитисот. Тоа е состојба која знае да ги испаничи родителите. Но иако може да ги извади од памет, тие неретко мора да му укажат прва помош на детето пред да го однесат на лекар.

Пареа, ладен воздух…

Вирусите, објаснува д-р Катерина Обочки, педијатар-пулмоалерголог, се населуваат во слузокожата и обично предизвикуваат отекување на гласните жици и го отежнуваат движењето на гркланот. Надразнетите нервни завршетоци го покренуваат рефлексот на кашлање, а поради ова непродуктивно и суво кашлање, веќе натечената слузокожа дополнително се оштетува, па гласните жици уште повеќе отекуваат.
Како по непишано правило, сè се случува ноќе, па детето и родителите најчесто завршуваат во некоја од дежурните амбуланти.
– Ова е многу драматично за родителите затоа што детето тешко дише, понекогаш изгледа како да се бори за секој здив – раскажува д-р Обочки.
Поопасни се бактериите што можат да доведат до доста тежок облик на ларингитис, вели таа. Поради отоците на гласните жици, детето е засипнато и се јавува вибрирачки звук, кој потсетува на свирење.

– Се слуша кога детето вдишува, но најдраматично е кога кашла. Повеќето деца заболуваат од вирусен ларингитис, кој најчесто поминува без зголемена температура, а општата состојба на детето, покрај кашлањето, е добра. Кога нападот ќе помине, детето се смирува. Меѓутоа, најчесто следниот напад се јавува набрзо – објаснува д-р Обочки.
По неколку дена инфекцијата сама поминува, но останува прашањето како да му се помогне на детето при таков напад?
– Родителите би требало со врела вода добро да ја запарат, замаглат бањата. Потоа да го внесат детето да вдише топол, влажен воздух. По минута-две, да го изнесат и да го чуваат покрај отворен прозорец да вдише надворешен студен воздух. Ако е лето, направете го тоа во вечерните часови.

Кога итно на лекар?

– Итно на лекар родителите треба да се јават ако детето има температура над 39 степени. Исто така, ако се случи свирењето на градите и температурата да се јават истовремено, не треба да чекаат. Важно е да се утврди дали се работи за инфекција на гркланот, која бара терапија со јаки антибиотици кои се даваат исклучиво преку вена за побрзо да дејствуваат – вели д-р Обочки.
На лекар веднаш треба да се оди ако детето почнува да помодрува околу устата. Ова е сигурен знак дека нема доволно кислород во организмот.

– Треба да се оди и ако тешко и забрзано дише. Тоа е последица на огромниот напор кој го вложуваат мускулите што учествуваат во дишењето за да го протераат воздухот кон долниот дел на дишните патишта – додава докторката.



912

X