Од вкупно 6.939 наставници што биле оценувани, со оценка 5 се 361, со оценка 4 се 3.004, со 3 се 3.051, со 2 се 509 и со оценка 1 се вреднувани 14 лица. Просечната оценка за исполнување на работните обврски на наставниците и стручните соработници е 3,4

Основните училишта недоволно се опремени со нагледни средства и помагала за реализација на Кембриџ-програмата, а наставниците не се доволно обучени за да ја предаваат. Повеќе од 60 проценти од училиштата немаат функционална компјутерска опрема, а просечната оценка за исполнување на работните обврски на наставниците и стручните соработници е 3,4. Со чиста петка се оценети 361 наставник од 6.939 што се оценувани. Ова се само дел од слабостите што се уочени во извештајот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) за квалитетот на воспитно-образовниот процес во учебната 2017/2018 година.

Фото: Борче Поповски

Наставниците се оценети со тројка

Во извештајот се напишани силните страни, како и слабостите во секоја област и препораки како да се надминат проблемите.

Томе Спировски, директор на ДПИ, констатира дека за адаптираните наставни програми за основно образование од Кембриџ, Велика Британија, училиштата се недоволно опремени со нагледни средства и помагала за реализација. Исто така, наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми, а родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата. Најголем број наставници што се ангажирани во комбинирани паралелки не добиваат доволно поддршка за работа во нив – пишува во неговото обраќање во извештајот.
– Од извршените интегрални евалуации, констатирано е дека дел од слабите страни нотирани во претходните извештаи се надминати, а во дел од нив се направени подготовки и отпочнат е процесот на подобрување. Но, исто така постојат и слаби страни за кои воопшто нема подобрувања. Забележано е дека наставниците навремено изготвуваат планови, истите континуирано се следат од страна на стручните служби во училиштата, дека во дел од училишта има формирано инклузивни тимови кои им нудат помош и поддршка на децата со посебни образовни потреби, но сепак во нивната работа недоволно се вклучени родителите. Дел од училиштата имаат формирано училишни спортски клубови, но сите не се активни – пишува Спировски во извештајот.

Извор: Државен просветен инспекторат

Во делот за оценување на квалитетот на воспитно-образовниот процес, во 161 образовна установа биле вклучени 8.690 наставници и стручни соработници. Од нив 6.939 се вреднувани, а 1.751 не се. Од лицата што не се вреднувани, 319 се ангажирани да реализираат настава за наставни предмети за кои не се соодветни.
Од вкупно 6.939 наставници што биле оценувани, со оценка 5 се 361, со оценка 4 се 3.004, со 3 се 3.051, со 2 се 509 и со оценка 1 се вреднувани 14 лица. Просечната оценка за исполнување на работните обврски на наставниците и стручните соработници е 3,4.

Ученички екскурзии без Правилник

Согласно индикаторите, квалитетот на работата на училиштата се вреднува на четири нивоа: многу добро, добро, делумно задоволува и не задоволува. Инспекторите до делумно задоволува оцениле 38 основни училишта, добро се оценети 81, многу добро 5.

Извор: Државен просветен инспекторат

Во делот наставни планови и програми како главни слабости на основните училишта се посочуваат мал број регистрирани и неактивни училишни спортски клубови, нецелосно планирање и реализирање на ученички екскурзии согласно Правилникот, како и непочитување на процедурата за вклучен родител при изготвување на планирањата во инклузивните тимови кога се во прашање учениците со посебни образовни потреби.
Во извештаите од интегралните евалуации е констатирано дека во училиштата не прават разлика помеѓу учениците од различна полова и социјална припадност. Тие навремено изготвуваат анализи за постигнувањата на учениците, но добиените резултати не се користат за подобрување на процесот на учење и работата на наставниците, како и за подобрување на постигањата на учениците. Ова било проблем и во минатогодишниот извештај.
Во најголемиот број, односно во 80 проценти од училиштата додатната настава е слаба страна. Исто така, на ниво на сите основни училишта е утврдено дека не се користат стандардизирани тестови за упис на деца во прво одделение со цел да постои усогласеност и упис под исти услови и критериуми.

Многу наставници не користат критериуми за оценување

Еден од главните проблеми во наставата и учењето е тоа што најголем број од наставниците, особено во одделенска настава, не се обучени да планираат и да реализираат настава во комбинирана паралелка. Слаба страна на наставниците е тоа што најголемиот дел од нив не користат критериуми за оценување.
Во процесот на наставата, поради нефункционалната информатичка технологија, наставниците не се во можност за реализација на ИКТ во наставата.

Државниот просветен инспекторат констатирал дека сѐ уште слаба страна на училиштата е изготвувањето планови за евакуација и спроведувањето симулација за брзо напуштање на училишните објекти во случај на елементарни непогоди. Иако е честа констатација и постојат укажувања до училиштата, сѐ уште во мал број училишни објекти е обезбеден пристап за лица со телесни пречки, како во влезот на училишните згради така и во просториите и во тоалетите.

Извор: Државен просветен инспекторат

Слаби страни на училишна клима се тоа што училиштата не им обезбедуваат на учениците јасни, точни и најнови информации за можност за понатамошно образование, доусовршување или вработување. Исто така, училиштата недоволно соработуваат со деловната заедница и невладиниот сектор.

Инспекторите ги критикуваат училиштата и во однос на библиотеките. Секаде има простории што се наменети за библиотеки, но слабост е што библиотечната евиденција не се води во електронска форма и постои недостиг на лектирни изданија и стручна литература.
Неквалитетно се спроведува и менторството за наставниците-приправници. Иако во училиштата навремено се назначуваат ментори кои изготвуваат програма за работа, приправниците се најчесто оставени самостојно да работат. Менторите ја спроведуваат својата работа само при потпишувањето на потврдата за менторски стаж.

Извор: Државен просветен инспекторат

Кои се силните страни на училиштата?

Како дел од силните страни на училиштата ДПИ истакнува дека сите го планираат воспитно-образовниот процес согласно наставните планови и програми, најголем дел планираат и организираат воннаставни активности преку разни форми: секции, натпревари, како и предавања за антикорупција. Во училиштата има еднаков пристап спрема учениците од различна полова и социјална припадност, најголемиот број училишта се отворени за родителите и навремено ги известуваат за успехот и поведението на учениците, во училиштата постои добра интеракција меѓу наставник и ученик. Во поголем број училишта постои добра клима и работа на сопствена афирмација, организираат хуманитарни акции за ученици од социјално загрозени семејства.



912

X