Меѓународната манифестација за литература, уметност и култура „Планетопија“ годинава за најдобар расказ го избра „Нека играат децата“ на Денис Бојаров. Ви го пренесуваме расказот

Нека играат децата

Еден ден, пред да започне семинарот, дојде еден низок пријателски настроен човек. Учителе, дајте да ви ја бакнам раката, рече тој. Јас не се чувствувам пријатно кога ми бакнуваат рака, му реков, и го бакнав в образ. Се започна разговор меѓу нас:
– Зошто сакавте да ми ја бакнете раката?
– Учителе, пред три години присуствував на еден ваш семинар. Оттогаш ми се смени животот. По тој семинар семејството ми е посреќно и сакам да ви се заблагодарам за тоа. Затоа сакав да ви ја бакнам раката.
– Добро, но што и како се случило?
– Пред три години вие бевте со нас на дводневен семинар организиран од нашата фирма. На крајот од семинарот рековте: „Татковината на еден човек е неговото детство. Многу е тешко човек да биде среќен ако никогаш немал среќно детство. Најважната должност на една мајка и на еден татко е да му обезбедат среќно и безгрижно детство на своето дете.“
Некое време молчеше, како да сакаше да се сети на нешто, а потоа продолжи да зборува:
Дури и рековте: „Најважната задача на една нација е да им овозможи на децата да живеат среќно.“
Јас како татко, кога ве слушнав, си помислив: Дали јас како еден татко му создавам можности на моето дете да живее како дете? Сфатив дека вакво прашање никогаш ми се нема свртено в глава. Што правам јас, си помислив. Тоа што го правам јас мислам дека е истото што го прават многумина татковци. Мојот деветгодишен син се обидуваше да избегне да ме види кога се враќав од работа. Дали знаете зошто се обидувал да избега, учителе?
– Не, зошто?
– Затоа што кога ќе го видев, постојано му го поставував истото прашање: Сине, си ја заврши ли домашната задача денес?
Ме гледаше чудно, го избегнуваше мојот поглед, и велејќи „ц’к“ ми одговараше дека не ја напишал домашната. Се лутев, му зборував, го прашував зошто прави така…
Имаше постојани несогласувања меѓу нас. Се разбира, на крајот се расипуваше и мирот во целото семејство.
(Малку молчеше, како да сакаше да не се сеќава на некои спомени, како да се обидуваше да ги надмине, и потоа:)
Откако заврши семинарот, почнав да размислувам. Се прашав себеси: Каков татко сум јас?
Седев во автобусот од Скопје до Радовиш и цел пат размислував и потоа си реков: Да разговарам со сопругата, да донесеме одлука заедно. Да речеме дека ова дете ако сака, нека ја повтори годината и петпати, но нека го живее своето детство.
– Тоа е голема одлука.
– Да, така е, но оваа одлука ми ја успокои душата, учителе.
Ги снема мојата напнатост и тага, се почувствував опуштено. Кога дојдов дома, ѝ реков на мојата сопруга да седне и да зборуваме. Децата си легнаа по вечерата, а ние разговаравме. Ѝ го објаснив тоа што се зборуваше на семинарот и, конечно, ѝ реков што ми лежи на душа. Нашиот син, ако треба, нека ја повтори и петпати годината, но нека живее! Нека си го живее детството. Досега ние не направивме ништо посебно за тој да има убаво детство, не реагиравме како возрасни, го оставивме само да се снајде во детскиот живот… Ајде да направиме некои промени.
– Што рече вашата сопруга?
– Учителе, знаете ли што се случи?
– Што се случи?
– Мојата сопруга ме погледна вчудовидено и рече: Каков семинар е ова? Кој е овој човек? Можно ли е такво нешто? Нашите деца ќе си го живееле детството… Додека нашето дете си го живее животот, другите деца ќе научат многу работи и ќе напреднат! Не треба да го дозволиме тоа.
Разбирам. Како мајка не сака нејзиното дете да заостанува, се грижи. Но, учителе, јас не се откажав и продолжив да се борам. Секој ден, секоја вечер разговарав со сопругата до полноќ. На крајот од третата вечер ми рече: Добро, како сакаш прави!
– Значи, се откажа. Добро, а вие што направивте?
– Утредента си ги оставив тренирките и патиките пред врата и отидов на работа; Кога се вратив од работа, го погледнав син ми в очи и му реков: Сине, си играше ли денеска колку што сакаш? Тој ме погледна зачудено и рече: Не! Тогаш реков, ајде, ќе одиме долу и ќе си играме. Ги облеков тренирките и патиките и излеговме на улица. Преку прозорецот нè набљудувале и неговите другарчиња, па наскоро и тие излегоа на улица. Заедно си игравме сите. Бевме на улица од шест до осум навечер. Кога се вративме дома, бевме целите извалкани, па го однесов во бања и го истуширав. Почнавме секој ден да си играме по моето враќање од работа. Секој ден игравме… секој ден.

По седум-осум дена, додека го бришев со крпата, еден ден во бањата се сврти кон мене, и ми рече: Тато, те сакам многу. Учителе, ми се чини дека престанав да дишам, ми се наполнија очите, не можев да зборувам, грутка ми остана во грлото затоа што сфатив дека никогаш досега не ми рекол дека ме сака. Размислив и сфатив дека никогаш досега ми го нема кажано тоа, а можеби и цел живот немаше да ми го каже. Колку голема опасност, си помислив! Цел живот немаше да бидам свесен дека ми го нема кажано тоа.
– Значи, сепак сфативте… Ви честитам. Оваа ситуација во која сте се нашле е една тајна и скришна, но важна опасност што многу родители не ја сфаќаат!
– Имав чувство на благодарност, го избришав моето дете со крпа и продолживме да играме секој ден. Две недели подоцна, училиштето нè покани на родителски состанок. На претходните родителски состаноци наставникот рече дека нашиот син е мудро дете, но не обрнувал доволно внимание на домашните задачи. Ги малтретирал другите деца во класот, ги туркал, и наставникот нè замоли да разговараме со него. Нека обрне внимание на домашните задачи и да не ги вознемирува соучениците. Затоа и се плашев да одам на родителска средба. Кога стигна поканата, ѝ реков на сопругата да одиме заедно на средбата.
– Не, ти ќе одиш сам, нема да дојдам, рече.
– Вашата жена не сакаше да дојде…
– Не. Инсистирав, но не сакаше. Отидов сам. Мислев дека ќе бидам засрамен. Мислев дека сè се влошило уште повеќе. Конечно, сите родители го завршија својот разговор со наставникот и сега јас дојдов на ред. Пречекорив кон наставникот, погледна во мене, се насмевна и ми рече: „Што му направивте вие на ова дете?“ Го погледнав без да одговорам. „Ве молам, кажете ми што му направивте на ова дете?“ Многу ли е лоша ситуацијата, наставниче, го прашав. Тој се насмевна и рече: „Не, не е воопшто лошо. Веќе не ги малтретира соучениците, му се подобрија и домашните задачи, тој стана ученик како што посакував. Што му направивте на детево?“
– Веројатно, како еден татко многу ве усреќи една ваква вест…

– Учителе, знаете ли… Почнав да плачам пред наставникот. Не можев да поверувам што слушам. Внатре во мене одѕвонуваше мислата: Ах, сине, што ти направивме ние досега? Дојдов дома, мојата сопруга ме погледна в лице. Очите ми беа црвени од плачење. „Оф, толку ли е лошо?“, ме праша. И нејзе не можев да ѝ одговорам, учителе, и нејзе не можев. Плачев. И подоцна ѝ раскажав. Учителе, затоа сакав да ви ја бакнам раката… Ви благодарам. Го спасивте животот на мојот син и на мојата мала ќеркичка. Се врати среќата во моето семејство. Навистина, татковината на еден човек било детството. „Дојдете уште еднаш да ве прегрнам“, му реков на учителот. Се прегрнавме.
Да живееме за да се смеат децата, затоа што татковината на човекот е неговото детство. Пријатно, учителе. И поздравете ги сите слуги на детската насмевка.

Денис Бојаров е роден во 1987 година во Штип. Основното и средното образование ги завршува во Радовиш, а високото во ФЛФ „Блаже Конески“ – Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во последните петнаесетина години живее во Скопје и работи како преведувач од турски на македонски и обратно, држи приватни часови по македонски јазик на странци и е еден од авторите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Учествува на неколку книжевни читања и е добитник на повеќе награди, од кои најмногу се радува на првата награда и трофеј за поетската творба „Афродита“ на литературната манифестација „Охридијада“; Прва награда за најдобра поетска творба под наслов „Љубовта е најубава“ на поетската манифестација „Гордана Коцева“; Награда за убав стил на пишување поезија на литературната манифестација „Охридски бисер на поезијата“ и диплома за најдобар расказ под наслов „Нека играат децата“.



912

X