Односот меѓу родителите и наставниците често знае да биде затегнат или конфликтен. Причини за тоа има многу, а и многу се можните виновници

Даниела Ѓеркоска, одделенска наставничка во училиште во Скопје, вели дека проблемите секогаш може да се решат мирно и оти сите страни може да се потрудат за тоа. Она што е битно, според неа, е и наставниците и родителите да се слушаат меѓу себе и да си помагаат. Истакна пораки до родителите со чие прифаќање би се подобрил односот.

– Целта ни е заедничка. Растеме човек. Можеме сите да се потрудиме за коректен и љубезен однос – вели Ѓеркоска.

– Родители се расправаат со наставникот, а го држат детето за рака и тоа слуша. По ова треба да зборуваме за авторитет? Детето не треба да слуша и ако родителот и наставникот зборуваат за него, а не пак расправии.

– Кога зборувате погрдно за наставникот дома, не правете го тоа пред детето. Повторно станува збор за авторитетот, а дополнително, децата неретко го раскажуваат она што го слушаат дома и пред другите деца и пред наставниот кадар.

– И социјалните мрежи не се место за решавање на проблемите, а критизирањето личи на озборување. Секогаш можеме убаво да разговараме, да не го забораваме тоа.

– На наставникот ништо не му значат кафето и бонбониерата што ги праќате откако сте го навредиле, па сте сфатиле дека сте избрзале или не сте во право. Најдобро е до навреди воопшто да не дојде, а разговорите да бидат љубезни и човечни. Имаме заеднички интерес, воспитанието и образованието на вашето дете, кое треба да порасне во добар човек.

– На училиште не се носат играчки (освен ако не станува збор за краток период на приспособување на прваче).

– Гардеробата на ученикот и неговата фризура мора да се пристојни.

– Наставникот не го мрази детето, како што се толкува од одредени родители, кога ќе им посочи дека има потреба од дополнителна помош. Нема потреба од реакции како: „Кој си ти така да велиш за моето дете“. Ајде заедно да му помогнеме.

– Да ги отвориме срцата. Ако вие убаво со однесувате со луѓето и со децата со попреченост, тоа ќе го прават и вашите деца. Да ги прифатиме и да помогнеме.

– Хуманоста не секогаш мора да значи давање пари. Ако не сме во можност така да помогнеме, има многу други начини.

– Немојте да се залажувате со: „Мало е, затоа не почитува. Кога ќе порасне, ќе научи“ или „Мало е, затоа не сака да учи“. Заедно полесно можеме да ги научиме и да почитуваат и да учат правилно.

– Во училница ученикот сам треба да го внесе ранецот, да ги соблече јакната, шалот и капата и уредно да ги смести.

– Парк, продавница, пазар или ординација не се соодветно место за разговор за тоа дали детето е добар ученик. Секогаш сте добредојдени на училиште.



912

X