Прекумерното користење на технологијата, мобилните телефони, таблетите и компјутерските игри не оди во прилог на правилен развој на дете со АДХД. Наспроти тоа, треба да се стимулира интерес за спортување, вели Тасевска-Николовска

Нарушување во однесувањето придружено со недостиг на внимание, импулсивност и хиперактивност, повеќе познато како АДХД (Attention Deficit Hyperactivity Disorder), е состојба која не им е непозната и на родителите во Македонија. Редица знаци укажуваат на тоа дека детето може да го има ова нарушување. Доколку во период од шест месеци тоа не го промени однесувањето, тогаш му треба и стручна помош, вели Славица Тасевска-Николовска, лиценциран тренер за дислексија, дискалкулија и АДХД според методот на Рон Дејвис, дел од Здружението „Ајнштајн“. Последицата на ова нарушување е несоодветно однесување на детето уште во претшколската возраст.

Детето со АДХД често пати не може да го задржи вниманието на час или да ја заврши домашната задача. Тапкање со рацете и нозете, клатење на столчето или потребата постојано нешто да преметнува во рацете е честа појава кај дете со вакво нарушување, посочува Тасевска-Николовска.
– Неможноста да ги контролираат своите емоции и да ги препознаат емоциите на другите, прави овие деца тешко да се вклопуваат во средината. Иако тешко го задржуваат фокусот, особено при училишните активности, тие можат со часови да имаат одличен фокус за активности што им се интересни. Дете со АДХД често се чини дека не слуша кога му зборувате директно, не ги следи инструкциите и не ги завршува школските или работните обврски, лесно се вознемирува или го пренасочува вниманието кон надворешни дразби, нема чувство за опасност, не може да извршува бавни активности, постојано се префрлува од една активност на друга, постојано зборува и е екстремно љубопитно. Тие се сонувачи и имаат живописна имагинација. Често пати фантазијата можат да ја доживуваат како реалност – вели тренерот за АДХД.

Славица Тасевска-Николовска

Помалку време пред таблет

Се наметнува најважното прашање, како да им се помогне на децата во ваква состојба. Како и за многу проблеми, информираноста е клучна за да можат родителите да им помогнат на децата. Тоа ќе им помогне да ги препознаат симптомите.
– Одредени техники за подобрување на фокусот, организација на времето, како и техники за контрола на енергијата и емоциите би биле корисни за подобрување на состојбата. Прекумерното користење на технологијата, мобилните телефони, таблетите и компјутерските игри не оди во прилог на правилен развој на дете со АДХД, така што родителите би требало да најдат начин за намалување на времето што детето го поминува пред екран. Наспроти тоа, треба да се стимулира интерес за спортување. Доколку и покрај напорите што ги прават родителите за подобрување на однесувањето на детето нема ефекти, тогаш треба да се обратат за помош кај стручни лица за оваа состојба – посочува Тасевска-Николовска.

За шест месеци родителите можат да забележат симптоми

Како родителите да разликуваат дали детето е едноставно разгалено или си има поголема мака како што е АДХД?
– Има една битна разлика. Разгаленоста произлегува од начинот на кој родителите го воспитуваат детето, а недостигот на внимание со или без хиперактивност е вродена состојба со која детето се соочува. Доколку симптомите опстојуваат повеќе од шест месеци, тогаш е можно да се работи за АДХД, а сметам дека тоа е доволен период родителите да го преиспитаат начинот на воспитување на своето дете, кое има проблематично однесување – категорична е соговорничката.

Тасевска-Николовска работи според методот на Рон Дејвис, човекот кој врз основа на личните искуства и експериментирајќи на себе, ги открил причините за оваа состојба. Подоцнежните истражувања во кои биле вклучени стручни лица од повеќе области ја утврдиле точноста на претпоставките дека коренот на проблемите лежи во уникатниот начин на процесирање на информациите, објаснува Тасевска-Николовска.
– Лицата што се соочуваат со дислексија, дискалкулија и АДХД размислуваат доминантно со ментални слики, наспроти вербалниот начин на размислување и имаат природна способност да се дезориентираат. На овие принципи е всушност заснован третманот за корекција на наведените состојби, односно се работи со техники за контрола на дезориентацијата, за контрола на енергијата и фокусот, како и техники за добивање ментална слика за зборовите и ситуациите што лицето не може да ги замисли како слика – вели Тасевска-Николовска и додава дека овој метод е интензивен и се работи неколку дена во континуитет, а дава и одлични резултати, без користење лекови.
Таа смета дека не треба да се применуваат лекови во третирањето на АДХД, како што многу често се прави во американското општество.
– Лекарствата што им се препорачуваат на лицата со АДХД се најчесто лекови за подобрување на концентрацијата, но зошто тоа би го користело дете кое може да има концентрација со часови за активност што му е интересна. Освен тоа, тие медикаменти имаат многу несакани дејства кои можат да влијаат врз здравјето, развојот и врз вистинската природа на детето – поентира Тасевска-Николовска.

Истражувањата покажуваат дека АДХД е трипати позастапено кај момчињата отколку кај девојчињата, а симптомите се намалуваат со возраста.

– Симптомите на АДХД многу често се манифестираат како непристојно однесување, пркос или неправилно воспитување, па често се случуваат обвинувања меѓу наставниците и родителите. Секако дека детето нема да има никаква корист од тоа – објаснува Тасевска-Николовска.

– Наставниците треба внимателно да ги користат техниките за мотивација на хиперактивните деца, да создадат релаксирана и смирена атмосфера во класот и да ги пренесуваат знаењата на креативен и интересен начин. Редовна комуникација со родителите е неопходна ако детето има несоодветно однесување. Сметам дека наставниците не се доволно упатени за оваа состојба, па така, реакциите кон хиперактивно дете не се секогаш соодветни. Затоа, неопходни се обуки за наставниците за тие да можат да ја препознаат природата на состојбата. Не можеме да очекуваме од наставниците на кој било начин да им помогнат на учениците доколку ним не им се помогне да научат како да се справуваат со секојдневните предизвици што произлегуваат од различни потреби на учениците – посочува таа.

Децата не се свесни за проблемот

Таа ни објаснува дека токму со метод на Рон Дејвис се пристапува кон отстранување на причините поради кои постои оваа состојба.

– Коренот на проблемите е во спонтаната дезориентација што ја доживуваат и која се појавува често и е подолготрајна за разлика од дезориентацијата кај дислексичарите. Додека кај дислексичарите дезориентацијата е предизвикана од пишаните симболи, кај АДХД таа е најчесто предизвикана од некоја емоција. Досада, страв, љубопитност и збунетост се некои од емоциите што може да го дезориентираат лицето. Многу е важно да се воспостави добра релација меѓу тренерот и детето и задолжително да се извлече мотивот за промена на однесувањето. Вообичаено децата со АДХД не се свесни дека нешто не е во ред со нивното однесување и најчесто тие не сакаат да се менуваат. Задача на тренерот е со еден поинаков пристап да го издејствува мотивот за промена – посочува таа.

Првиот дел од програмата се состои од техники со кои клиентот добива можност свесно да ја контролира дезориентацијата, нивото на внатрешната енергија и техники за ублажување на стресот.

– Откако ќе го доведеме детето во ориентирана состојба, почнуваме да го учиме на основните животни лекции: промена, последица, причина, пред, потоа, време, редослед и ред се концепти за кои АДХД-лицата имаат изградено погрешна претстава во моментите на нивна подолготрајна дезориентација во раното детство. Преку моделирање со глина на наведените концепти го менуваме сфаќањето на детето за овие поими, кои се неопходни за промена на однесувањето. На крајот од програмата се моделира реална неповолна ситуација во која клиентот согледува дека треба самиот да го промени однесувањето. Тренингот е интензивен, од 5 до 10 дена во зависност од можностите на детето – објаснува нашата соговорничка.

Овој метод е еден од ретките што даваат резултати за краток временски период без употреба на лекови и затоа повеќе е интензивен тренинг отколку терапија. Главниот ефект се состои во тоа што децата учат да ја преземаат одговорноста за своето однесување.

– Преку моделирање непожелна ситуација осознаваат дека не секогаш другите се виновни за одредени непријатни ситуации и дека тие самите треба да променат нешто во своето однесување. Учат и тоа што е ред, концепт со кој не биле запознаени претходно или имале поинакво разбирање што тоа претставува. Особено корисна е алатката за контрола на енергијата со која тие го забавуваат нивниот внатрешен часовник, кој се движи многу побрзо од вообичаено. Со совладување на животните лекции се подобруваат социјалната интеракција и академските способности на детето, што е, всушност, и цел на овој тренинг – додава таа.

 

 

 



912

X