Само што ја отворам книгата, ја ловам првата реченица и журката почнува. Едното: „Мамоооо, жеден сум!“ Другото: „Мамо, водата ми е студена!“ Третото: „Мамо, ми се мочка!“ Тогаш сфаќаш дека слободно можеш да тргнеш на одмор без книга, па ти ја имаш приказната пред себе

Лето. Годишно време кое има многу предности и убавини. И треба да уживаме во него бидејќи поминува за миг. А летувањето е јаготка на шлагот. Го очекуваме со нетрпение, планираме што ќе правиме, што ќе носиме, што дополнително ќе прочитаме, колку ќе спиеме (генералната потреба на секој родител), како ќе уживаме… Или поедноставно – како ќе ги наполниме батериите по напорните работни денови.

Дијана Станчевска

Кога бев дете, едвај го чекав летниот распуст за бесконечно да ги освојувам маалските улички, да се кријам со другарчињата, со баба и дедо да се капам во реката близу викендичката. Сега сè е поинаку, но секое детство е волшебно, а тоа го заслужуваат нашите деца. Нормално, и моите три.

Неодамна прочитав дека летувањето со дете не е одмор, туку само родителство на различно место. Не дека не сум го заклучила тоа досега, само вака не сум го срочила. Па си велам, вистината може и да е поинаква, ако поинаку ги прифатиш работите. Батерии полнење мора да има!

И почнуваме. За патување со деца на одмор мора да се истражи местото каде што одите, плажите, сместувањето, храната… Па потребна е и претходно подготвена стратегија, оти сите колку-толку ги знаеме желбите на децата. А кога е одмор, ред е да се исполнети. Нема да броиме сладоледи, ниту смоки, ниту бонбони, стоперица на плажа не носиме и секој може да се бања додека не помодри или додека не му се збрчкаат прстите. А свирче, е свирче може не е лоша идеја, иако ја отфрлам од старт. 🙂

Годинава одбравме тивко место на море во кое нема ноќни клубови од кои трешти музика до ниедно време наутро, а има преубави песочни плажи, нема големи бранови, нема медузи… Листа, знам.
Патот дотаму го поминавме со милион исти прашања: уште колку, блиску ли сме, на плажа кога ќе одиме, во што ќе се бањам…
А до плажа? Со сопругот носиме 3 сета кофички со лопатки, 3 пара мускули, пешкири за лежење, пешкири за бришење, крем со заштитен фактор 50, па грицки, кутија со овошје, вода, понекое сокче… И за мене, секако, книга. Ако успеам да украдам време и да прочитам некоја страница. Само што ги спаструвам со сите редови, го тргам бележникот, ја ловам првата реченица и журката почнува. Едното: „Мамоооо, жеден сум!“ Другото: „Мамо водата ми е студена!“ Третото: „Мамо ми се мочка!“

Тогаш сфаќаш дека слободно можеш да тргнеш на одмор без книга, па ти ја имаш приказната пред себе. А денот штотуку почна. Имав чувство тие денови дека само ние се слушаме на плажа.

Излежување за мене и сопругот немаше – тоа го замениме со градење песочни замоци, копање канали, правење езерца во песок, а и понекоја торта. Деновите одминуваа, а децата уживаа во морската вода, собираа школки, каменчиња, гледавме изгрејсонце… Немаше потреба да ги ставам розовите очила. Компензирав радост со одмор. За спиење, ќе поспијам веројатно кога ќе бидат тинејџери, што велите? 🙂 А за читање, секако, наоѓам време пред спиење. Сон – па тоа е преценета состојба, вели родителската утеха.
Патуваме назад и си велам: што е одмор, зависи од тоа како ќе го дефинираме. Па и не мора да е излежување и спиење. Нека е и детски џагор. За мене, дефинитивно е уживање секој момент поминат со моите деца. Времето поминато заедно засекогаш ќе го паметат, а јас на моменти знам и да се расплачам на спомените, од радост.

Автор: Дијана Станчевска



912

X